Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Раче“ од Игор Поп Трајков.
РАЧЕ
Никогаш волку не с`м се намачила. Денес мајка ми ни едно лепче не ми оставила. Браќата сабајлево ми заминаја и ме оставија. Немав сила да станам, заш` не бев јала. Шо е животот, чекалница за храна. Се качив во автобусот и сеа се возам накај центар. Таму има многу странци, најчесто ни давет нешто, цигари, јадене, некога и пари. Знаат дека сме без ич. Сеа се надевам дека нема да ме фатат дека сум бес пари; ме знаат веќе овија од линијата. Еднаш чичкото возач ми рече: „Излевај Нериде, на наредната станица ќе влези ловецот. Па ќе те носи во затвор.“ Добар човек е, го знам. Кога ќе видам дека он вози ми се полни душата. Има и лоши луѓе меѓу возачиве, на кој не им е гајли дека сум девојче од 6 години, туку ме малтретират како старо ѓубре.
Дека „сум одела по автобуси за да смрдам или да крадам“. Некои и ме фрлија надвор низ врата како врејка компир. Еднаш ми се заглави рачето во вратата, не можев да влезам, а автобусот тргна. Почна да ме влечи. Среќа што една постара госпоѓа виде и му кажа на возачот. Почна и да му се дери дека „не глеа на огледало“ и дека „ќе кажи да го избркаа од работа дека ќе убиел дете.“ Потоа таа фина госпоѓа, се сечам дека се викаше Елеонора ме однеси на колачи и ме праша „зошчо не сум на школо?“. Ами ја реков дека „мајка ми сака да ме спаси барем уште една година да сум надвор од ужасот на свето на возрасните.“ Ме праша и за дома. Ја ѝ реко дека „имам многу браќа и сестри, и ми беше срам да кажам дека не можам да се сетам сите како се викат.“ Ама госпоѓата Елеонора ме праша зошто така? Јас велам „дека кога сум долго гладна не можам на ништо да се сета.“ Убава беше таа госпоѓа, со уба бунда. Ме праша што знам? Јас ѝ кажа дека „знам да цртам убаво.“ Ѝ нацрта една цвеќе и еден дете, кога ми извади од ташна пенкало и едно лифче. Многу ми галеше рачето, рече колку убаво раче, затоа убаво црта. Ми кажа дека ме сака оти нема деца. Е тогаш зошто не ме зема кај неа? Ева ја станицата, стигнав во центар на Скопје без проблем. Денес никој не ме мачи во автобус, ама низ улициве во Центар стално. Сите нѐ мачат без потреба. Сите нѐ пцујат во Центар. Сега одам кај еден од кај пекарата зад големиот хотел. Тој е добар со мене, ама на никој не кажува зошто. Дека ако кажа сите ќе одат кај него. Многу е дарежлив со деца. Стално ми дава кроасан или пола бурек и од тоа белото за пиене. Ама никој не знае шо сака. Да ми држи раче за очи како на куче да му света. Ми вели дека „јас сум најубо девојче, со најубо раче.“ Знам дека е лош. Мама ми кажа… Дека тој сака нешто шо не смеи. Мама ми кажа да бега од такви. Јас знам дека е недобро, ама мама ме оставе без леб. И сеа нема шчо да јада. Треба да издржа до наредна година, тогај мама рече ќе ме прати на школо. Ми кажа дека „нема да бида бегалка, нема да ме мажа за друг со сила, зашто сум неуба, нема никој да ме сака.“ Знам деа не сум принцеза. Ама пак сите ми рекоја дека имам уба рака… Уф стигна. Ама тука не е мојот пекар, тука е оној другар му Марјан. Многу не нѐ сака. Ај да се тргнам да не замаа со некој камен. Добро е, не ме виде. Ќе сака мурјаци да пушти накај мене. Има ли некој на сфетов да ми поможи? Толку ми е тешко. Ќе ја заобиколам зградата со пекарницава и од другата страна на улицата ќе глеам да не се врати. Многу сум исцрпена, два дена немам ништо во уста стаено. Едвај стигнувам до другата страна, ќе седнам да просам. Сите ми рекоја дека имам среќно раче. Седам сега тука, а погледот стално ми го бара пекарот. Гладта ми е најголема пријателка, таа само не си оди од мене. Сите кои минуваат ведат глава кога го гледаат