Ректоратот на универзитет „Св. Кирил и Методиј“ се поднови со нов автомобил, кој чини 64 000 евра, јавува телевизија Алфа.
Барем во следните пет години, Ректорот но и четирите проректори и генералниот секретар на универзитетот ќе се возат во нов Мерцедес од Е-класата. Договорот за оперативен лизинг е објавен денеска на бирото за јавно набавки, а бил склучен неколку дена пред Нова година. Според првиот човек на скопскиот универзитет, проф. д-р Велимир Стојковски, не се работи за луксуз туку за потреба.
– „ Новото возило е иста марка и модел, мерцедес е класа како и претходното кое е старо 13 години. Тоа возило постојано има технички проблеми веќе две години и потребен е голем ремонт кој финансиски не е исплатлив. Набавката на вакво возило беше влезено во планот за јавни набавки уште во 2011-тата, па се префрли во 2012-тата. Потреба имаше подолго време, но сега се создадоа услови“- изјави за Алфа ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски
Според Стојковски, набавката не оди на штета на државниот буџет. Новиот автомобил ќе го платат од сопствени, односно средства кои ректоратот ги добива од разни услуги.
Според информации на АЛФА, и другите ректорати на државните универзитети не заостануваат многу зад скопскиот. Сите го имаат подновено возниот парк во последниве две- три години.
Само за споредба, со нови возила изминатата година се поднови и Владата. За дел од министрите и странските делегации беа одбрани фолксвагени од моделот „пасат“ кои чинеа двојно поевтино од новото возило на скопскиот ректорат, односно по околу 30 000 евра.