Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Пура во Осака“ од Јована Матевска Атанасова.
Таа е родена во Битола, во 1991 година, а по професија е лиценциран психолог. Во 2015 година го издава својот прв роман „Тамбовските снегови“. „Писмата во библиотеката“ (2016) е роман поддржан и награден како е-книга на конкурсот на Фондацијата Македоника и УНЕСКО. „Јас во суперлаТИв“(2021) е нејзиното трето дело, психолошки прирачник за саморазвој.
Истата година од печат излегува и нејзината прва збирка раскази „Гладоморје“, насловена по расказот со кој ја понесе наградата Живко Чинго во 2020 година. Во збирката се застапени 22 раскази, меѓу кои и неколку од наградените. Јована е добитничка на повеќе престижни награди за раскази во државата, и дел од нив редовно влегуваат во состав на збирките од меѓународните конкурси „Бибер“. Таа е двократен лауреат на наградата Живко Чинго за најдобар расказ во 2020 и 2021 година. Расказот „Пура во Осака“ се закити со оваа титула минатата година.
Пура во Осака
Традицијата не умираше. Дури и по смртта на седум од членовите на „Друштвото“, тие двајца беа доволно живи да ги истераат двете годишни средби. Светот се изменил, подмладувајќи се, ним им брчкаше лице. Залогот на живеењето не беше бесплатен. Додека петмина умреа во истоимената татковина во која и се родиле, двајца сведочеа за нејзиното покрстување. Смртта не беше спокојна во рапидно модифицираното секојдневие, претставуваше уште еден траорен чин на борба.
Се именуваа себеси како „Друштво на чуварите на македонскиот јазик“. Имаа свои идеологии и беа дејци заветени да ги бранат буквите како својата гордост, поучени од бескрупулозните барикади кои како низа млади, непоткастрени фиданки ги сопнуваа тогаш кога беа решени дека ќе газат цврсто. Секој од нив беше ветен на мајчиниот јазик, на ваков или таков начин; Драган новинар на националната телевизија, Менде универзитетски професор, Коста, Никола и Јани преведувачи, Петре познат драматург во Велешкиот театар, Борче етнолог и дипломиран историчар, наградуваниот поет, лауреат и добитник на венецот на Струшките вечери на поезијата Драшко и критичарот Огнен. Беа независни од политичките сценарија во државата, од Академијата, иако и самите академски граѓани, книжевно освестени, описменети уште по првата голтка колострум. Нивното векување беше грамадно колку гемиџиско, просветителско, богомилско. Малку беа придавките кои можеа да ја опишат големината на нивното тајно дело, да се презервира јазикот до танчина, со последната честичка и апостроф.
На состаноците секогаш начнуваа различни теми, ги разработуваа, нудеа решенија и многу често делата ги спроведуваа без да се помислат два пати, изготвуваа проекти како да се подобри некој аспект од осовременетиот, литературен јазик. Иако тој „алиенирано“ им чкрташе по непцата и лизгаше по глеѓта додека се артикулираа новите зборови низ раштраканите вилици, прецртани од унијата на глобалното село. Честопати им бегаше низ дланки како немирна риба уловена на суво.
По седумте погреби, Менде беше и остана домаќин на јубилејната средба. Домот секогаш му мирисаше на маџун од дунки, а градината на свежо искосена трева и расцутени перуники. Коста помина под бршленовиот превез, сводест премин во предворјето на Мендовата градина. Неколку пчели, проструија близу неговата ќеља , вознемирени од присуството човечко, претходно кротко почиваа меѓу разгранетите, ползечки стебла.
Иако видот на Менде не го подобруваа ниту дуплите диоптри во стаклата, а слухот одамна го позајми на апаратчето кое здравственото осигурување му го дозволуваше, интуицијата го служеше како и за време на војните. Поради истата беше жив и долговечен. Го пречека на тремот со гостопримлива насмевка во разјадената вилица која, како староста му го цицаше лицето, добиваше вовлечен изглед.
