#РаскажиМи: „Писмо до најдобриот пријател“ од Теодора Крстевска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Писмо до најдобриот пријател“ од Теодора Крстевска, извадок од „Мартирите и аждерите во Русија.

Писмо до најдобриот пријател

Месец откога наполнав петнаесет години, само што започнав во средно училиште, во Битола падна дебел слој снег, кој на планините стигна до еден метар. За наивно дете, тоа беше бајкова идила. Бидејќи немавме автомобил откога умре татко ми, а и да имавме немаше никој да го вози, одлучивме со Александар да се мушниме во Касарната каде имаше висок рид и да се спуштаме по санки откога ќе го изгазиме снегот, отколку да тажиме дека нема кој да не однесе Копанки.

Мајка ми сè уште го немаше преболено Михаил и затоа ја користеше секоја можност за да не избрка од станот, за да може сама да кука по него. Тенките ѕидови правеа и паѓањето на една игла да се слушни во ходникот, па во нашата заедничка братска спална се потслушнуваше нејзиното опијането лелекање по љубовта на нејзиниот живот.

Касарната беше сместена на работ од Битола, кај граница од ридски венец, чиј врв нудеше краснописен поглед на Битола и селата распрскани околу густото конзулско градче. Летно време кампуваа многу локални и странски извидници, со мечките, лисиците и седумте џуџиња – Богот на шумите во Македонија се вика Велес (исто како и градот на Вардар) и тој се осигурил да ја благослови земјата со прекрасни зимзелени парчиња, кроени околу текстурата на мачената земја.

Кон патот за ридчињата, наречени Смолево, имаше куршумара каде седеше сета муниција на војската која се обучуваше таму – тоа беше комплекс кој изгледаше на јапонска тврдина, според тогаш младиот Александар, пресудувајки откога во енциклопедија слична на ,,1000 зошто и 1000 затоа“ виде фотографии од јапонската архитекутра. Го крсти ,,Џапането“ и створи навика да го нарекува така, со што потсвесно и јас започнав да го нарекувам Џапането.

Џапането се наоѓаше на врвот од едно ридче, не особено високо, ниту стрмно, но баш таман за санкање. Гледаше кон целата Касарна и зградите кој се градеа спроти неа. Од врвот си мавкаа мајсторите со војниците, барем така замислував.

Високата градба беше опкружена со тврдина, имаше кровови кои беа притиснати на врвот од огромни прсти, како да ги вајаше џин, а краевите со олуците му стрчеа нагоре како перче израстена коса. Зад тврдина се криеа три-четири куќарчиња – една од нив беше со голем, дури и луксузен изглед, каде најверојатно имаше канцеларии на повисоки управници со Касарната. Така барем мислам, бев многу мал и многу наивен. Да би можел да ја посетам Касарната ден денес, таа би изгледала сосема различно.

Другите беа магацини за муниција, гранати и што не друго. Како резултат на чувствителниот состав во Џапането, таму најповеќе се врткаа војници-стражари, а имаше и легенда која викаше дека под градбата има зандана. Тикви со расол.

Од врвот на ридот, со Џапането на средината, малку кон лево, се слеваше завеса од бел снег (пролет време имаше чаршав од зелена трева и грмувчиња), со неколку дефункционални авиони поставени како могила. Големиот плац беше широк и стрмен онаму каде не имаа војниците изгазено пат. Стражарите-војници од куршумарата оставаа да доаѓаат деца кај ридот на зима бидејќи знаеа дека беше идеален за санкање и некогаш ги туркаа дечињата на санките или внимаваат на нив за да не летнат во некоја јама и да се испонатепаат. (Што доведува до прашање зошто Александар и јас изгирувавме тајни агенти во мисија за инфилтрација, кога тие самите во исчек беа за хомо сапиенси кој не беа во воена униформа.)

