#РаскажиМи: „Крвава месечина“ од Катерина Шошко

Овојпат во рубриката #РаскажиМи читаме краток извадок од психолошкиот трилер,  романот „Крвава месечина“ на Катерина Шошко. Романот, издаден во 2016 година од издавачката куќа „Слово Љубве“, ја доби наградата на Фондација „Македоника“ за книга на месец февруари 2017 година.

„Крвава месечина“ е роман на афектот, кој поделен во 57 глави се занимава со доброто и злото, меѓутоа не само како спротивставени сили во постојана борба, туку како испреплетени начела чии граници не се секогаш толку јасно поставени колку што понекогаш мислиме дека се.

Крвава месечина

„Дај ми ги сите пари што ги имаш, телефон, накит…сè!“ Гласот му беше монотон и сигурен. Едвај успеа да ги смири дланките и да ги пикне во џебот од капутот. Оттаму извади ситни пари, кои ги чуваше за да купи билет на бродот за да се врати назад. Во другиот џеб имаше уште малку пари, преостанатиот кусур од чајот. Со страв му ги подаде, а тој лакомо ги грабна со валканите рачишта. „Телефонот!“, нареди остро.

„Немам…“

„Немаш?“ Ја измери од глава до петици. „Вака фино облечена девојка малку е тешко за верување дека нема телефон. Подобро дај ми го сама, да не го побарам јас, па да најдам уште нешто“. Почна да се кикоти триумфално, но Луна не се мрдна од местото. Кога сфати дека заканите не предизвикуваат ништо кај неа, збеснато замавна со целата сила и ја удри преку лице со својата огромна дланка. Луна се затетерави, но успеа да се одржи на нозе, сепак тој беше побрз, па ја прилепи до ѕидот и почна да ја допира по телото, велејќи ѝ дека го бара скриениот мобилен телефон. Обидот да вреска беше спречен од неговата дланка преку нејзината уста, додека со другата почна сосила да ја допира надолу по нозете.

Таа не дојде во проклетиот Елохат за да биде жртва, си мислеше. Дојде за да зајакне, да го заврши училиштето и да се врати доволно моќна за да го уништи оној што ѝ беше биолошки татко. Немаше зацртана идеја како ќе го стори тоа, но ако ова што се случуваше беше вовед за нејзиното пропаѓање како личност, одбиваше да ѝ се покори на судбината. Не знаеше ни самата од каде ја најде силата да каса и да клоца со нозете. Иако тој беше трипати поголем од неа и мала беше веројатноста дека ќе може да му избега од мајмунските рачишта, Луна не се откажуваше.

„Каде шетаат мали девојчиња сами по градов?“, неразговетно ги издишуваше зборовите во нејзината коса. „Каде ти е телефонот, да не си го пикнала случајно во…“ Се опираше и преташе колку што можеше, но зборовите му се зариваа во нејзините уши, а рачиштата грубо помеѓу нозете.

Тогаш, во мал дел од секундата, лукавствто на Луна се разбуди. Таа застана мирна, престана да се бунтува, а со тоа и неговите движења станаа побавни. Ја искористи неговата занесеност додека ѝ го допираше бутот од левата нога и со сета сила што ја имаше во тој миг во себе го клоцна по препоните со десното колено. Тој се затетерави од болка и се тргна од неа, а таа не чекаше и повторно го клоцна со врвот од чизмите. Челичниот ѓон на чизмите за кои момчињата на училиште ѝ дофрлаа дека се неженствени, војнички или пак дека нивната мода умрела заедно со панкот ѝ беа најдоброто оружје во моментот. Џепчијата се затетерави и направи неколку чекори наназад, држејќи се од болка помеѓу нозете. Болно јачеше и тешко вдишуваше воздух во обид да изусти некој збор. Луна знаеше дека треба да избега веднаш, но стоеше како закована на местото со истуткано и кренато здолниште до половината. Човекот полека се исправаше, а во тој миг таа повторно собра храброст и со сета сила го клоцна по коленото. Овој пат, нозете го издадоа и тој падна на земја, неартикулирано викајќи од болка. Бревташе силно, можеби дури и плачеше, додека Луна стоеше на два чекора од него. Сакаше да го клоцне во лицето, да му скока со сета сила врз главата и да го убие, но наместо тоа, гледаше немо додека тој се превиткуваше од болка. Болните гримаси на лицето, моменталната беспомошност, која само до пред половина секунда ѝ беше незамислива дека може да постои кај него, ја смируваа и ѝ даваа чувство на моќ какво што дотогаш немаше осетено.

Корица на „Крвава месечина“

„Прости ми…“, се обиде да изговори кога Луна тргна да си оди. За момент застана. „Не сакав…помогни ми…не можам“. Коленото можеби му беше скршено, зашто толкав маж не испушташе животински крикови напразно. Луна направи чекор назад, застана покрај неговата глава и го погледна.

„Да ти помогнам?“ Тој не гледаше во неа, туку само кимна со главата. Додека гледаше како беспомошно лежи на валканиот асфалт и си го држи коленото со двете дланки, помисли даго уценува со полициска пријава за да може да го има како потпора во непознатиот град. Тоа беше глупава идеја и веднаш ја отфрли од глава. Не можеше да му се верува на потенцијалниот силувач и крадец. Додека смислуваше идеја како може да го уценува, направи чекор в десно и застана зад неговата глава. Погледот ѝ го привлече паднат пиштол, кој лежеше до неговиот задник. Манијакот мрмореше и јачеше од болка, но очите на Луна беа фиксирани на блескавото оружје. Се заврте лево и десно. Далеку беа од метежот од главната улица од каде што ја довлечка, а на другата страна немаше никој жив. Се наведна полека зад него, зборувајќи му дека ќе му помогне, додека го земаше пиштолот в раце. Беше потежок одошто мислеше, студен и некако чудно удобно лежеше во нејзината рака. Гледаше во својата мала дланка како сигурно го држи оружјето, како да требало да се најде таму, а потоа му го заобиколи телото и застана пред него.

