#РаскажиМи: „Бравата“ од Леонардо Змајшек

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Бравата“, од авторот Леонардо Змајшек.

Бравата

Татнеж. Инстинктивно ги отворив очите, барем колку што можев. Глетката го запрепасти мојот полусвесен ум. Како постепено се будеше секоја клетка во моето тело, така се вкочануваше од страв. Над мојот кревет бдееше таинствена темна силуета. Толку многу мисли итаа низ мојата глава, илјадници импулси шараа низ моите нерви, а сепак, моето тело стаписано лежеше, беспомошно препуштајќи се на милоста на ова мистериозно суштество.

Сѐ уште не можев јасно да ја спознаам мрачната човеколика фигура. Личеше како да посегнува по мене, но како раката, или каков и да беше тој негов екстремитет, да застана непосредно пред мојата глава. Одеднаш одекна длабок глас – ,,Понекогаш ве презирам вас смртниците, толку изгубени во овој толку мал свет. Па уште го нарекувате голем! Создадени толку моќни, но како со сила да се јадете себе, толку лакомо… Една брава ве дели од сѐ што некогаш ви требало и сте го посакувале, а вие…‘‘. Вчас гласот чиј монолог толку внимателно го слушав сепна. Настапи мртва тишина. Фигурата магично за миг ја снема, но стравот кој ме облеваше не ми дозволи тоа да го воочам уште извесен период.

Полека почнаа да ми се враќаат моторичките способности на телото. Ги собрав последните неколку искри сила кои не ми беа одземени од трогателната средба со енигматичното битие за да се исправам и да погледнам околу себе. Под бледиот сјај на месечината кој продираше низ мојот прозорец, неколку мигови сѐ се чинеше сосема нормално, како цела оваа вонземска сцена да не се случила. Почнав да се сомневам дека излудувам, дека сѐ беше плод на мојот ненаспан мозок кому му здосадило, па сакал да си поигра со мене, сѐ додека не се свртев…

На масичката до мојот кревет, веднаш под лампата, небаре беше поставена само за да го осветлува, стоеше клуч. Беше различен од сите мои клучеви, не стоеше на мојот ѕвечкав грозд од нив кој одамна беше препреплетен, но и да стоеше, лесно ќе се издвојуваше. Сѐ уште ја немав вклучено лампата, но неговиот мистичен пурпурен отсјај беше доволен за да се отслика во моите ириси. Тенок и долгнавест, на врвот крунисан со елегантна петокрака. На почетокот на дршката имаше изгравирано чуден симбол, кој ми се чинеше толку познат, како постојано притаено да ме демнел во сенките на секојдневието. Истовремено пак, не можев ни да добијам идеја каде мојот памет го сретнал овој податок за да може да го зачува како меморија во некое затскриено катче од главата.

Интуицијата во мене протече како силен електрицитет. Во себе почувствував неодолив жар ја најдам таа чудесна врата соодветна на вонземскиот клуч кој сега го имав. Жарот набрзо прерасна во пожар, кој како своеволно да управуваше со мене. Не застанав ни да подразмислам, туку станав, го грабнав клучот, ја нагрнав јакната која беше останала преклопена врз столот и излетав низ вратата во поход со непозната цел.

Ноќта го имаше сосема припитомено градот. Студениот воздух како да сакаше да ме премисли од мојата потрага, потсетувајќи ме дека е тука со димот кој го создаваше секој мој здив. Но ниту таа ниту која било пречка можеше да ме спречи, барем така се чувствував. Сите сетила како да ми работеа со двојно поголем интензитет. Брзоного итав под светлата на уличните светилки. Како гемија без морнари, чии едра понизно се покоруваат на волјата на ветерот. Шарајќи со погледот, како магнетизиран застана на преминот меѓу две згради повнатре во маалото.

Повторно ги почувствував електроните на мојата интуиција, за миг протекоа низ мене како сиот да сум
од бакар. Зачекорив одлучно кон него, небаре сум император чиј коњ храбро галопира на бојното поле. Во реалноста, разумот ми беше премногу придушен од новиот натприроден окупатор на мојата глава за да го слушнам како беспомошно ме преколнува. Самиот премин, всушност, водеше до едно изолирано паркче, во кое не помнам дека некогаш сум видел луѓе, кога и да сум проаѓал. Но и тоа беше само уште една мисла која остана занемарена, заробена во ќелијата заедно со моето рацио од еуфоријата која ја доживував.

Минувајќи низ преминот, почувствував како бран ладни морници постепено проструи низ моето тело, движејќи се од петите па нагоре. Забележав и дека очите ми беа отапени, гледајќи ги добро познатите шарени апстрактни графити од кои одамна се откажав дека ќе ги разберам. Но веќе следниот миг,
светнаа како огномет.

