Радио МОФ со Временските патници на „Аква парк фест“

Поминаа неполни два дена, ги собравме искуствата од посетителите на „Аква парк фест“,  кој ја отвори летната сезона во Македонија. Преку соодветен хронолошки објективен пристап, ќе пробаме да го доловиме фестивалот на несреќните или обичните смртници кои не беа присутни.

Радио МОФ со Временските патници на „Аква парк фест“

12:00 Лесен пат од Скопје до Пробиштип, како за оние со автомобил, така и за оние кои одлучија да го искористат организираниот превоз.  Времето како порачано,  од метеоролошки аспект, културолошкиот аспект би кажале подзастанато, но романтичарски гледано се најдовме во прекрасен златен крај од Македонија зачинет со убав чист воздух… Одиме на жур!

14:00 Очекувано беше да биде присутна повеќеилјадна публика, земајќи ги предвид имињата кои настапија на фестивалот и просторот предвиден да ги собере, но слабо кој беше информиран дека паркиралиштата кои беа поставени на фудбалски терени, се наплаќаа.  За волја на вистината си помислив: доколку си спремен да патуваш со сопствен автомобил, би имал да одвоиш и 200 денари за 48 часовно обезбедување, но во секој случај оваа информацијата е многу важна. Се паркиравме и -право кон Аква паркот. Попат наидовме на локален металец кој го има посетено Download фестивалот во Велика Британија, ги сподели неговите фестивалски искуства, ги спореди со локалните фестивали, притоа ни кажа пократок пат меѓу локалните куќички, за да не кружиме цел километар од паркинг-плацот до влезот на фестивалот. Се беше во ред со приемот,  акредитираните очигледно си имаат убави времиња на вакви настани, на прв поглед ништо не можеше да биде лошо.

Посетителите на фестивалот беа фокусирани околу базените и околу одличните изведби на сите кои настапија. Најсериозно, замерка за озвучувањето и настапите нема. Насмеани лица, разиграни млади, нешто ми фалеше во тој момент, но за да се стигне до тоа, куповната моќ мора да се претвори во бонови. Неорганизираноста околу делењето на бонови  и релативно скапиот ценовник = збунети фаци и гужва на шанк. Ние како млади имаме добра волја, го проголтуваме ова прекршување на сликата која ја имаме за фестивали и одиме понатаму.

Радио МОФ со Временските патници на „Аква парк фест“

18:00 Време за јадење. Додека фестивалот се префрлуваше од аква-паркот кон главната сцена, решивме да го задоволиме апетитот во центарот на градот. Фатени на изненадување, гостопримливите пробиштипјани потфрлија и во овој дел од целата манифестација, земајќи ја големината на фестивалот. Гостите чекаат по повеќе од половина час за своите нарачки, нови менија, скоро испечатени, незадоволителен квалитет на оброкот, проголтуваме со чашка ладно пиво.

20:00 Паркинг журка, музика од секој втор автомобил, луѓе џускаат, полека се спремаат за главните ѕвезди на втората и последна ноќ во Пробиштип. Сретнавме многу познати фаци кои го користеа кампот за преноќиште. Велат, ги излажале, поволностите наведени во програмата скоро и да ги нема. Место топол – ладен оброк, а доколку сакате да внесете барем лепче, не смеете. Ах нашата чудна фестивалија. Разбирливо, огромен зафат, огромни имиња кои треба да си го земат она за кое дошле. Пивото, друштвото и насмеаните лица го градат карактерот на вакви манифестации, па овие ситни детали се забораваат. Но, еден важен дел од целото поставување ме загрижи. Десно од главната сцена беше поставен видео-бимот на кој беше пуштен директен пренос од финалето на Лигата на шампиони во фудбал. Можете да си замислите кога  почна натпреварот, веќе свиреа Foolish Green, а по нив и SMUT, кои шеговито на секоја пауза ги прашуваа посетителите на фестивалот колку е резултатот.

Радио МОФ со Временските патници на „Аква парк фест“

00:00 Прекрасни настапи од сите изведувачи, а Баерн е нов шампион во Европа. Дојде време за електро зезање и подготовка за Paul Van Dyk, за кој нон-стоп се шушкаше како немало да дојде и deka гледал финале на Ибица и дека би можело да се постави видео-бим на кој ќе биде пренесуван негов настап од друго место. Џабе дрндање – стигна 02:00 по полноќ и се појави маестро Van Dyk. Неговото појавување излезе како делумно изненадување за неговите фанови и фановите на електронската музика, па и сите кампери и посетители на Аква Фест. Донесе ултрапозитивна енергија, која правеше да изгледа како да ќе остане врз миксетата цел ден и ноќ и сите ние заедно, со рацете високо кренати кон него. Крајот го краси делото. Обезбедувањето беше на високо ниво и луѓето задолжени за благосостојбата на посетителите беа многу фер и не се однесуваа онака како што сме искусиле или чуле на ваквите манифестации.

05:00 Van Dyk ги поздрави фановите со „Time of our lives“ и замина кон следната дестинација. Се симнавме назад кон паркинг – плацот, насмеани и “мртви“ уморни, но морам да кажам сладок замор за кој ми требаа три саати одмор, една шоља кафе и домашно сендвиче со мортадела, за да се фатам за воланот. Исполнет со позитивна енергија, но и доста разочаран од константноста на недоволно организираните фестивали во мојата чудна земја.

 

Дарко Андреевски

 

Дарко Андреевски, Временски Патници на Радио МОФ