„Добро, ќе ти помогнам“, рече мирно. Стравот ја уби старата Луна неколку минути претходно. Со пиштол в раце, се роди нова девојка, дете во телото, а ѕвер однатре. Не мислеше на тоа дека можеби пиштолот е празен или лажен. Само знаеше дека има оружје в раце, за кое немаше дилема дека ќе го употреби. Мажот го крена погледот кон неа. Лицето извитоперено од болка наеднаш се замрзна. Кога ја грабна и ја повлече кон празниот сокак, не мислеше дека ќе му биде потребно оружје за да ја ограби. Најпосле таа беше дете за кое не му беа потребни повеќе од неколку шлаканици и закани. Зад цевката од неговиот револвер „специјал 38“, пар светлозелени очи втренчено гледаа во него без да трепнат.

„Еј, еј…ама не е наполнет, не ми мавтај в лице со него“. Полека почна да се турка со здравата нога наназад. Луна гледаше со сериозно лице во него, а мала брчка ѝ се вдлабнуваше помеѓу веѓите. Не му зборуваше ништо, само стоеше со пиштолот вперен во него, а лицето и цврстото држење на оружјето не изгледаа како детски блеф. Со малиот палец полека го репетира, а потоа се доближи уште еден чекор до него. „Полека, тоа не е за деца. Немој!“ Се обиде дури и да се исправи, но коленото толку силно го болеше што секој обид завршуваше со пад. „Те молам, немој…Извини, погрешно почнавме, ама јас сум навистина сиромав и… Еве, ќе ти ги вратам парите, те молам, не сакав ништо да ти направам, само мислев дека го криеш телефонот и…“

Последното нешто што го виде пред болката да го парализира целосно беше лицето на Луна, кое со гадење и со презир гледаше во него. Потоа се слушна истрел, а куршумот заврши во неговата натколеница, само неколку сантиметри под карличната коска. Животински крикови излегуваа од него, плачеше и врескаше. Луна мирно остана да стои и само погледнуваше лево и десно, но од ниедна страна не изгледаше како некој да го слушнал истрелот или пак викањето на мажот.

„Не, ти не си крадец. Ти си манијак. Силувач.“. Но тој не ја слушаше од болка. Плачеше гледајќи во левата крвава нога. Дланките му се тресеа додека се обидуваше да ја стегне раната од каде што бликаше крв. Клоцата во коленото беше како убод од игла споредена со раната. Луна клекна до него и од оддалеченост колку нејзината рака му испука уште еден куршум во градите. Потоа веќе не се слушаше ништо. Неговиот одвратен длабок глас и јачењето престанаа, како некој да беше исклучил стар и расипан телевизор од струја. Таа се исправи над телото и гледаше како малата бара крв од градите се шири околу неговото торзо, а онаа од ногата веќе ѝ стигнуваше до чизмите. По смртта на мајка ѝ, ова беше вторпат да види мртво тело, овој пат за него самата беше одговорна. Чувствуваше дека лицето ѝ е мокро од крвта што испрска од него. Наместо со гадење да ја избрише од себе, посегна во џебот по хартиено марамче, извади едно и мирно го избриша лицето, а потоа го врати в џеб. Движењата ѝ беа бавни и смирени, а паниката и стравот, кои неколку минути претходно владееја со неа, како никогаш и да не беа присутни.

„Еден скот помалку“, тивко му рече на трупот, а потоа го намести здолништето и го запетла капутот. Мислеше да го фрли пиштолот подолу во темната улица, но наместо тоа, го пикна во џебот од капутот и мирно продолжи напред. Во главата ѝ одѕвонуваа истрелот и искривеното лице на манијакот додека умираше во болка, но чекореше како сето тоа да се случило само во нејзината глава, како зад неа да немаше крвав труп на маж во своите доцни триесетти. Чекореше како да залутала во темната уличка и само сакаше што побрзо да излезе оттаму. Најпосле, кога излезе од мракот на уличката помеѓу зградите, на нов тротоар паралелен на оној од каде што дојде, мирно се слеа со толпата што иташе напред. Сè беше како и претходно, девојчето во училишна униформа си ја продолжи прошетката низ деловниот центар, само што џебот ѝ беше потежок од претходно.

Тој петок Луна стана убиец.

***

Катерина Шошко е родена во 1986 во Скопје, Македонија. Средното образование го добива во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Во 2008 дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на насоката Политички науки, а во 2013 магистрирала на истиот факултет, на насоката Применета политика.
Во 2016 година, издавачката куќа Слово Љубве го издава нејзиниот прв роман, психолошкиот трилер „Крвава Месечина“.

Во 2020 година, издавачката куќа Антолог го издава нејзиниот втор роман, натприродниот трилер „Случајот Чернобог“ кој влезе во потесниот круг на конкурсот „Роман на годината“.
Од 2011 пишува за домашни електронски медиуми, а во моментов работи како СЕО контент, веб и блог писателка.

Прочитајте го интервјуто со Шошко за нејзиниот втор роман „Случајот Чернобог“.

Катерина Шошко – трилерот како жанр не ѝ е туѓ на домашната читателска публика

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.