Овој пат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме расказот „Песната за Шогунот“ од Мартин Анастасовски.
Анастасовски понекогаш пишува раскази и поезија, понекогаш додава епизоди на неговиот подкаст, додека генерално се обидува да го извлече тоа што е убаво од скопското и македонско опкружување.
Во продолжение прочитајте го расказот „Песната за Шогунот“.
Песната за Шогунот
На рогозина спрострена на подот, тенко сплетена од илјадници сламки, со бутините спуштени на листовите под колената мирно седи Хидеказу. Од неговата лева страна, на три ниски столчиња седат тројцата пратеници на Шогунот, односно, владетелот на феудалната област. Од десната страна седи свештеникот облечен во целосна церемонијална одежда. Точно пред Хидеказу седи скрснозе поетот Нагори. Се чини како да не му пречи ситната земјена прав која лебди наоколу во тишината, бидејќи откако пристигна на местото очите му се отворени и спокојни подолго време.
Со стамен израз гледа пред себе и не трепнува. Наспроти Нагори седи судијата, во церемонијална поза, со бутовите сместени на листовите од нозете и на петите, исто како Хидеказу. Судијата гледа пред себе, но очите му скршнуваат од вниманието и погледнуваа час во лицето на Нагори, час во лицето на Хидеказу.
Во просторијата се закрепостил молкот. Овие мажи се потонати во густината на летната омарнина која со нечуен говор ги повикува црните облаци што токму во тие мигови се собираат над пагодата. Во средиштето на градот беше замрела вообичаената раздвиженост. Низ воздухот се пренесуваат само звуците на лисјата на костеновите дрвја кои му шумолат на тивкото ветре и го туркаат јажето за кое е врзано канчето за вода во бунарот. Тоа се удира од камената внатрешност, затоа што некој заборавил да го намота на чекркот докрај. Одвнатре извира звук и одекнува кон бременото, облачно небо, како да доаѓа од земјината утроба: тап, тап тап.
Нагори ја отвори устата, со јазикот си ги оближа усните и проџвака во празно. Тоа како да му даде знак на судијата да го пресече тешкиот молк со строго и намуртено обраќање кон свештеникот, а тој пак, две мазни, лакирани даски ги удри една од друга, за од површината помеѓу да се истисне тенкиот а остар звук кој им ги подотвори дремливите очи на тројцата пратеници, и го најави судниот чин. Хидеказу го држи своето внимание на готовност, но во умот му навираат мисли што на средината на челото му исцртуваат воздржани, стегнати бори, а тој е потиштен. Нагори продолжи да бдее со втренчен спокој, без да го спушти погледот од точката која тој ја беше насочил малку горе па надесно од лицето на судијата.
Тогаш од грлото на судијата почна да баботи исказот што во поетот ќе го нанижи пресудното чувство на срам и признавање вина во срцето. На секоја запирка, пратениците на Шогунот извикнуваа гласно, но воздржано од живост – хаи, за да го потврдат исказот. Штом ги беше изустил зборовите судијата, во главата на Хидеказу започнаа да ползат првите ластари на јанѕата. Тие пуштаа пипци во свиоците на неговите уши, се закачија на клепката на едното око и ја влечеа надолу, потоа на долната уста, во двете ноздрви, и правеа тој да се чувствува како да го лазат илјада мрави. Неговиот ум го обзема густ плевел во кој демнеше некакво чувство, некаво дејание, кое во Хидеказу роди сомнежи за вистинитоста на мигот во кој будно суштествуваше тој и сите други.
Младо-средновечниот осаменик се бореше со нешто преголемо, со некаков џин од земја, месо и коски, небаре беше тоа човек што се воздал од ништо за да го предизвика одвнатре, за да сфати Хидеказу дека тој е и содржател и огледало на неговата судбина. За разлика од сите претходни наврати, овој пат тој не сакаше да ја исполни улогата на каишакунин, или оној што го извршува чинот на каишаку, односно, одрежување на главата на поетот Нагори, за да му ги скрати маките со тоа што ќе му ја пролее крвта од вратната жила неколку мига откако овој ќе изврши сепукку и со остар меч ќе си ги истури цревата во сопствениот скут.
