Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Крижи-мижи“ од авторката Ивана Настева. Расказот е дел од нејзината прва збирка раскази – „Раскажувај ми за сечењето на корените“, чија промоција ќе се одржи денес.
Крижи-мижи
Ања имаше 6 години. Не сакаше да си игра на улица со децата бидејќи се срамеше. Сите беа поголеми од неа и знаеја многу брзо да трчаат. Ги знаеја сите скришни места и имаа свои шеги кои само тие меѓусебно си ги разбираа. Ања гледаше шпански серии по цел ден и си црташе во едно од блокчињата што мајка ѝ ги
купуваше. Кога боеше, секогаш боеше надвор од линиите. Еднаш, со судни маки, мајка ѝ ја наговори да излезе и да си игра. Ања бавно се движеше кон толпата од каде што се слушаше џагор и смеа. Тивко изусти едно „Здраво, дечки!“ и се доближи до нив. Многу се посрамоти од тоа што е најмала, од тоа што има крупни нозе и од тоа што сѐ уште мајка ѝ ја облекуваше со розови блузи или пак блузи кои имаа барбики на средината. Некое од децата промрморе нешто од типот: „Кај си ма, Ања?“, но повеќето ја игнорираа. Ања за малку ќе заплачеше. Ѓоре, најголемото од сите деца, рече дека денес ќе се игра крижи-мижи и никој не се
осмели да му противречи. Имаше бушава коса и валкани нокти од чепкање во песокта во потрага по закопани или изгубени џамлии.
– Ќе мижи Ања! Ајде сите да се криеме! Ања број до сто, па почни да бараш.
– Добро?
– Да, ама дечки не одете далеку, нема да можам да ве најдам и ако се изгубам, мама ќе ме кара.
Но, децата веќе почна да бегаат. Ања беше радосна што конечно ја вклучија во нивните игри. Реши да ја заврши добро задачата. Знаеше течно да брои до сто. – Еден, два, три… четириесет и четири… осумдесет… деведесет и два… сто. Се сврте за да ги побара. Немаше никој. Ања бараше и бараше, но немаше
никој. Веќе почнуваше да се стемнува и Ања почна да стравува дека мајка ѝ е загрижена за неа, а почнуваше и да ѝ се пријадува. Цревата гласно ѝ кркореа, а Ања можеше добро да ги слушне. Се огласи еден нервозен глас одозгора. Ања погледна нагоре кон високите катници на соседството. Марија викаше по неа.
– Е аман бе, Ања, еднаш ќе те пуштам на улица и не се враќаш со часови. Тргај да јадеш, ајде, те изнамислив!
– Мамо, игравме крижи-мижи и јас мижев, и ги барав децата за да ги поплукам, ама не можев да ги најдам.
Марија знаеше дека така одат работите. Најмалото од децата секогаш мижеше.
– Ќе пораснеш и ти, мајкина. И ти ќе се криеш, нема само да мижиш.
– Ако, и вака ми е интересно. Сакам да си играм со големите деца. – велеше Ања охрабрено и со сјај во очите додека јадеше ориз со копани. Гризеше со сласт од мекиот леб и си потпивнуваше од топлата супа на мајка си. Другиот ден, Ања повторно излезе на улица. Миле јадеше леб и крем, а Елена пак, јаболко. Миле беше штрбле со широка вилица и квадратни очила, а Елена носеше протези за да ѝ се исправат кучешките, шилести заби. Нормално, на улицата како и на секоја друга, имаше и еден буцко кој изгледаше страшно и беше подготвен да се тепа доколку некој нешто им пререче на неговите другари. Анде изгледаше како валкано прасе завиено во мармалад, ронки од смоки и лути чипсови. А Ѓоре, мускулесто детенце со цврст градба и повисоко од сите свои врсници, ги диригираше секојдневните игри – статусот на водач му беше неформално даден токму поради неговата мускулатура и агилност. Сите момчиња му завидуваа бидејќи изгледаше спортски и снаодлив, трчаше многу брзо со своите долги нозе, а јадеше исто толку колку и Анде.