Тоа беше побитно отколку некој да влези и да укради граната, па сите да бидат отепани. Околу ридот имаше прстен од тенка, скоро пресушена река наречена Курделец, многу смешно, која иако до глужд беше длабока, немаше моќ ниската температура да ја замрзни. Преку реката имаше широк мост за да поминуваат возила. Во реката немаше риби од кога падна Римската империја. Не се изградил Рим за еден ден, но за еден ден паднал, заедно со фауната во Курделец.

И така, со Александар отидовме кај замрзнатиот пат со една санка и по ред се качувавме на врвот, се спуштавме и качувавме повторно, во бескраен круг додека не дојде зајдисонцето на прагот, видиковец дека доаѓа часот кога мајка ни нареди дека треба да се вратиме, за да јадиме.

Со повеќе деца, или повеќе санки и војници за да не туркаат и креваат санката ќе беше поинтересно, но на двајцата не ни се смачи од слегувањето и качување. Првото беше забавно, но премногу кратко, а второто беше мачно и долгичко. Како што паѓаше температурата со заоѓањето на сонцето, така мрзнеше стиснатиот снег на патот. Тоа подразбираше дека патот стануваше полизгав, спуштањето побрзо, повозбудливо и пократко, а качувањето побавно и со многу лизгања и паѓања.

Светнаа уличните ламби и имаше помалку од половина час до означеното време за враќањето дома. Истовремено на Александар му светна идеја.

– ,,Да видиме што има во Џапането“, ми рече.

– ,,Не е тоа дозволено“, реков.

,,Сигурно вечераат војниците, а ние нема да земеме нешто. Единствено ќе разгледаме.“

И кога го спомена тоа, забележав дека во едно попладне не видовме двајцата ниту еден војник.
Кимнав и се согласив на авантурата, бидејки ми беше ладно и досадно. Двајцата ја скривме санката настрана од патот и клекнати, како од шпионски филм, отидовме до Џапането и видовме дека навистина нема жив стражар наоколу. Спротивно веќе ќе не имаа спобркано.

Го заобиколивме Џапането со ситни и брзи чекори, додека не најдовме двојна врата со крилја како пеперутка од кафен метал и се мотнавме внатре. Дворчето беше исчистено од снег, кој беше насобран во две големи кули, а некој ебиветер имаше направено снешко на чија половина имаше залепено празни рафали од пиштол. Настрана од него имаше остатоци од втор снешко. Гилотираната глава на еден кој имаше само едно око од јаглен, а другото му беше покриено со оклузија, како да беше пират. Телото никаде му го немаше. Војникот снешко и неговиот другар глава не гледаа, знаејки дека правиме прекршок.

Надушкавме и пронајдовме еден магацин со врата од шупливо дрво, со широки процепи како шпионки, низ кој се гледаа кутии обележани со бројки и брендови на југословенски куршуми. Имаше ремени за чаури од пушки дробовници и кании за помали рачни пиштоли, револвери и друго. Бевме омаени од забранетиот состав.

Слушнавме длабок глас. ,,Натрапници!“

Рипнавме од преку вратата и здогледавме како еден војник трча кон нас. Како диви зајци, летнавме преку вратата и отидовме до санката, гледајки дека тој забрзуваше. Се качивме на санката, Александар ме прегрна околу половината и јас, како врвцата со која ја влечевме да беа узди, а малата дрвена санка коњ, маневрирав со петите на каде се движиме, додека не загубив контрола од моментумот на санката. Со сè нејзе, двајцата шлапнавме директно во реката.

Натрапници!“ Војникот повторно извика додека двајцата кашлавме и се соземувавме од ударот. Го погледнав како слегува по ридот, лизнувајки се на задникот и лизгајки се до крајот на нагорнината.
Александар дотогаш започнал да липа и паничи дека му крвари носот. Преплашено и брзо, го зедов него во едната дланка, а санката, која беше уште во една парче, во другата и се скрив под асфалтираниот мост со кој се поврзуваше Џапането од остатокот од Касарната. Таму водата беше подлабока и достигнуваше до мојата половина. Санката нурна под водата, потона в кал и двајцата се качивме на нејзе за да не сме целосно потопени. Ги чулевме ушите за да видиме каде е војникот. По рабовите имаше мов и трски, кој се виткаа кон центарот на мостот.