За Хидеказу претставуваше особена гордост што ја исполнува улогата на каишакунин. Пред него, како снопови долга слама паѓаа телата на луѓе што во себе возлеле таква дрскост да го нарушат поредокот на чест и ред во земјата затоа што некому му нанеле голема нечест, или заговарале преврат, или пак затоа што покажале слабост во миговите на вистина.
Неговата работа беше да го сопре патот на душата, за таа да не може да избега низ очите туку да се распрсне во просторот дури излегува од пресечениот грклан, да испари низ него и да остане заробена зад ѕидовите, по ќошовите, да се разлее на подот, за да на крајот другите ја изгазат на пат кон прагот. Токму така сметаа дека треба да биде крунисан чинот на нанесување нечест врз владетелите во тоа тивко а сурово време.
Хидеказу не беше ладнокрвен убиец, туку едноставно извршуваше задача која самиот ја сметаше за благородна. Кога ќе го видеа луѓето познатиот каишакунин тие знаеја дека големите предавства и нечести прво се казнуваат со своерачно пресекување на сопствениот мев, а дури потоа, човекот облечен во беспрекорно церемонијално кимоно со меч кренат над рамото, ќе го зададе нежниот но краен рез по вратот. Хидеказу беше лицето што добронамерно и без да се труди ги потсетуваше луѓето да носат внимателни, мудри одлуки дури општат по светот.
Секогаш кога ќе испразнеше од крв нечија жила со неговата вообичаена, решителна прецизност, истата ноќ тој заспиваше со поголема леснотија отколку на обичните ноќи. Хидеказу ја извршуваше својата општествена должност, за што и беше платен, во целата област, а и подалеку. Но на овој наврат тој за првпат ја доживеа истата несигурност, истата неодлучност и треперливост, како при најпрвото каишаку.
Колкаво само почитување имаше Хидеказу за поетот Нагори, човекот што не сакал и не можел да ја скроти раката од пишување во времето во кое и најхрабрите мажи во таа област се беа предале на молкот. Оној ден, пред осум седмици, поминувајќи пред малата обласна судска палатата рано, рано в мугри, Хидеказу погледна на стелето во градското средиште и бргу, бргу, го пикна лицето во десното рамо, за да го сокрие од нечии туѓи очи. Во истиот миг тој отрча и се сокри зад бамбусите, и дури тогаш си ја покажа радоста на лицето и се предаде на насмевка која извираше од самиот желудник.
Стиховите што беа испишани на каменото стеле го разиграа срцето на Хидеказу и за прв пат во животот тој слободно се смееше (а не се смееше речиси никогаш) без претходно да се сепне за да го премисли нагонот, што секогаш беше причина да се смее не од длабочината на мевот, туку да се насмевнува од плиткоста на грлото. Хидеказу целиот живот беше крут бидејќи беше решил никогаш да не го покаже пред другите лицето што ќе открие дека во него има присуството на барем една ронка душа. Зарем смееше Хидеказу, бестрепетниот каишакунин, да покаже чувства! Кога ќе поминеше низ градот, луѓето погледнуваа во него и си дошепнуваа по некој збор, но дури откако ќе се увереа дека тој целосно е завртен со грбот.
Шогунот беше дознал од своите потчинети дека во градското средиште, близу пазарот за убави ракотворби, некој испишал нечестиви зборови во кои тој успеал да се пронајде. Вината веднаш падна на Нагори, кој живееше на работ на градот, го градина исполнета со бонсаи, која беше скромно одземена од непосредната шума. Нагори, како Хидеказу, беше осаменик. Тој животот си го посвети на гледање во изгрејсонцето и зајдисонцето. Досега тој беше повикан од три шогуни, претходници на сегашниот, да им слугува така што ќе пишува фалбени песни за нивните херојски дела.
