Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Човеконабљудувач“. Расказот го освои првото место на овогодишниот, четврти по ред Конкурс за краток хорор расказ распишан од новинската агенција Мета.мк.
Конкурсот е наменет за млади автори и секоја година се распишува по повод празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“.
Оваа година првото место го освои авторот под псевдоним „Б.И.Ѓ“.
Човеконабљудувач
Ако го најде ова ливче во истоштена кафена торба, голема е веројатноста дека си прв што ќе го прочита. Ако не, тогаш можеби го најде фрлено на улица од некој суеверен што мислел дека написов носи лоша среќа или некоја слична глупост. Можеби го доби од пријател кој сака да те исплаши или пак го украде затоа што си љубопитен.
Постои уште една можност, но сметам оти е помалку веројатна.
Можеби конечно некој ја послушал мојата молба и го испратил ова ливче на личност која е заинтересирана за оваа работа. Ако е така, тогаш се надевам дека добро те процениле. Дури, ако имам среќа, можно е ова да се објави некаде, па така да се поврзам со уште повеќе луѓе.
Имам претчувство дека ќе бидеш исплашен откако целосно ќе го прочиташ делото. Нема за што да се грижиш.
Се разбира, тоа не е единственото нешто што може да си го помислиш. Можеби ќе си речеш дека ова е шега.
Навистина не ми е намера да те измамам или да те исплашам, а најмалку да се шегувам.
Знам дека ова звучи малку чудно, ха-ха, но би сакал да не ме сметаш за непознат, туку да читаш лежерно, како да читаш писмо од пријател.
Сега вака: имам тајна што не бев во можност со никого да ја споделам, барем не целосно. Не сакам перцепцијата на луѓето за мене да биде заматена од ова мое хоби, па затоа не можев да се искажам досега.
Ако луѓе што не ми се блиски дознаат или пак се инволвира полицијата, јас ќе бидам ставен на полициска листа или ќе настане конфронтација, а тоа не е многу пожелно.
Морав да ги лажам сите оние кои беа дури малку блиску до дознавање на оваа информација. А отсекогаш сакав да го споделам ова со такви што ќе ме разберат затоа што се чувствувам како да не можам да бидам автентичен сè додека не се искажам.
Тајната е следна: јас сум човеконабљудувач. Односно, набљудувам луѓе. Звучи нејасно и чудно, ха-ха. Звучи повеќе како хоби кога се ставам себеси во рамката „човеконабљудувач“, слично како што постојат набљудувачи на птици.
Да, малку лицемерно од моја страна – сакам оваа тајна да биде скриена, додека активно ги барам тајните на другите преку моето набљудување.
Како и да е, јас сум човеконабљудувач. Тоа не е единственото мое хоби, но е најзначајното и ми одзема најмногу време, па затоа и се идентификувам со него.
Сите ние сме набљудувале луѓе во одреден момент. Веројатно си сретнал човек што те заинтригирал – не мора на романтичен или сексуален начин – туку едноставно ти бил фасцинантен.
Чувствуваш дека тој вреди да се запознае, но нема да му пријдеш. Не мора да сакаш да бидеш негов пријател или познаник, но би сакал да знаеш што прави човеков. Така, се препушташ на тоа љубопитство – тој нагон.
Анализираш како е облечен, како се движи. Го гледаш како разговара со некого, прислушуваш, внимаваш на тонот и бојата на гласот. Или пак, го насочуваш погледот кон насловот на што и да чита во библиотеката, кафулето, ресторанот, автобусот. Во тој момент, вие двајца сте единствените важни луѓе на светот.
Можеби објектот на твоето набљудување го користи својот телефон, па во тој случај обрнуваш внимание на звуците од неговата мобилна игра или од притискањето на копчињата. Ќе забележиш дека има тик – си игра со косата, ги грицка ноктите, нервозно ги движи нозете. Или, спротивно – ќе забележиш дека е воздржан и неподвижен, недозволувајќи да покаже емоции.
Можеби работи на лаптоп, па така го забележуваш името на компанијата или универзитетот или пак личноста на која ја испраќа својата работа – некој професор или шеф. Ако објектот гледа видеа на социјални мрежи, ја забележуваш страницата, па подоцна ќе ја пребараш личноста на истата таа страница. И тогаш се фокусираш на насловите на видеата, коментарите, неговата реакција.
Добро, ова можеби е хипербола, но сигурно барем неколку од овие работи си ги искусил. Јас сум љубопитен човек и искусен во ова поле. Може да се каже дека сум „тренирал“ да ги забележувам работите побрзо од просечниот човек, а секако сум и поинтензивен од обичниот кога станува збор оваа работа. Не барам од тебе да си експерт како мене, ха-ха!
Ова и не е нешто за кое се зборува на прво сретнување, како сега. Додуша, нашата ситуација е невообичаена и поинаква. Поинтимна е оваа врска од која било друга. Не се познаваме, но знаеме нешто еден за друг. Поточно кажано – ти знаеш нешто за мене, а јас секогаш можам да откријам каков било податок за тебе. Скопје е мало место, а уште помало е кога имаш ставено „тракер“ на ливче, на списание, на и-мејл адреса, „Ворд“ документ – кога можеш да се движиш на начинот на кој се движам јас.
Не грижи се! Не сум дух ниту вирус, ниту пак натприродно суштество. Јас сум човек. Само што, јас сум човек со интересни карактеристики и, како што споменав, интересно хоби. Твоите родители, пријатели, твоето училиште, факултет, работно место – ќе ги најдам. Твоите интереси, омилени јадења, филмови, игри, идоли – можно е веќе да сум упатен кон откривање на истите. Никогаш нема да те повредам, само навистина сакам да знам. Интересен човек си, идеален објект за набљудување, како егзотична птица надвор од кафез.
Ете, тоа е тоа. Нема нешто повеќе за искажување. Ако очекуваше злобен исповед или признавање на некакво криминално дело, извини, навистина не сум интересен. Всушност, прилично досаден сум и ќе се согласиш со ова ако, односно кога ќе ме запознаеш.
Се надевам се чувствуваш како да споделивме нешто убаво, исто како што се чувствувам и јас. Се надевам дека и ти ќе сакаш уште повеќе да споделиме еден со друг. Можеби и ти треба да напишеш ваква белешка, да ја пријавиш во некое списание или да ја ставиш во некоја торба или шише и да го оставиш некаде.
Можеби ќе го фатам ако го фрлиш од прозорот до кој седиш или ако ѝ го дадеш на личноста во соседната соба, па така да се шири од еден на друг и евентуално да стигне до мене.
Или можеби набљудувам погрешна личност.
Но, ти си тоа, нели?
Петочната рубрика #РаскажиМи го промовира македонскиот јазик и современата фикција преку домашни и странски автори кои пишуваат или се преведени на мајчин јазик.
Заинтересираните за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи свои дела може да пратат на info@radiomof.mk, со куса биографија.