,,Ја фатија февгата.“ Задушливо го слушнавме војникот. Се слушка крекање и погледна накај треските. Една мала жаба со лепливи очи не погледна и потоа нурна под водата. Беше чудо дека немаше смрзано до смрт. Не се мрднавме од под мостот со брат ми неколку минути, можеби петнаесеттина. Како деца, принципот на време и како тоа поминува е многу поразлично од кога си возрасен. Излеговме преплашени дека ќе не фатат, со посининети усни. Немаше жива душа, само отпечатоци од војничките чизми.
Прво го кренав Александар од коритото, потоа санката, за на крај да се извлечам самиот. Водата се цедеше од нас . Додека јас бев до градите накиснат, Александар беше од глава до пети и со вода и со крв од носот. „Избриши ја од снегот“, му реков.
,,И ти си крвосан“, рече допирајќи ме на челото и почувстував како ме пецка точката каде се сретна неговиот замрзнат прст.

,,Дај да одиме дома.“ На патот до станот мислевме оправдување за да му кажиме на мајка, но ја најдовме заспана во опијанет сон, како и тенџере од варени компири со бел пипер.
Ако некој мене ме праша, кој е мојот омилен момент со брат ми, јас ќе им ја раскажам случкава и до најбаналниот детал, како шарите на крв што се впија во неговата винтјатка, колку пати сме се лизнале двајцата на нагорнината и формата на облаците над Џапането.

Некој да ме праша кој ми беше омилен момент со тебе, немаше да ми текне на ниту еден бидејки со тебе сите поминати моменти ми беа посебни. Кога пристигнав во Колинсбург очаен и осамен, се појави на мојот праг и во првата стотинка, како да ја сети корнокопијата од емоции што чувствував, сите тие неименувани, и рече дека не е случајност што двајцата одиме кон истиот интернат.

Не ми е омилен момент кога двајцата заедно славевме неколку Нови години по ред, кога организиравме роденденска забава за Живе, бидејки мислевме дека со доволно лижење ќе ни ги скрати кириите. Ниту кога ме убедуваше да не се откажам од соновите, дека времето ќе ме излечи за да бидам подоцна помоќен физички и ментално. Пијаните фантазии дека ќе си бидеме кумови или девери (можеби двете), дека еден ден пијани ќе се смееме на истата маса каде сме седеле млади и ќе разговараме за сите нашите авантури и предизвици, пред забот на времето да ни ги искаса грбовите и осуди на вечна болна и неудобен сон.

Денот кога те запознав со Медведева беше денот кога знаев дека ти го најде твојот извор на среќа, а потоа мене ме израдува неимерно кога рече дека би сакал да ти сум девер.

Мене тоа ми беше прв пат да сум поставен на повисока вредност, да изгледам весел за туѓа пригода и да знам дека изгледот е реципрочен со тоа што го чувствував в душа, меѓу ребрата како решетки од затвор за да не избега ова изабено срце. Да те гледам на свадбата, што ми се причинува дека беше пред толку многу години, како со свештеникот пушиш цигара и се обидуваш да скриеш колку ти се тресеа рацете, додека не ги обвитка околу Медведева и ја бакна во усните, заклучувајки го светиот пакт. И тоа не ми е омилен момент, тоа е само слика во албумот од омилени моменти што покрај решетките кај срцето што не сака да чука.