Зениците ми се изострија како да се претвораат во човечки микроскоп, вчудоневидени од тоа што стои спроти нив. Летниковецот од паркот штотуку се имаше појавено во мојот видик, глетка што веќе ја имав видено безброј пати. Она што ме вџаши до степен да се чувствувам дека бавно тонам во земјата врз која стојам беше суштеството кое стоеше на неговиот врв. Ми требаше подолго време да ја сварам неговата појава. Беше нешто слично на оние камени статуи кои ги украсувааат величенствените готски катедрали.

Погледот му беше вперен на другата страна. Како да сакаше да ми даде време да се восхитувам на неговите грандиозни крилја, испреплетени во шарени текстурирани плочки налик на рибини жабри. Овие навидум семоќни небесни летала му беа закачени на грбот, кој како и целото негово тело беше обвиен во елегантно сребрено крзно. Во една од неговите огромни шепи, крунисани со темни канџи, држеше кутија. Не можев да го препознаам материјалот од која беше направена, личеше сосема вонземски, но она што ја издвојуваше беше нејзината гламурозна златна брава од која одекнуваа зраците на месечината. Веднаш помислив на клучот.

Се обидував да проценам дали е токму таа е таа која судбината ја одредила за мене. Ми се чинеше слична, можеби и под влијание на фактот што душата ме донесе овде, без премногу да ми објаснува околу нејзините натприродни способности. Си помислив дека ова…Тензија. Половина миг. Мистичните виолетови очи на енигмата сега беа на двобој со моите. Неговиот смел поглед како да предизвика уште една искра за мојата интуиција повторно молскавично да протече низ моите нерви.

Иако пред само неколку моменти се чувствував комплетно парализирано, сега имав само едно нешто на ум –
морам да ја имам таа кутија како знам и умеам. Не ми беше битно какво чудовиште или повеќе од нив ќе се обидат да ме спречат во мојот поход, единствено нешто што постоеше за мене беше таа златна клучалка. Вчас
одлучив дека сакам да сум јунакот на својата приказна. Бестрашно се затрчав кон монструозното суштеството, одлучен во постигнување на мојата цел.

Неговите очи уште толку се изострија. Испушти моќен свиреп крик и мавтајќи ги свечените небесни крилја се вивна во воздухот. Високо, на врвот од својата парабола, во едно компактно движење го пренасочи својот лет кон мене, објавувајќи војна. Сѐ што можев да направам е да гледам како луто го сече воздухот и ита кон мене. Неговото фрчење се слушаше надалеку.

Глетката како да ми дозволи да ги чујам преплашените пискотници на мојот разум додека се обидува да се соочи со судбината што го чека. Како се доближуваше, забележав дека на острите канџи…

Црно. Сѐ одеднаш стана црно. Ритмичкото титкање на апаратите околу мене е првото нешто што ми ја разбуди свеста по нешто што се чинеше како долг период. Не ни беше целосно разбудена, само доволно колку да ме потсети дека постојам, како во оние бледи врнежливи есенски утра. Сетилата штуро ми функционираа, но доволно да го чујам разговорот на луѓето во непосредна близина – ,,…никакви физички траги, сѐ уште не можеме да утврдиме како ја изгубил свеста.

Но, она што е уште пофасцинантно се резултатите од рендгенот. Јас досега не сум видел вакво нешто во целата моја 37-годишна кариера. Во градите има чуден непознат предмет, кој не ја исклучуваме можноста да е мутиран орган. Не можам никако да разберам што е, налик на ѕвездовидна брава…‘‘.

***

Леонардо Змајшек (2004) е роден во Скопје. Основното образование го завршува во ООУ „Љубен Лапе“. Во овој период, почнува да ја истражува и љубовта за пишаниот збор. Пишува стихотворби, есеи и раскази. Зема учество во сите училишни литературни конкурси, закитувајќи се со голем број награди. Змајшек за време на средното образование е еден од најактивните членови на Сојузот на Средношколци. Станува член на дебатниот клуб при Младинскиот Образовен Форум, бидувајќи двократен национален средношколски првак во 2021 и 2022 година, кога го добива и признанието за најдобар говорник на турнирот. Учествува на повеќе меѓународни дебатни турнири. На средношколскиот натпревар „Model United Nations 2022“ во март 2022 година во Њуjорк, избран е во најдобрите 10 делегации од преку 250 учесници од целиот свет. Во август 2022, како дел од репрезентацијата на Северна Македонија, учествува на Светското World Schools Дебатно Првенство 2022. Во 2021 година, добива идеја да состави збирка раскази која метафорично ќе ги искаже некои од неговите погледи на светот. Спојувајќи неколку од дотогаш напишаните свои дела со неколку нови, во 2022 година ја издава својата прва збирка раскази „Зошто ме тргаш од ѕвездите?“.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.