– Те чекав охранителу, јунаку на слово библиско, да го разглаголиме попладнево кое инаку би го искористиле за дремка. Та нели народов, бездруго, откако постои си починува и молкот свој низ страдање го наплаќа?- Менде беше стопан на најродољубивите изреки, за гркланот му залетнале сите зборови кои низ интерпретирањето на Миладинов, Мисирков, Прличев, Конески ги проголтал; полнеше дијалози како готварска сол и рани потпекуваше таму каде не зацелиле.
Коста го прегрна срдечно и му ја подаде хартиената ќеса. -Вранец. Најдоброто од лозјата Тиквешки. Полесно да ни лизга дискусијата.
Од секогаш се шпекулираше за тесната врска помеѓу алкохолот и писателите. Виното беше најискусна љубовница на пишаниот збор.
Уште во ходникот го преплави мирисот на слатко од дунки. Менде се привикнал, научил да живее со него, исто како и Коселчани со сулфурот од Дувало. Двајцата беа стари и со потешкотии ги поткреваа нозете, небаре камен им ги подврзал. Душемето зацвиле од нивниот мачен од. Менде ја чуваше куќата , оставина од дедо му, како и белката во окото, ја чуваше скржаво како јазикот, но таа никогаш не смени лик; не ја освежил ниту фасада, не го подмачкал ни чкрипечкото креденче.
Се упатија во собата за дневен престој со прекрасни, здивоодземачки прозорци по целата нејзина висина. –Тапетите не мрднале. Уште еден доказ дека старото е потрајно. Како белее и косата на човек, тој станува помудар. Се смалува животот како летна ноќ, кусогледи и пијави. – седна низ гримаси згрчени од болка на, нему, омилената фотелја со штофен тапацир, држејќи се за половината, се виткаше и крцкаше низ секвенци.
Менде домаќински го пречека со сребрената тафта и кристални чаши. Се чудеше како успева да ја предвиди секоја ситуација и толку брзо да дејствува. Староста очигледно не ги тераше сите до ќошот на сенилноста, за некои беше еликсир. Можеби тајната на оваа долговечна пргавост се крие во лековитиот маџун, си помисли Коста.
-Ти благодарам.- го зеде малечкото чинивче и сркна од маџунот. Слатката арома се разлеа до непцата и забите, го изгоре јазикот со препознатливиот вкус.- Овие средби се обележани од твоето слатко од дунки. И останатите чувари ќе станат од гроб да пробаат уште еднаш. -Туку, смисли што ќе имаме денес на дневен ред?- со полна уста, не можејќи да му одолее ни да го остави додека не остане чинивчето празно, го праша Менде кој веќе се сместуваше на каучот со пропаднати сунѓери.
– Статистиката покажува дека во 2019, заклучно со претстојната 2020, традиционалните имиња исчезнуваат од крштеничињата на новородените. И нашата толерантна форма на презимиња, впрочем ретка како АБ крвна група во светот, која го почитува првенствено родот, за која феминистичките борци можат да ни позавидат, се губи. Треба да доставиме предлог до Владата да се нуди некаков симболичен издаток за да се зачуваат нашите традиционални имиња, имиња на предците. Сепак сиот живот името се носи како бемка или белег. Дури и за нив човек нашол лек. Името застапува и повеќе од знамето. Странските пропаганди не биле наканети само во периодите на војна, пријателе. И сега ни навлегуваат преку оние ѓаволски кутии кои Тесла ги положи ко змиски јајца на Земјата.- покажа и целеше на комодата на која вообичаено стоеја таквите катодни апарати. Професорот не веруваше во моќта на медиумите, во дискусиите секогаш ја оспоруваше, сметајќи дека народот не е доволно освестен и описменет за да се користи со информациите од трета рака, непроверени и кривотворени, па затоа апстинираше од купување на една за дома.- Размислував за фолклорот и религијата. За обредните песни и нивното истребување со модернизацијата. Слушна ли дека на свадбите сѐ почесто свиреле дискџокеи? Слушаш ли Цепенко, слушаш ли Сариевски, дискџокеи! – со гестикулацијата подвикнуваше, да го чујат и мртвите.