А денес, сето тоа беше запалено и пепелта изнесена од провевот на решетките. Изабеното срце беше преполовено и двете делчиња не сакаат да се сошијат за да започнат да заздравуваат. Болката им негодуваше бидејќи мислеа дека тоа е причина за бес, но вистинската причина за бес беше бидејки емоционалната болка што повеќе пржеше отколку физичката. Ударот во реката на Курделец беше детска игра за тоа денес, мачкина кашлица.

Македонија секогаш била предадена од некој душман кој гледал само за своја придобвка, а јас не мислев дека како македонец ќе се пронајдам предаден од најверниот пријател. Дали сум јас виновен и сите грешки доаѓаат да ме казнат што сето пријателска верба кон тебе ја избришаа и покрија со густа магла на омраза? Или беше во мојата крв да знам дека сум кован за да не сум ништо. Една монета кога ќе остане во катронска кутија на питач кој умрел во декемвриска ноќ. Дали ти сум прегорен кибрит, како кибритот на ,,Девојчето со кибритчињата“ од Ханс Кристијан Андерсен? Ме запали за да се сретнеш со драга личност и потоа го остави да се стопи под снегот.

Колку моменти сме разговарале и ти свесно си ме лажел, си ме гледал в очи и секоја моја мака ја вајаше за да си погодиш за себе? Да беше друг човек, ќе го вртеше толку околу малиот прст или ја користеше мојата лековерност и пресушеност за пријател, за братска фигура?

Или бев наивен, мислејќи дека нашите сличности ќе не зближат или бев глупав. Можеби станува збор за комбинација од двете. Како да мислеше дека ако беше искрен ќе те одбиев? Баш дека стануваше збор за тебе, дека си во поганиот свет, со клуч од вратите што си ги голтнав, ќе скокнев преку оградата и ќе бев покрај твојата страна. Мислев дека така се одвиваат пријателства, но суетните московци и ладните Карелејци се подла комбинација, а ти си најподлата од сите.

Ниту еден момент заеднички не сакам да заборавам, но сакам да го заборавам гласот на Вова кога самата се изненади дека ме лажеше, обидот да најде оправдание во твое име. Крешендото на своите емоции како се слеваат во инка и капка по капка се преобразуваат во отапувачка болка. Капка метална археа што капеше на пејсмејкер од старец со половина нога во гроб. Би сакал да го турнам оној Адам кој го уништи и со пиштол на тилот да те натерам да го закопаш шест метри удолу. Треба да ти биди тешко, но ти си безгрижен. Имаш веќе сè, а не мислиш дека има можност да го изгубиш истото. Во овој свет нема постојана безбедност. И јас како што научив, ниту постојана лојалност.

Би сакал да се вратам назад во времето и да те сопрам да се преселиш во друг стан. Да ти речам дека не ми смета твоето ‘рчење и да пуштиш во тоалетот пред да се тушираш. Наместо да ти ѕвонам секој ден на телефонот, да можев да те гледам во живо и да го сопрам испилувањето на овој во кој си се претворил. Или да ги отворам побрзо очите. Но немам сила да го враќам времето назад за да се борам со судбински преодредени фактори. Вака требаше да биди.

Години сум ја ставал слушалката на уво и сум бил во исчек да го слушнам твојот глас и иако секогаш вртев на истиот број, мене секогаш ми креваше различен човек. Сме биле едното, меѓу нас влакно не се мотнуваше, но годините ни ги открија вистинските страни. И јас не сум цвеќе за мирисање со моите проблеми со верноста, но ти си бил расипан до коски. Ќе зажалиш еден ден што се излета од колосек? Ќе сакаш да имаш шанса за покајување, да ја признаеш твојата кривица, али повеќе би одговарало ако ти победи суетата. Како и секогаш.

...Што не си свесен што болка ми нанесе, гниј за ова што ми го направи.

***

Теодора Крстевска е родена во Битола, а студира ветеринарна медицина во Скопје. Има дваесет години и вели дека пишува уште од кога била мала. Сака да слуша музика, да гледа филмови и да чита книги, највеќе трилери и крими фикција.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.