Радио МОФ почна со нова рубрика #РаскажиМи, преку која секој петок во неделата ќе објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.
Овој пат во рубриката го објавуваме расказот „Базен“ од македонскиот писател Иван Шопов. Тој дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Шопов е автор на збирка раскази „Азбука и залутани записи“ (2010 година), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови
„Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018), мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо“ или што научив за пишувањето од Застава 750 2019 и збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020).
Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар КЦ 750. Иван Шопов работел како уредник во издавачката куќа „Темплум“ од Скопје.
Во продолжение прочитајте го расказот „Базен“.
Базен
Опуштени и испружени во лежалките, некои благо подисправени, во полулежечка положба, со пијачки во рацете, гостите се преправаат дека не го забележуваат момчето кое се залетува да скокне во базенот. Некои од нив се погледнуваат под око, со едвај исцртана насмевка.
Момчето се залетува и главечки скокнува во празниот базен. Се слуша едно „туп“ и тоа останува да лежи неподвижно на дното од базенот, без да испушти глас. Мала црвена дамка се забележува на неговата глава. Потоа се претвора во локва која постепено се шири и станува сѐ поголема.
Гостите и понатаму лежат спокојно во лежалките покрај базенот, ги пијат своите пијачки и нарачуваат нови. Никој не се свртува кон базенот дури ни кога тој е сосема исполнет со крв.
Крвта полека почнува да се прелева и стасува речиси до лежалките на гостите, кои, полека, без никаква видлива вознемиреност, ги допиваат пијачките, се пакуваат и се подготвуваат да си заминат.
Неколку часови подоцна, крвта се лее по улиците како река, достигнува до колената на минувачите што се затекнале на тротоарите, а оние што останале дома веќе размислуваат да се искачат на горните катови или покривите на куќите.
Никој нема идеја како да ја запре крвавата поплава што започна од базенот.
Во една споредна уличка, целосно поплавена, момчето што се фрли во празниот базен, насмеано, плива во сопствената крв.