#РаскажиМи: „Појава“ од Маја Вулф

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Појава“ од Маја Вулф

Појава

„Леле, истура! Откаде овака одеднаш со сета сила надојде..”- слушнав еден мажествен, а истовремено нежен глас блиску до мене. Всушност се чинеше толку блиску што се запрашав дали зборовите ми беа наменети мене. Ја подигнав главата и мојот поглед се спои со неговиот, се впи во синилото на неговите очи.
„Да, и мене ме изненади”- смогнав сили да изустам, иако сите мисли ми беа заробени на неговото лице. Имаше кратка бела брада прошарана со по некое темно влакно како потсетник на младоста која ја беше оставил зад себе. Веќе на шеесетина години, со сè уште силна градба на која царуваат широки рамена, но сепак облечен во чудна милина која дарува мир.
„Може да седнам или чекате некого?”- ме праша покажувајќи кон празниот стол до мене. Јас бев седнала на шанкот пред кој беше распослано сивилото на градот ненадејно посетен од дождот. Тоа сивило му даваше уште поголема моќ на неговиот поглед.
„Повелете, не, сама сум.. “- успеав да кажам надевајќи се дека не ја забележа мојата збунетост.
„Не сама, со книгите”- рече тивко, шарајќи со погледот кон трите книги и уште повеќе тетратки кои ги имав ставено пред себе, решена да го поминам целото попладне учејќи. Намера која сега се чинеше далечна.
„Ах, да, сакав да поучам, ама дождот ми го зема сето внимание…”- кажав, иако целото мое битие беше свесно дека беше лага, дека вниманието ми го зема тој белобрад туѓинец. Имаше ангелски лик, обликуван толку совршено што ме натера да се запрашам дали можеби боговите ја употребиле сета своја моќ во неговото создавање. Иако неговиот поглед беше мил, неговото држење сведочеше за доживеани маки и страдања.
„Антропологија”- рече тој, замислен. „И мене ме интересира науката за човекот. Целото човештво опфатено во една наука. И мене секогаш ме влечеше потребата да научам за човештвото, ама одбрав друг пат. Јас бев војник, и имав прилика да научам многу за… Нечовештвото…”- рече белобрадиот убавец веќе целосно предаден на своите мисли. Одеднаж забележав како сивилото навлезе и се вдоми во неговиот поглед.
„Можам да претпоставам. Војната е најсвирепиот учител”- реков и речиси се препуштив на поривот да му ја допрам раката која висеше надолу, скоро безживотна.
„Ах, да. Тие лекции што ги учиш во војна никогаш не те напуштаат. Те менуваат… Засекогаш.”- изусти, иако забележав дека силата веќе го имаше напуштено.
„Како се справувате со…”- се обидов да го прашам кога една толпа гласни студенти влета во кафулето!
„Леле, дождов..”- загрме насекаде. Се свртив да видам што се случува, а уште повеќе да ги смирам веќе разбрануваните чувства.
„…Со..” – продолжив, повторно вртејќи ја главата кон него, само овојпат мојот поглед не се изгуби во синилото скриено во неговите очи, туку во сивилото на денот. Белобрадиот убавец веќе не беше до мене. Ја немаше ни аромата на неговото црно кафе, а сепак го чувствував неговото присуство… Или можеби отсуство…

***

Маја Јовановска Вулф  е родена во Скопје, но живее во Висконсин, САД. Дипломира на катедрата за македонски јазик на Факултетот Блаже Конески. Исто така има диплома по шпански од Државниот Универзитет во Аризона, и е при крај со магистерските студии по шпански на Државниот Универзитет во Ајдахо. Пишува кратки раскази и поезија.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.