Со проекција на италијанската драма „Раката на Господ“ од Паоло Сорентино на 19 август во Битола ќе се отвори 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
„Годинава, на ИФФК ‘Манаки’ ќе имаме неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали. Годинава ќе го имаме Ентони Дод Ментел, директорот на фотографија и кинематографер како што биле браќата Манаки. Соработувал со одлични режисери, номиниран за Оскар, и тој е првиот кој добил Оскар зашто снимил филм со дигитална камера. Тоа е нашиот лауреат за животно дело“, се вели во соопштението од денешната прес-конференција на која беше соопштена и годинешната програма на фестивалот.
Меѓународниот филмски фестивал ќе се одржува на три локации, во Домот на култура каде ќе се емитува главната програма, киното Манаки што ќе биде наменето за документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса која ќе биде отворена за „Мак корнер програмата“.
Филмови селектирани во програмата Камера 300 се:
- „Триаголник на тагата“, 2022 година, шведско-француско-британско-
германска копродукција, во режија на Рубен Ослунд што годинава ја доби и наградата Златна палма на Канскиот фестивал; - „Алкарас“, 2022 година , шпанско-италијански филм во режија на Карла Симон, добитник на Златна мечка 2022 на Берлинскиот филмски фестивал;
- „Вози ја мојата кола“, 2021 година, јапонски филм во режија на Рјусуке Хамагучи, филмот е добитник на над 70 награди, меѓу кои и Оскар за најдобар интернационален игран филм;
- „Eо“, 2022 година, полско-италијански филм во режија на Јержи Сколимовски;
- „Мајка и син“, 2022 година, француски филм во режија на Леонор Сераије;
- „Римини“, 2022 година , германско-австриски филм во режија на Улрих Зајдл;
- „Снежана на крајот умира“, 2022, македонско-кипарски филм во режија на Кристијан Ристески;
- „Мими“, 2022 година, македонско-хрватско-црногорски филм, во режија на Даријан Пејовски;
- „Од рајот“, 2021 година, српско- хрватско-црногорско-
словенечко-македонски филм, во режија на Срѓан Драгојевиќ; - „Чичко“, 2022 година, хрватско–српски филм, во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ;
- „Осум планини“, 2022 година, белгиско-италијански филм, во режија на Феликс ван Гронинген и Шарлот Вандермерш;
- „Блиску“, 2022 година, белгиско-холандски филм во режија на Лукас Донт што годинава на Канскиот филмски фестивал ја доби наградата Гран-При на жирито.
Документарната програма ќе има 10 документарни филмови во селекција на режисерката Марија Апчевска:
-
„Деновите без“
-
„Суштество“
-
„Варшава“
-
„Последниот траект од островот ‘Грас’“
-
„Цреши“
-
„Мемоарот на непредвидливата бура“
-
„Ластиче за коса, јајце, домашна работа“
-
„Труби на небото“
-
„И покрај сѐ“
-
„Само ѓаволот се плаши од вода“
-
„Ноќна светлина“
-
„Баскет“
Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека годинешното жири е во состав на Маја Богоевиќ, филмски критичар од светско реноме и професорка на црногорската академија за филм, Јелена Станковиќ, од филмот „As far as you go“, како и Мариса Созен, најпозната турска актерка, ѕвезда на филмот „Зимски сон“ и еден од кинематограферите кои работеа на филмот „Медена земја“. Оттаму велат дека на годинешното издание најверојатно ќе присуствува и кинематограферот на „Гладијатор“, на „Икс мен“, Џон Метисон.
Во селекцијата на студентски филмови од Ѓорѓи Пулевски влегуваат еден македонски филм од Факултетот за драмски уметности Скопје, пет балкански филмови од Словенија, Грција, Косово и Хрватска и другите филмови се од остатокот од Европа од реномирани филмски академии во Англија, Виена, Прага, Минхен и други.
За „Офф-програмата“ која е локална придружна програма на иницијатива на Општина Битола најавени се секојдневни изложби на раритети од колекционери кои ја раскажуваат фото и филмската историја на Битола, музички настани во духот на филмската музика, танци и анимации, како и манифестацијата „живи слики“ од архивите на Манаки.
„Сакаме да покажеме дека Битола е град во кој се роди филмот и дека тоа е чувство кое е дел од колективната меморија. Креиравме автентична програма која има намера да покаже дека Битола го сака фестивалот. Ќе има ретки колекционерски изложби на кои ќе бидат презентирани фотоапарати, камери и документи врзани со филмскиот живот на Битола. Млади таленти преку работилници ќе се усовршуваат во правењето на филм“, порача Тоше Ивановски, уредник на „Офф-програмата“.
Програмата „Наследниците на Манаки“ продолжува и годинава кога за прв пат ќе биде презентирано семејното наследство на познатиот „Фото УНИ“, добитник на Оскар за фотографија за најдобар фотограф на САД во 1965 година.