Дискусиите се сведоа само на две мислења. Немаше караници и несогласувања како порано, кога метежот од нивните гласови и ставови, ќе ја вознемиреше сосетката Паца и таа ќе викнеше полиција. За жал, нејзините гости во главата, беа погласни и од гостите на Менде.
Коста молчаливиот подзагризуваше по некој збор, сега откако се срамеше да побара дополнување на чинивчето, а и му беше забрането, поради нетолеранцијата на шеќер. Староста ги размрдуваше параметрите на крвната слика.- Кога ја просев раката на мојата Севда, лесна ѝ земја, зурли биеја и грла се параа, крвави конци плукавме ко конците на Везилката, што ти од вина румени, што од грло распарано.
Оваа носталгија по среќните сентименти не ја делеше и Менде. Остана ерген, професор што по толку прочитани книги остави една недопрена од негов поглед и потпис. Не се скраси, во домот негов немаше место за брачно легло, и тоа беше преполовено од тежината на дебелите корици. Ваквата одлука, принудна, доаѓаше до израз кога неговиот молк, неможноста да даде реплика, што вообичаено не беше својствено за него.
– Од хиероглифско писмо повторно се навраќаме на примитивна писменост. Како лошо да сме ја одработиле ваквата транзиција, па ни преостанува да назадуваме и да преминеме на сликовни знаци.- менува тема додека во глава го запоседнува стихот на еден од мртвите чувари, поетот Драшко.
„Од мисла пречиста
ко мајка Богородица
насушна ни е речта,
наситна ко целозрна спелта.“
– Смислата ја бараме во јазикот и покрај тоа што знаеме дека народот пресудува. Егзистенцијализмот би бил само безимен правец без умовите, без темните векови кои вродиле и плод и декапитации. Зборот е измислен за да се материјализира мислата. Во спротивно сите ќе знаевме сѐ без да отвориме уста. Јас не познавам друго суштество кое болката и радоста ги именува, кое плаче низ фонеми и љуби низ самогласки. Но ете, напредокот ни крати од јазикот, единствената одлука која нѐ разликува, зашто човек може да клекне на сите четири, а мечката да се исправи на две. Го тераат да војува, во војна не се зборува преку јазик, туку преку умот и импулсивните одлуки поттикнати и потекнати од некои древни механизми за опстанок. Сѐ е смислено однапред човек да се сведе до безрбетник. Е тоа е смислата. А ние сиве години беседиме на столициве кои излитиле, и тие не заборавиле дека времето им минува. Ние да. Не постигнавме ништо да го осве(с)тиме јазикот. Осиромаши и тој како нас.
Коста негодува. -Да беше Панде жив од ќумурот за скара во дворот ќе ти потпалеше клада. Кај колкумина си всадил љубов кон мајчиниот јазик? Можеш ли да ги изброиш на прсти? За колкумина сме биле градинари , сме превеле дела кои од едниот крај на светот оживеале во главите на нашата младина? Сме им отвориле универзум, легализиран прозорец. Децата мои го љубат јазикот и професионално и приватно. По таа проста равенка на прогресија ние сме просветители.
– Но знаеш дека катедрата е во изумирање? Никој не се запишува како пред деценија. Немам редици студенти и торба индекси за пополнување. Младите го наоѓаат спасот во јазиците на иднината, а нашиот македонски е јазик на претците, на грубото минато, на предавството, недостојната сетнина. Лесно му правиме парастос ако се работи за егзистенцијални услови.
Не. Коста не сакаше да се помири со агоничните реплики на соговорникот, со софистицирана доза на песимизам. Пред да стане преведувач се проба на катедрата по психологија. Ама беше кревка наука што сметаше дека пребрзо ќе се скрши, многу побрзо од вековниот македонски јазик со цврсти корења кои сега попуштаа под окупаторската надворешна политика, па ја напушти. Кратките мудри приказни кои истекуваа од будистичките книги, од Ведите и Упанишадите секогаш вдахнуваа надеж и долга контемплација по раскажувањето или прочитот.