И покрај тоа што задачата не беше тешка и не се очекуваше да посветува песни толку често, тој тоа го правеше на тешка мака. За утеха, со прераната смрт на секој од шогуните, од светот исчезнуваа и песните. Кога четвртиот шогун неодамна застана да раководи со областа, кај луѓето се создаде дотогаш несетена неспокојност. Сите знаеа дека шогунот владее така што шири страв. Дотолку беше убеден дека начинот му е исправен што уште од самиот почеток имаше наредено секој селанец да дава една третина повеќе ориз и јачмен, а од занаетчиите собираше данок во пари и озгора на тоа си земаше некаква направа кога сака, за да ги обрадува со поклони неговите блиски и оние што сакаше да ги поткупи. Луѓето го презираа неговото поведение.
Шогунот го повика Нагори во палатата. Се разбира, овој дојде и го сослуша, но со грутка во грлото му соопшти оти е стар и оти во залезот на својот живот срцето не му дава да пишува за ништо друго освен за тоа како природата трепери низ сопствената слобода и се води од сопствени правила кои се незнајни за обичниот човек. На ова, лукавиот шогун возврати дека и тој е дел од природата и дека не е тешко да се види оти е така. Зошто не напишеш една од твоите песни каде што јас сум сонцето, а императорот е небото?
Со внимание да не го навреди императорот, тој знаеше дека треба да се стави себеси во ниту надредена ниту подредена улога наспроти него. Дури и да има што да каже на тоа, императорот нема да се осмели да го предизвика оној што нема да дозволи ниту еден самурај да се одметне против поредокот, дури е жив. Но сепак, Нагори решително одолеа на привилегиите што следуваа со титулата шогунски песнопевец, кои тој и онака ги дареше на сиромашните и на оние селани на кои им се паднала недарежна земја. Со тоа што ја одврати волјата на шогунот, поетот ја навлече неговата омраза. Шогунот не можеше тукутака да го убие саканиот Нагори, но го чекаше вистинскиот миг.
Судијата го прочита последниот исказ: Врз тебе, Нагори, падна пресуда која е конечна. Сведокот го кажа своето. Си бил виден како со мастило пишуваш на стелето каде стојат царските прогласи. Твојот чин нанесе голема нечест на шогунот, а преку него, нечест и на самиот владетел на големата земја Нипон. Според тоа, не ти е дадена можност за покајување.
Нагори беше стар и втренчен во судниот миг со непоколеблива гордост. Стиховите на каменот беа истите што тој ги напиша откако се истопори врз народната совест лошиот владетел. И покрај тоа што тој никаде не го спомена неговото име или некој поглед од неговата прилика, суштината во неговите чувства беше создадена од неспокојот помеѓу луѓето што тој можеше да ја забележи при секоја прошетка до пазарот, низ средиштето на градот, по гумната каде што се чистеше оризот.
Лесно му дојдоа стиховите на Нагори. Тој поита по патеката, поита преку прагот и ја зеде оризовата хартија, ја нанижа со црти и му прочита на сонцето еден грст прости зборови: Има две сонца. Едното го засенува другото и свети само за себе. Срцата на птиците тажат. Нивната песна не се ори, туку се шепоти кон земјата. И како што стивнува песната, така бледнее сенишното сонце. Еден ден, тоа ќе испари како сенка и повторно ќе му се радуваме на секој грст ориз.
Судијата одмавна со раката. Еден од тројцата пратеници стана и од крај себе крена катана завиткана во фино платно. Ја донесе и ја положи пред убавата, лакирана даска која беше оставена на земјата пред колената на Нагори. Во тој миг, Хидеказу стана и зачекори до Нагори, и покрај тоа што не доби знак од судијата, кој пак одеднаш се ококори и беше спремен да возле на таквото непочитување. Каишакунинот се заврте кон судијата и пратениците, се поклони, застана исправено и гордо, и со громок глас ја одекна песната на поетот Нагори. Присутните беа во неверување кога Хидеказу се заврте кон Нагори и до земја му се поклони. Потоа седна врз бутовите, го повлече неговиот меч преку стомакот и со несмасно насмеано лице, се струполи наземја.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.