#РаскажиМи: „АРХИВСКИ НАЗИВ: ТРЕМОР“ од Калина Велковска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „АРХИВСКИ НАЗИВ: ТРЕМОР“ од Калина Велковска. Расказот доби пофалба на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.

Конкурсот беше за прв пат беше распишан во 2022 година, а во 2023  објавени беа добитниците на трите наградени раскази, како и три млади автори кои добија пофалба. Во следниот период, преку #РаскажиМи, ќе ги објавиме пофалените и наградените раскази.

АРХИВСКИ НАЗИВ: ТРЕМОР

Маглата е средство за мистерија и непознати преносители на страв. Кога живееш во Скопје во зимско време, се навикнуваш на тоа чувство на претскажување, шетајќи се навечер, кога е најгустата магла, и гледаш пред себе, речиси како нешто да ќе ти рипне и ќе те изглода како смртољубив волк. Бев со двајца другари, седевме во едно од оние дрвени замочиња во надворешните детски игралишта. Сѐ околу нас беше нијанса на сива, секоја улична светилка се претставуваше себеси како далечна ѕвезда во космосот, која не може јасно да се види, а сепак е морничаво блиску. Не сакам такви компарации. Некои објекти во универзумот се толку несфатливо големи што… не сакам ни да мислам на тоа. Нема врска. Седевме, им кажав дека пред некое време почина Тудо, Фортитудо… моето кученце.

– „Треме, како помина последниот состанок со д-р Инсомнио ?“

– „Како секогаш. Само чекам да помине времето. Уште неколку состаноци имам и не морам веќе да одам.“

– „Навистина ништо не ти помогна? Па, доктор е.“

– „Не. Не ми помогна. Понекогаш мислам дека само ми ја влошува ситуацијата“.

– „Ај нема врска. Треме уживај. Ќе ти пројде.“

– „Ви се гледа нешто за на вакво време?“

– „Како мислиш?“

– „Па, глеј какво е, страшно. Ништо не се гледа, којзнае што страшни чуда се кријат во ваква магла.“

Зборувавме малку и почнавме да гледаме некои страшни видеа. Не знам зошто такви глупости им се интересни, но гледавме. Духови, чудовишта од секој тип, убиства, сѐ. Се стресоа од страв двајцата. Едвај ги однесов дома без да ми избегаат, мислејќи дека нешто се криело зад дрво или зад кола. Потоа, и јас си заминав.

Станот ми е мал, но врши работа. Некогаш и се чувствувам како да имам свои чудовишта што ми живеат во ѕидовите, ха-ха. Пред спиење имав некои работи да довршам за утредента. Работата тешко ми оди, некако потполно сум сам деновиве. Професијата ми е менаџер на мал сектор во Министерството за внатрешни работи, но тоа е само формалност. Ми дадоа работа само поради дедо ми. Главно спремам документи и податоци за колегите и тие знаат дека не сум квалификуван за работата. Па, да, работев малку. По некое време повторно почнаа да лупаат вратите низ станот. Класика. Не сфатив што точно ги предизвикува овие агресивни движења со моите лични предмети во домот, но што и да е, не е многу среќно. Само никогаш немав време да му посветам внимание, па го занемарив. Научив да живеам со тие натприродни случки, бидејќи се случуваа само дома.

Сериозен бев кога реков дека нешто живее во ѕидовите. Не сум го видел во целост. Личи како нешто од тие страшни клипови што ги гледаат оние двајца од претходно. Овој пат го видов кога станав да земам нешто за јадење. Не ги ни забележав крвавите очишта што ме гледаа во темнината кај аголот до речиси невидливата фотографија од Тудо, додека не го слушнав гласниот здив што следуваше со нив. Ама повторно, просто немав сила да се справувам и со тоа. Многу стресови ми носи животот во последно време. Толку гласно стана трескањето врати и шкафови што по некое време станав да земам малку воздух. Искрено, за време на целата случка најмногу мислев на Тудо. Колку ми недостига…

Отидов да го отворам прозорецот и во тој момент… сѐ стивна. Немаше веќе гласови и трештења. Бев вкочанет. Тоа што се претстави пред мене…

Јупитер. Јупитер!

На десет метри од мене беше цел Јупитер. Не сфаќате тоа што значи. ЈУПИТЕР ДА ВИ Е ПРЕД ЛИЦЕ. ТОЛКУ ГОЛЕМ ШТО МОЖЕТЕ САМО ТАА ФАМОЗНА ДАМКА ДА ЈА ВИДИТЕ ОД ПРОЗОРЕЦОТ.

Не знам што се случи потоа. Но, знам дека не беше сон. Знам и сигурен сум во тоа.

Сега, секое затворање на моите очи го гледам, но не можам да го догледам цел. Толкава небесна фигура се изделкала во мојот мал прост мозок. Не спијам, едвај успевам да трепнам. Ме следи како клетва. Клетва што не можам ни потполно да ја совладам. Не можам.

Не можам. Страв ми е. Помош!

[Сведокот воздивнува и со солзи во црвените уморни очи истрчува од канцеларијата.]

ИЗЈАВАТА СЛУЖИ ЕДИНСТВЕНО ЗА ИНФОРМАТИВНИ ЦЕЛИ И СМЕЕ ДА БИДЕ ПРОЧИТАНА ИСКЛУЧИВО ОД СТРАНА НА ВРАБОТЕНИ СО ДОЗВОЛА ВО АРХИВАТА НА ПОДАТОЦИ ОД РАНГ 4 И НАГОРЕ. СИТЕ ПОДАТОЦИ СПОМЕНАТИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ, КОИ СПОМЕНУВААТ ИЛИ СЕ ПРОТИВАТ НА КОЈА БИЛО ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА И СЛИЧНО, СЕ РЕДАКТИРАНИ СО ЦЕЛ ЗА КЛАСИФИКАЦИЈА ОД ЈАВНОСТА.

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СВЕДОКОТ:

Име: Тремор Николовски

Возраст: 19 години

Адреса: Ул. „Васко Карангелески“, 17 1/43 Датум на извештај: 29.03.2014

Забелешка: Сведокот е исчезнат веќе 8 години, неколку дена по печатењето на оваа изјава. Секој вработен тука се колне дека никогаш не влегол некој како господин Николовски под тоа име и адреса во институцијата, а сепак некако изјавата стои тука во архивата.

***

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.