Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Мајки VS Мачки“ од Калиа Димитрова.
Калиа Димитрова (Скопје, 1991) дипломира на политички науки на Правниот факултет при УКИМ во Скопје, а нејзината магистратура во областа на културолошки науки ја носи во Холандија, Полска и САД, каде студира и живее до 2016 година.
Во 2018 година ја издава својата прва поетска збирка „Вештерките денес“. Димитрова е основачка и главна уредничка на феминистичката платформа Медуза, како и на печатените изданија на Медуза – „Отаде издржливоста” и „Безусловни почетници”.
Мајки VS Мачки
Мајка ми мрази мачки. Не сум 100 посто сигурна зошто, но знаејќи ја, претпоставувам дека е комбинација на следните фактори, тука изнесени по случаен редослед.
Прво, мисли дека се прљави. Скопје е веројатно градот со најгнасните контејнери (оние новите кои ги поставија на неколку локации веднаш беа запалени), а секој знае дека околу контејнерите кружат мачки. Мачките се толку често на, во и околу контејнерите, што си имаат и нагалено име: контејнерки.
Мачките се всушност едни од најчистите животни, но пробај да излезеш на крај со мајка.
Второ (поврзано со првото), мачките се митарат, а ако мајка ми мрази нешто повеќе од мачки, тоа се влакна. Мајка ми на пример сака кучиња, но баш заради влакната, никогаш не ми дозволи да чувам куче дома. Не е куче за во стан, за греота е. Кога ќе живееш во куќа, ќе чуваш куче во двор.
Но, да се вратиме на мачките и омразата кон нив.
Трето, мачките се морничави и непредвидливи. Баш пред неколку месеци, Ане во спиење ја нападна мачарот на сестра ѝ, а некоку месеци веќе беше кај неа дома. Среќа око не ѝ извади! Она толку убаво го чуваше, сè му даваше… Ок. Овој страв донекаде и можам да го разберам, со оглед на тоа што и јас имам слушнато бар две-три хорор приказни за мачки што полуделе и си ги нападнале сопствениците.
Четврто, мачките се своеглави. На мајка ми тоа едноставно не ѝ се допаѓа.
Петто, и веројатно на врвот на листата, мајка ми ги мрази мачките бидејќи се независни.
Поминаа неколку години откако се отселив од дома. Кај мајка ми на гости одам, според мене, често. Испраќањата се секогаш најтешкиот дел. За мајка ми постои само еден дом кој е мој, а тоа е нејзиниот.
Денес на мајка ми ѝ соопштив дека ќе вдомам маче.
Беше свртена со грб и само ми направи некоја гестикулација со левата рака која требаше да значи, од каде сега ова, што ќе ти е маче, боље куче да земеше, но бидејќи продолжи да јаде мислев дека разговорот е завршен. Одеднаш нешто сфати. Престана да јаде и се сврте кон мене со ококорени очи кои значат блага паника. А што ќе правиш со мачката кога ќе имаш бебе?
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.