– Целиот на мене кукнат. Добри гени му имам пренесено. – се потсмеваше татко му.
Очекуваа дека кога ќе порасне ќе стане некој успешен адвокат или доктор затоа што нели, крушата под круша паѓа. Под негова директива, децата од соседството понекогаш им ѕвонеа на постарите соседи, а потоа бегаа. Ѓоре, Миле, Елена и Анде беа типични ликови кои ги имаше во секое соседство. Јадеа на улица, беа гласни, играа до доцните часови, не ги оставаа соседите да спијат и го користеа својот изглед за да ги
плашат другите. Сите останати девојчиња ја слушаа Елена и одеа по неа затоа што нејзините родители имаа фирма и скап автомобил. Правеа како што ќе кажеше таа. Елена сакаше прво да играат ластик, а потоа крижи-мижи. Ѓоре бидејќи беше заљубен во неа, секогаш ѝ удоволуваше. Не затоа што вистински сакаше тоа да го прави туку само за да испадне фраер. Кога Ања слезе за да си игра, пак ја наместија да мижи.
– Дечки, ама јас вчера мижев. Каде бевте, не можев да ве најдам и мама ме викна за да си одам. Каде се криевте?
– Ако ти кажеме, нема да биде интересно. Ти вчера никого не најде, сега пак треба да мижиш.
Ања немаше храброст да одбие. Секој ден се случуваше истото. Ања мижеше и ги бараше со часови додека тие ќе отидеа кај Спасе дома и ќе играа плејстејшн. Ања бараше секој ден додека не се стемнеше навечер и ќе огладнеше, па ќе си дојдеше дома натажено и поразено. Не разбираше зошто големите деца така правеа со неа. По неколку дена, реши да не излегува надвор. Си гледаше серии и учеше шпански јазик. Зборовите се впиваа во нејзиното сунѓересто мозоче и брзо учеше само од слушање.
Еден ден додека мајка ѝ беше на работа, некој заѕвони на вратата. Ања колебливо ја отвори врата и ги виде Миле, Спасе, Ѓоре, Анде, Елена, Моника и Симона пред себе.
– Ајде да си играме, ма Ања, со денови не си дошла. Ајде доаѓај одма! – Сакам да си играме! Ќе ме почекате ли само да заклучам и одиме?! – радосно возврати.
Таа ја заклучи влезната врата, на вратот ја обеси врвката на која стоеше клучот со цел да не го изгуби и ги навлече влечките што стоеја пред вратата. Поита заедно со своите големи другарчиња.
– Ќе играме ластик! Ања ти ќе го држиш ластикот, а ние ќе скокаме! Ти не можеш да скокаш затоа што уште си мала и не можеш да скокаш толку високо колку нас.
– Ама сакам да пробам, бе дечки.
– Ќе пробаш кога ќе пораснеш! – со широки и глупави насмевки одговорија Елена и нејзините другарки, Моника и Симона, кои константно се влечкаа по неа. Играта ја прекина Ѓоре кој сакаше да игра крижи-мижи.
– Ние ќе се криеме, а ти ќе мижиш, Ања. Ајде, број до сто!
– Да бе да, како ќе кажеш ти така е! – иронично се насмеаја Елена, Симона и Моника како божем да кажале некоја пресмешна досетка. Ања се приближи до ѕидот на којшто мижеше и тивко почна да брои до сто.
***
Ивана Настева е родена во 1995 година во Велес. Се запишува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Дипломира во 2018 година, и тоа меѓу првите студенти на својата генерација. По дипломирањето, започнува да работи во онлајн списание за психологија, а потоа и во полето на дигиталниот маркетинг. За себе вели дека дека е активен екологист и љубител на американскиот модерен расказ. „Раскажувај ми за сечењето на корените“ е нејзина прва збирка раскази.
***
[Интервју] Ивана Настева, писателка: Ни треба домашно и книжевно колективно лудило
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.