Продукт на последната соработка меѓу реномираниот режисер Џузепе Торнаторе и познатиот композитор Енио Мориконе е комплексниот мозаик од необични случувања, детално осмислени ликови, уметнички дела, длабоки чувства и одлична музика – филмот „Најдобрата понуда“ (La Migliore Offerta). Централен лик во филмот е Вирџил Олдман (Geoffrey Rush) – мизантропски настроен дилер на уметнички дела во своите 60-ти години, кој потајно е опседнат со женската убавина и нејзиното прикажување низ различни периоди на уметноста. Тој цврсто верува дека се може да биде фалсификувано, иако секој фалсификатор остава свој печат кој ја открива автентичноста на делото.
Приказната почнува кога младата Клер Ибетсон (Sylvia Hoeks) ќе му понуди да ја процени вилата која таа ја наследила од нејзините родители. Вилата е преполна со антиквитети и вредни уметнички дела, но не е вистинската причина поради која Вирџил ја прифаќа понудата. Магнетската привлечност и големата мистерија со кои се обвиткани животот и појавата на Клер се она што го тера да ја прифати нејзината невообичаена понуда. Нивната сличност е непобитна – тој се плаши од допир со луѓе, таа од отворен простор; тој е опседнат со уметнички дела; таа со книги. Па така, оваа навидум случајна соработка е основата на која се гради дејствието на филмот.
Врската помеѓу Вирџил и Клер доживува многу подеми и падови, моменти на тотална агонија и среќа, се поради упорноста на обземениот Вирџил. Торнаторе одлично си ја завршил работата, давајќи и на публиката доволно време за да сочувствува со ликовите. Следува драстична промена: Вирџил ја запросува Клер, гради длабоки пријателски односи со неколку ликови во филмот (младиот Роберт – Jim Sturgess и долгогодишниот соработник во „матните“ зделки Били – Donald Sutherland). Вирџил дури решава и да се откаже од својата работа, за да и се посвети на Клер и животот со неа.
Во моментите кога голем дел од публиката го очекуваше „среќниот крај“, се случи спротивното – шок кој засекогаш го промени нивниот поглед на дотогашните случувања во филмот. Расплетот е мајсторски прикажан во 2 паралелни линии секвенци – едната го објаснува ужасното откритие, другата го прикажува животот на Вирџил по него.
„Најдобрата понуда“ е еден од оние повеќеслојни филмови, за чие вистинско доживување е потребна емоционална вклученост и „будно“ следење на случувањата на големиот екран. Иако на прв поглед изгледа дека суштината на филмот е клише романтична приказна, филмот има и помрачна страна која се одвива паралелно со неа. Музиката на моменти ја доловува приказната дури подобро и од актерите, па може да се рече дека и таа самата „игра“ значајна улога во филмот. Општо гледано, „Најдобрата понуда“ е филм со интересна приказна, низа неочекувани пресврти и детално осмислени ликови во кои секој човек може да препознае барем парче од себеси. Токму тоа ја прави големината на филмот.
Јована Ѓорѓиовска