На првата вечер од 33-то издание на Скопскиот џез фестивал во Универзалната сала, публиката имаше можност да ги проследи настапите на Youn Sun Nah Duo и Terri Lyne Carrington’s Money Jungle. Вечерта беше надополнета со одличниот кабаре настап на Obara International во City Hall.
Со почетокот на настапот на Youn San Nah и Ulf Wakenius, публиката беше топло изненадена од искреноста и срамежливоста на пејачката, која ја поздрави публиката кажувајќи на македонски „Многу сум среќна што сум тука со вас“. Тие го отворија својот концерт со две меланхонични и нежни песни кои се надоврзаа на интимната и срамежлива жичка која што се продираше низ целиот нивен настап. Наеднаш, на третата песна, публиката беше вчудоневидена (и вчудонеслушната?) со извонредните гласовни способности на Youn San Nah, која што заедно со Ulf, преминаа во нивната фанк-џези персона. Таа покажа зошто ја нарекуваат музички инструмент којшто е далеку повеќе од само една обична пејачка. Нејзините вокални способности патуваа низ спектрумот на нежност и повлеченост, низ детска разиграност во разновидните тонови, па се до комплетно ослободување на бесот од себе. Брзината и прецизноста на трзање на жиците на Ulf е толку комплицирана и совршена, што можеби можете да ја сретнете само кај најдобрите метал гитаристи. Дуото покажа магична синхронизираност, каде што Ulf беше задолжен за воспоставување на брзината и бојата на музиката, а Youn San Nah ги „возеше“ композициите, употребувајќи ги сите звуци кои може да ги произведе нејзиниот глас (дури и звуците на ветрот).По нивниот настап, следуваше џунглата на Terri Lyne Carrington, која заедно со нејзиниот бенд успеаја да ја однесат публиката во класичните води на џезот и блузот, надополнет со секакви влијанија. Aaron Parks на пијано беше задолжен за модернизирање на композициите на џунглата, додека Antonio Hart на дувачки инструменти го даваше класичниот елемент на нивната музика. Zach Brown буквално го владееше контрабасот за времето на овој настап, ослободувајќи се комплетно, водејќи ја атмосферата и ритамот на се што свиреа. Оваа џунгла на Terri Lyne Carringon, која што на тапани целосно го заокружува овој бенд, со одличната способност на „диригирање“ на настапот, давање простор на секој индивидуалец од бендот да блеска, беше потврда за бројните награди кои ги има овој бенд.
Во вториот дел од вечерта, публиката ја имаше честа да го проследи настапот на полско-шведскиот бенд Obara International. Бендот е воден од Maciej Obara, кој ја демонстрираше својата неверојатна умешност со саксофонот. Тој за време на настапот одлично се вклопуваше во „избегувањата“ во acid jazz на неговите соработници, а покажа и одлично знаење да го погоди точниот момент кога да го врати настапот во збунувачки кохезивниот хаос на нивните композиции. Dominik Wania на пијано во неговите соло моменти патуваше низ нови нивоа на џез изразот, со толкава посветеност и внесеност, што на моменти се чинеше како да не е свесен дека позади него ужива полна сала на гости. Басот го имаше Ole Morten Vagan, непрекинато танцувајќи во ритмовите кои ги споделија со нас оваа вечер, играјќи си од длабоки бас линии и насилно џез-фанк „џемање“.
Оваа вечер, Gard Nilssen беше најопуштениот гостин во City Hall, водејќи го ритамот на сите песни и успевајќи да остане во истите кул манеризми дури и кога текот на музиката го бараше секој мускул потребен за свирење тапан. Настрана од недостатокот на чад од пури и коцкарски маси, Obara International успеаа да ја телепортираат публиката во едно безвременско џез кабаре.
Н.М.