Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Додека ја пушам последната цигара“ од авторката Силвана Димитриевска.
Додека ја пушам последната цигара
Седеше на металниот, сив стол потпрен на ѕидот, веднаш до големиот прозорец на кој сосема случајно беше префрлен долг пешкир во небесно сини нијанси и пушеше. Седеше гол, препуштен на мирисите на собата, чадот кој му го обвиткуваше телото, сенките во аглите и на ѕидовите од кои затреперуваше клучалката на вратата. Надвор од прозорецот, зад неговиот грб, градот ги живееше првите утрински часови, магливо, лигаво, бучно.
Внатре, во таа соба свртена кон запад, предметите мачно го добиваа својот облик, едноставен, обичен, како во сите други соби на светот. Лево од вратата комодата со телевизорот, двд плеерот и конзолата, куп цд дискови, весници, хартии со забелешки, ситни пари и ливчиња од спортски обложувалници… нештата кои секогаш први ги забележуваше. Малата масичка со неколку пепелници и филџани испиено кафе, регалот со ред кристални и стаклени чаши, последна мода на претпоследната генерација верници, сонувачи, повикувачи на дождови, не жесток рок и убедлива бесмртност. Ред парфеми, една рамка со негова фотографија, фото албуми, книги… сите нешта кои со години му го познаваа името. Два кревета од десната страна на вратата, едниот веднаш до неа, другиот од кај ѕидот, веднаш до неговиот метален, сив стол, осветлен од прозорецот, покриен со неколку кебиња и со нејзиното ситно тело како се губи пред погледот. Човек, велат, лесно се навикнува на вообичаеноста и предвидливоста. Постои дури и некое чудно чувство на моќ од помислата дека ја има контролата.
Еве, денес, речиси со сигурност знаеше дека ништо не би го изненадило, а можеби, сепак, би можело… Ја гледаше како го обвиткува креветот, малите гради и се мачат да излезат од под кебето, косата и се натпреварува со темнината на собата и доаѓањето на утрото, мириса на излупен и изеден портокал, дише како дете кое изминатата ноќ ја добило долго сонуавната играчка, задоволно, себично, среќно. Неговиот поглед ја дефинира, ја познава, понекогаш и ја создава. Веројатно, тоа е најтажниот миг во животот на една жена. Додека таа спие и можеби ги сонува нивните заеднички Нова Година, 8-ми март, родендените на сеуште неродените деца, неговиот поглед и ги открива двете брчки околу усните, уморната црта на челото, заобленото стомаче, лузната на левото колено… Минатата недела го прочита „Интимност“ од Ханиф Курејши и оттогаш не престана да мисли колку е тоа едноставно. Би можел, еве, сега да стане, тивко да го спакува она малку, неопходно, неколку маици, долна облека, приборот за бричење, колонската, парфемите, конзолата и тивко да излезе без порака. Првите два дена таа нема воопшто да се вознемири. Ќе го започне денот со кафе, долго ќе ги преуредува своите текстови на компјутерот, на пријателките ќе им рече „го познавам“. Четвртиот или петтиот ден ќе го заврти бројот на неговиот мобилен и пред да се воспостави врската ќе го прекине повикот.
По една недела ќе сфати. Кога тој ќе се врати во собата веќе ќе ги нема нејзините привезоци за клучеви, сјајот за усни, облеката за преспивање. На масата, до пепелниците ќе нема порака. Во фижидерот ќе има доволно од неговото омилено пиво, а во првата фиока од регалот доволно кутии цигари. Ја гледаше како се поднасмевнува во сон, заводливо, слатко. Посакуваше сега да се разбуди, да не рече ништо, само да се припие до него, топла и сонлива и да му дозволи да и го гризе вратот, рамениците, образите, да и остави модри дамки на половината од пресилниот стресок, да вика од болка додека и ги каса брадавиците, додека води љубов со неа, на креветот, на малото масиче, на подот. Да и го почувствува јазикот како гладно ја одбележува својата територија, му ги освојува бедрата, го освојува целиот.
„Би можел да ја сакам“, помисли, „да ја сакам,толку многу“. Надвор од прозорецот надоаѓаше зарипнатото лаење на комшиските кучиња.
– Сакаш кафе – насмеано прашува нејзината будна, бушава глава, со задоволните, среќни, себични очи.
И таа станува, веднаш се облекува, ја собира косата во неуредна пунџа, потпевнува. Таа не молчи и се оддалечува одејќи кон кујната. Таа одамна ја прочитала „Интимност“ од Курејши. Неговото тело, голо и наежено, затреперува.
– Сакам – вели и се насмевнува, се смее, речиси гласно, доволно гласно за предметите во собата да го добијат конечниот облик.
Денот веќе започнува. А, можеби, сепак утре, помислува, можеби наредната недела. Облеката брзо, во еден здив, му го покрива телото. Неговата смеа, гласна, доволно гласна, излегува од собата. Полека, во црниот пепелник, оној најблиску до вратата, ја гаси последната цигара.
***
Силвана Димитриевска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми).
Била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на истоимениот поетски алманах. Организатор е на повеќе поетски читања и промоции. Објавува во периодиката. Застапена е во Антологијата на поновата македонска поезија за млади Пурпурни извори од Сузана В. Спасовска, антологијата „Сто без една песна“, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори „Рукописе 30“.
Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику стихови објавени во првото македонско хаику списание „Мравка“. Автор е на антологијата Ангели со пет крилја, издадена во рамки на Струшки вечери на поезијата. Се јавува како рецензент на неколку збирки поезија од млади автори.
Добитник е на втората и третата награда „Блаже Конески“ за научен есеј. За својата прва збирка поезија „Ти што излезе од песна“, добитник е на наградата „Ацо Караманов“. Годинава е добитник на неколку признанија на меѓународни поетски манифестации и застапена е во заедничката поетската збирка при манифестацијата „Литературни искри“. Застапена е во Зборник на кратки книжевни форми при институтот ИНАКУ.
За својот расказ „Здолниште од пеперутки“ добитник е на првата награда на конкурсот „Раскажувам фотографија 2021“ распишан од Фонд на холокаустот на евреите од Македонија. Годинава, за својот расказ „Вода“ е добитник на откупна награда на Конкурост за краток расказ на Нова Македонија.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.