Илјадници раселени Палестинци утрово почнаа да се враќаат во северниот дел на Појасот Газа, изјави претставник на Министерството за внатрешни работи на Хамас, јавува Радио Слободна Европа.
„Раселените Палестинци почнаа да минуваат низ западниот дел на контролниот пункт Нецарим кон градот Газа и северниот дел на Појасот Газа“, изјави за агенцијата Франс прес неименуван палестински функционер.
Голем број Палестинци се собраа за време на викендот, чекајќи да поминат низ контролниот пункт од седум километри контролиран од Израел кој го отсекува северниот дел на Појасот Газа од остатокот на територијата. Израел ги спречи Палестинците да минуваат откако Хамас не ослободи заложник, а потоа беше постигнат договор за четвртокот.
Милитантите на Хамас, група која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка, во саботата предадоа четворица израелски војници држени во Појасот Газа, а Израел за возврат ослободи 70 Палестинци од затвор како дел од договорот за прекин на огнот кој стапи на сила минатата недела.
Тој ден, во првиот круг на размена, три млади Израелки беа ослободени во замена за 90 Палестинци кои беа во израелските затвори.
Во првата фаза од прекинот на огнот кој ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1.900 Палестинци од израелските затвори.
Во војната на Израел против Хамас во Појасот Газа загинаа повеќе од 47.280 Палестинци, според здравствените власти на палестинската територија.
Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и беа киднапирани околу 250 луѓе.