#РаскажиМи: „Дебитантката“ од Леонора Карингтон

Овојпат во #РаскажиМи го читаме расказот „Дебитантката“ од Леонора Карингтон.

Леонора Карингтон (1917–2011) е британска надреалистка, ликовна уметница и авторка. Делата на Леонора Карингтон, и сликарските и литературните, се инспирирани од соништата, имагинативното, комичното. Во нејзините кратки раскази исполнети со магичен надреализам и симболизам, дејството никогаш не се развива докрај. Чајанките, хиените и магијата преовладуваат во острата сатира на Леонора, која е критична кон општествените стеги.

Програмата на Венециското Биенале на уметноста 2022 за појдовна точка ја зема токму надреалистката Леонора Карингтон чиешто книжевно и уметничко дело го инспирираше насловот „Млеко од соништата“ – по истоимената книга за деца на Карингтон.

Освен многубројните уметнички слики, скулптури и рачни изработки, Карингтон има издадено неколку книги, меѓу кои мемоарот „Down Below“ во кој зборува за својот нервен слом, потоа романот „The hearing trumpet“, како и многубројни кратки раскази кои се објавени во колекцијата „The complete stories of Leonora Carrington“.

„Дебитантката“ е расказ кој бил објавен во „Антологијата на црниот хумор на Андре Бретон“ (1940).

Во седумдесетите години, Карингтон е една од предводничките на Движењето за женска слобода во Мексико.

Во продолжение прочитајте го расказот „Дебитантката“.

Дебитантката

Кога бев дебитантка, често одев во Зоолошката градина. Таму бев цело време, па животните ги познавав подобро од моите врснички. Во Зоолошката одев за да избегам од луѓето, па таму бев секој ден. Најдобро се запознав со една хиена. И таа ме познаваше мене. Беше многу интелигентна. Ја научив француски, а таа за возврат ме научи да зборувам на нејзиниот јазик. Многу часови ни минуваа во пријатен разговор.
На почетокот на мај, мајка ми организираше бал во моја чест. Во тој период, ноќите ми беа бессони и стресни. Отсекогаш ги мразев баловите, особено оние што беа организирани за мене.
Рано изутрината на 1 мај 1934 година, отидов да ја посетам хиената.
„Каква проклета мака“, ѝ реков. „Морам да одам на мојот бал вечерва.“
„Ти си среќничка“, ми рече. „Би сакала и јас да дојдам. Не знам да танцувам, ама знам да разговарам.“
„Ќе има послужено разновидни јадења“, ѝ реков. „Видов камиони полни со храна пред нашата куќа.“
„И уште се жалиш“, згрозена беше хиената. „Помисли на мене, јадам само еднаш дневно и не ни можеш да си претставиш какви помии ми даваат.“
Добив една толку смела идеја, што почнав да се смеам. „Сè што треба да направиш е да одиш место мене!“
„Воопшто не си личиме, инаку би одела“, рече хиената видно натажена.
„Слушни ме сега“, ѝ реков. „Никој не гледа баш добро на вечерна светлина. Ако се маскираш, никој нема да те забележи во гужвата. Плус, скоро сме истата големина. Ти си ми единствена пријателка, те преколнувам да го направиш ова за мене.“
Хиената размислуваше за мојот предлог, но јас знаев дека таа навистина сакаше да дојде.
„Добро“, рече одеднаш таа.
Беше многу рано, па во Зоолошката немаше чувари. Набрзина го отклучив кафезот и за само неколку секунди веќе бевме на улицата. Фатив такси, а дома сите уште спиеја. Кога влеговме во мојата соба, го извлеков фустанот што требаше да го носам на балот. Беше малку долг, па на хиената ѝ беше тешко да оди во моите високи потпетици. Најдов ракавици за да ги скриеме нејзините раце кои беа превлакнести за да личат на моите. Кога хиената веќе неколку пати ја обиколуваше собата вежбајќи го својот исправен од, сонцето започна да ја осветлува мојата соба. Бевме толку занесени што за малку мајка ми ќе влезеше во собата и ќе не фатеше, но хиената успеа набрзина да се скрие под креветот.
„Собава мириса многу лошо“, рече мајка ми и го отвори прозорецот. „Мораш да се искапеш, искористи ја новата пенлива купка“.
„Секако“, реков.
Мајка ми не остана долго. Мислам дека реата беше премногу за неа.
„Не доцни на појадок“, рече и излезе од собата.
Најтешко ни беше да го замаскираме лицето на хиената. Потрошивме многу време додека давав најразлични предлози, но хиената ја одбиваше секоја моја сугестија.
„Мислам дека знам како. Имаш ли слугинка“, праша таа на крајот.
„Да“, реков збунето.
„Ете така. Заѕвони ѝ на твојата слугинка и кога ќе влезе, ние ќе ѝ се нафрлиме и ќе ѝ го одереме лицето. Вечерва, ќе го носам нејзиното лице.“
„Тоа е непрактично“, реков. „Ако ѝ го одереме лицето, најверојатно ќе умре. Некој ќе го најде трупот и ќе завршиме во затвор“
„Доволно сум гладна за да ја изедам “, одговори хиената.
„Сосе коски?“
„Сoсе коски“, потврди. „И сега што ќе правиме?“
„Само ако ми ветиш дека ќе ја убиеш претходно. Инаку, многу ќе ја боли“.
„Добро. Мене ми е сеедно.“
Панично ѝ заѕвонив на Мери, мојата слугинка. Сигурно немаше да го направам ова, но воопшто не сакав да одам на балот. Кога дојде Мери се свртев накај ѕидот за да не гледам. Морам да признаам дека сè траеше кратко. Мал писок и сè беше готово. Гледав низ прозорецот додека хиената јадеше.

„Не сум веќе гладна. Останаа уште нејзините стапала, но ако имаш ќесе, ќе ги изедам подоцна.“
„Ќе видиш една украсна кутија во долапот. Земи ги шамивчињата од внатре“. Хиената направи како што ѝ реков. „Сврти се и погледни колку сум убава“, ми рече.

Пред огледалото, хиената го носеше лицето на Мери и се восхитуваше на својот изглед. Лицето беше изгрицкано во совршена форма, па останато беше само потребното.
„Прецизно“, реков.
Веќе беше самрак, кога хиената, целосно дотерана ми кажа „Се чувствувам тип-топ. Мислам дека ќе сум голем успех вечерва.“
Веќе подолго време ја слушавме музиката оддолу, па реков „Симни се, но запамти — не стој близу до мајка ми. Таа е обврзана да забележи дека тоа не сум јас. Освен неа, нема кој друг. Среќно“, ја бакнав. Не мирисаше многу силно.
Падна мрак. Изморена од емоциите што ги донесе денот, зедов една книга и седнав покрај отворениот прозорец, дозволувајќи си малку мир и тишина. Се сеќавам дека ја читав „Гуливеровите патувања“ од Џонатан Свифт. Еден час подоцна, ги забележав првите знаци на неволја. Еден лилјак влезе во собата, очајно квичејќи. Имам уплав од лилјаци. Се сокрив зад еден стол, а вилицата ми се тресеше од страв. Едвај имав клекнато кога крилјата на лилјакот беа надгласени од силен тресок. Влезе мајка ми, побелена од бес.
„Само што седнавме на масата, кога тоа нешто што седеше на твоето место стана и се развика „Можеби мирисам силно, па што? Јас не јадам торти!“.

Си го откорна лицето и го изеде. И со еден голем скок, исчезна низ прозорецот.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.