Со отворено студио, дискусија, концерт и журка, Радио МОФ во четврток, на 22 февруари, ќе го прослави својот седми роденден. Настаните за роденденот ќе се одржуваат во студиото на Радио МОФ и во Центарот Јавна соба.
Роденденската прослава ќе ја започнеме во 10 часот со отворена програма во Радио МОФ и видео стрим. Оние кои поминале низ малите четири ѕида на радиото знаат дека има анегдоти, приказни, шеги, но и многу добри емисии. Затоа, тие кои биле дел од нашето радио некогаш, но и водителите кои вредно работат на нови емисии, ќе бидат дел од отворената програма. Новинарите ќе бидат водители, а водителите гости.
Во 13 часот продолжуваме со серијалот „На Час“ на тема: Сексуалното образование во училиштата – желба или реалност? Емисијата „На час – Кренете два прста за подобро образование“, во која гостите зборуваа за различни теми од образованието во Македонија, е еден од успесите на Радио МОФ. Затоа, роденденски решивме да посветиме една епизода на сеопфатното сексуално образование, кое повторно го нема во Стратегијата за образование 2018-2025 година.
Роденденската прослава вечерта продолжува со концертот на младите „Roma Rock School“. Учениците од основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари ќе настапат во Јавна соба со својата уникатна музика. На роденденот на Радио МОФ, тие ќе покажат како звучи рок музиката со примеси на ромската музика. Ова е втор нивен настап во живо.
Roma Rock School има за цел децата Роми и младинци од останатите ранливи групи да се вклучат во вон-наставна активност, која значи музицирање на инструментите кои им се омилени и за кои поседуваат талент, а со тоа да се стекнат со музички знаења и вештини преку свирење во бенд. Нивна цел е учесниците да го сплотат традиционалниот ромски мелос и мелосот на останатите етнички групи во Македонија, со рок, џез, блуз и останати музички правци во период од 12 месеци.
Забавата ќе продолжи со D’s Sensation, каде нè забавуваат Добре и Давид со својот фанк и соул ДЏ сет.
Истовремено отворена ќе биде и караоке соба во Јавна соба, за оние кои сакаат да пејат, намест да слушаат како другите пејат. Ние ќе обезбедиме листа на „cheesy“ песни кои се прифатливи само за на караоке, чудни перики, очила, пердуви и останати реквизити.
Во изминатите седум години, многу нешта се случија и за многу нешта известувавме. За гостите на нашиот роденден ги издвоивме десетте најчитани стории напишани од новинарите на Радио МОФ, како и селекција од репортажи, музички настапи и кратки документарци кои биле најгледани во изминатите години.
Слушајте Радио МОФ, а ние ве чекаме во Јавна соба!