-Сум ти ја раскажал некогаш приказната за комунистот и пурата? Беше омилена на еден македонски професор кој предаваше Источна филозофија на Сорбона. Имено, јужноамерикански комунист отишол на посета во Осака, Јапонија. Царство, а тој просјак, омразен на секоја страна на светот. Градот бил обично предградие без челичните скелети да го допираат небото како ноеви шии, ниту денешната завидна инфраструктура, тогаш била развиена како граден кош на девојче. Населението уште живеело во мракот на својата културна мугра. Дојденецот бил дочекан како цар. Се плашеле од него, но му се восхитувале. И одеднаш, нивниот мрак се осветлил. Комунистот запалил пура. Се чуделе. Не било луле, а имало мирис на тутун. Не била ниту цигара свиткана во тенка хартија. Ги потсетувала на циметно стапче. Иако не знаеле што е, дали е опасно или корисно, сите го посакувале.
– И? -најречитиот во Друштвото , универзитетскиот професор со неверојатна когнитивна сила и вештина на обострана, индукција и дедукција, со неверојатна ерудиција, остана двосмислен во мислите додека чекаше уште барем една реченица во продолжение со јасно предадено наравоучение.
Коста насмешливо ја изви устата во Да Винчиевата потписна крива на Мона Лиза.-Ние имаме моќ. Луѓето од дамнина биле амбивалентни, како и јазикот. Гајле ми е, не ми е гајле. Mоже сме различни, ама јазикот е пурата која сплотува. Го пропатувала светот, се тегнела и прилагодувала, ѝ отсекувале врв кога морала да се разжари, прошетала низ погани усти и била злоупотребена. Можеби никогаш не ќе раскаже во целост за достигнувањата затоа што милионите гласови не се едно исто грло.
Кубанскиот заштитен знак се шверцувал зад границите на моќната империја, хипнотизирајќи ги неуките со својата таинствена појава, додека царевите и за помали престапи сечеле глава. Но сѐ додека има што да им ги разгори сомнежите, нашата дејност ќе биде исто што и пурата во Осака. Загадочна, а копнежлива. Јазикот е најлесната бомба што можеш да ја пренесеш каде и да посакаш без да бидеш фатен. Потребни се усни и уши.
Менде замислено си поигруваше со црвената течност, ја вртеше низ кристалната утроба на чашата, а Коста мислејќи дека овој пат извојувал и распонил крајна контемплација и заклучок, брилираше како облагороден камен.
— А слушна за лектирите и репертоарот? Ова е беснило, книжевен егзодус на една нација. Вредните дела со кои се описменуваат и над кои децата ги вадат млечните заби, со кои пораснале и татковците им и дедовците, се укинуваат. Земете ми го умот, само немојте јазикот. Фијаско, јас знам… Јазикот станал порозен како свлечиште, и писмото не е повеќе национална установа под која ќе векува народот. Ех пријателе, пријателе…. Што дочекавме. Заоѓање….
– Јазикот е непредвидлив како ветер. И кога се изменило тлото тој останува ист. Колку да нѐ оспоруваат, јазикот ќе живее во некој скриен ген од поколенијата. И еден ден ќе букне посилен од претходно. Низ буква.
Двајцата пријатели, од редот на Друштвото, продолжуваа да полемизираат. Сонцето се опекуваше под сводестиот ражен. Менуваше нијанси, а птиците ги добројуваа песните до ноќниот репертоар. Во далечина допираше џагорот на децата, знак дека и покрај ропството на електрониката има одметници кои секогаш ќе ги изберат немирните нозе пред брзите прсти. Ништо не се изменило. Тие сѐ уште ја имаа својата пура меѓу усните. И ќе ја чуваа додека не испуштат здив.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.