Овојпат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме краткиот расказ „Кога азбуката се журка“ од македонскиот поет и автор, филмаџија, критичар, есеист, радио водител и преведувач Марко Петрушевски.
Расказот е објавен во Антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуле во земјата на афионите“, објавена во 2022 година од издавачката куќа „Темплум“, а уредена од страна на книжевниците Владимир Мартиновски и Никола Гелевски.
Кога азбуката се журка
…но последната буква од азбуката знаеше дека таа вечер, останатите букви испија премногу црвено вино, и нивната весела лингвистичка журка почна да станува прегласна и да им пречи на соседите кои следното утре мораа да одат на работа. Затоа, полека, за пијаното друштво да не ја забележи, се мушна некако и го исклучи CAPS LOCK-от на тестатурата од компјутерот. Другите букви почнаа да негодуваат, но таа, се сврте кон нив, и ставајќи го прстот на устата, со фонетски смирувачка нежност, им рече:
– шшшшшшшшшшшшшшшшшш…….
***
Марко Петрушевски (1975-2023) дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Отсекот за Општа и компаративна книжевност, но и на Факултетот за драмски уметности. Поетската збирка на Петрушевски, „Еден млад збунет човек“, во 2001 година е наградена како најдобра дебитантска поетска книга на Струшките вечери на поезијата.
Тој работел на кратките филмови „Понеделник“ и „Телефонска секретарка“, како и на мини-сериите „Втора смена“, „До, ре, ми“ и „Бушава азбука“. Работел во филмското студио „Ед Вуд“, снимајќи видеа и скечеви.
***
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.