Радио МОФ станува дел од Young Media Network

Во Белград се одржа основачкото собрание на Young Media Network, меѓународно здружение на младински медиуми и медиуми за млади, каде се вклучува и Радио МОФ.

Young Media Network доби свој управен одбор и наредниве денови треба да биде и официјално регистрирано. Засега во здружението влегуваат медиуми од Србија, Црна Гора, Босна и Македонија, а целта е Young Media Network да расте и пошироко. Односно, медиумите и новинарите на регионално ниво да се здружат и да создаваат теми од интерес на младите, да си делат информации, искуства и материјали, а притоа заедно во јавноста да ги застапуваат предизвиците на младинските медиуми.

Youth Media Network досега функцонираше преку регионални средби, состаноци, работилници. Изминативе месеци новинари од различни медиуми се споија да направат прекугранични стории – Радио МОФ и српското ОРадио работеа на инклузивните хорови од Скопје и Нови Сад, но истовремено произлезе и интервју-подкаст со Билјана Димитрова од „Колектив Ветерница“ и „Партизанска штампа“.

Општеството вели не можеш и не треба – ние велиме можеш и треба!

Young Media Network беше промовирана пред пошироката јавност на Brave New Media Forum (BNMF) во Белград. Се работи за форум каде се вклучени над 50 говорници од 20 земји, т.е. собир со панели и сесии на медиумски работници и активисти од Западен Балкан, Источна Европа и одсекаде од светот.

Фокусот е на борбата против дезинформациите, прикажување иновативни практики за заеднички проблеми, но и јакнење на професионалното новинарство и на регионалната соработка на младинските медиуми.

„Со Young Media Network сакаме да му покажеме на светот што можеме да направиме. Мислам дека најважна задача на тимот е да создадеме цврсто тло, професионална клима и креативен простор за идните генерации, за секој што ќе реши да се приклучи на Young Media Network. Во оваа прва година ќе имаме многу работа, но ова е само почеток. Ќе треба да направиме чекор напред и ги прикажеме нашите приказни на светот“, рече Јелена Божиќ, претседателката на управиот одбор на Youth Media Network.

Членовите на управниот одбор на Young Media Network на BNMF, фото: Дојче Веле Академија

Според Божиќ, оваа мрежа претставува место за млади и луѓе што сакаат да објавуваат содржини за млади, за да поттикнуваат нови наративи на поинаков начин, нешто креативно на ,,својот јазик”.

„Тоа е првичниот чекор. Треба да ги следиме младите луѓе. Да го следиме нивниот јазик, да зборуваме со нив на тој јазик. Исто така, треба да излеземе од таа ‘кутија’ дека сме медиуми на локално или национално ниво. Идејата е да покажеме дека заедно сме посилни, дека Х знае нешто што јас не знам. Таквите промени се најважни“, посочи Божиќ.

Во склоп на Brave New Media Forum се одржа и „Deep-dive“ сесија со медумите што влегуваат во мрежата. Радио МОФ имаше можност да ја раскаже приказната за нашиот медиум што стартуваше во 2011 година, во еден стан близу Државната болница, а потоа и во мала неуредена подрумска просторија во куќа во скопска Кисела Вода.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Присутните слушнаа како ентузијасти од МОФ, поттикнати од општата апатична ситуација и „скржавоста“ на традиционалните мас-медиуми да дадат простор за младите, отворија платформа за дискусии, за аудио и видео емисии. За теми поврзани не само со младите, туку и пошироко за креативната, алтернативна и маргинализирана заедница.

Таквиот отворен и активистички пристап со време се надоградуваше, се вклучуваа млади, но и професионалци новинари што потоа медиумот го издигнаа на повисоко професионално ниво. Од една навидум наивна идеја на ентузијасти, Радио МОФ стана мултимедијална платформа признаена од локалната заедница, наградувана од новинарските здруженија и меѓународни организации, и вброена меѓу 30-те највлијаниелни медиуми во дата-базата на БИРН во Македонија.

Бојан Шашевски