моето испружено раче. Немам сила да речам „за леб ми треба“. Ако… И да речам никој не би ми верувал. Еве сега овој светол млад господин доаѓа наќај мене, како принц е… „Гладна сум…“- едвај кажувам. Уф тој како да не ме забележува. Кога ми се свртен со грб исплукува со сите р`каници. Случајно плукна или му се гади од мене – тоа сака да каже? Ех, да беше мајка ми ќе го опцуеше. Секогаш има сила за тоа, дури и коа е гладна како мене. Еве сеа доаѓа една уба баба накај мене. Не можам веќе да седам на патов, многу ми е студено. Ајде и неа да ја почекам. Еве ја иде, буричка во џебот. „Голема да растеш!“- и ми фрли едно стотче. Сега сум спасена. Туку да почекам уште малку. Заш`т сум видел дека кога еднаш ке ми дадат после одма пак. Еј колку убо куче. Многу сакам убаи животни. Иде накај мене. Ќе го погалам. Опашката му е свиткана меѓу нозе, сигурно е луто. Ќе го развеселам. „Ела куц навака. Куц… Куц…Куц…“ Еве го иде. Ја има онаја жолта мингуша од шинтарите. Муцката му иде накај мене, ама зош` не ме глеа. „Ела да ми те погалам пријател.“ Ја пружам раката кон муцето. Колку остри влакна. Реже, сака да каже ме сака… „Оооооооо… Помошт! Помошт!! Ми го нема рачето. Куцо врати ми го. Боли!“ Топла ми е крвта, ме лепи… „Помошт! Помошт!!“
..Каде се наогам? Се будам… Да… Во болница. Сеа се сетив. Ми рекоа дека е добро шо сум била блиску до болница, зато сум жива. Оти ми немало многу крв. Се наспав добро, а и храна имам неколку денови. Не е лошо. Беа тука некои добри луѓе, ми рекоа дека биле до кај весниците да кажат шо се случило, ама па не сакале да пишат, не им се продаале весниците од вакви работи. А и дека сум Ромка, кој ќе сакал да чита за мене. А па обратно за кучината коа нешто ке им се случи стално пишуеле, така ми кажаа. Во цел свет волкаи животни биле забранети, само кај нас ги пуштале со тие менгуши. Зашто тие што се грижеле за кучината земале многу пари, а тие за децата како мене ништо. За кучината стално од градот имало храна и спиене, не и за нас децата. Сакам животни, ама после ова. Каков ли е животот без една рака? Сеа ќе дознам. Можеби ке е подобро. Полесно ќе просам. Но колегите од Камени ми рекоа дека е исто дали си сакат. Во други земји било различно. Во онај филм за наши далеку роднини од Индија „Милионер“ видов татко како си ослепува мало дете, син, за полесно да проси. Тогаш значи ќе одам во друга земја и ќе имам успешна кариера како проса. Ура. А нема да мора ни на школо да ода. Сега нема со што да пишувам. Сите рекоа школо е многу тешко… Тешко ми е. Ми го нема рачето. Ми се плачи. Нема која да ме посети. Мама ме заборави. Ке дојде ли Елеонора? Немам веке со што да ѝ цртам…
***
Игор Поп Трајков долж неколку децении е еден од најпродуктивните писатели во регионот на Југоисточна Европа. Неговиот опус опфаќа илјадници страници поезија, проза, пиеси и публицистика. Некои од неговите теоретски трудови се објавени на најпрестижните универзитети. Тој по професија е филмски режисер, а е многу продуктивен и во визуелните уметности и дизајнот. Моментално е на докторат во Институтот за македонска литература. Во 2020 беше еден од добитницте на Наградата за најдобра божикна порака на American Corner Struga. Тој е добитник на наградите: за најдобра стихотворба за Денот на поезијата на списанието The Poet- Несогледани простори (2021) и Наградата за најдобра стихотворба на HOPS – Телесен двојник (2021). Неговата поезија е застапена во 6 антологии на фондацијата за Бит поезијата и во една на White Heron – и двете се во САД. Застапен е во антологиите за Лоренс Ферлингети и Дилан Томас (2 пати) во Италија. Во Италија беше селектиран и во конкуренција за поетските натпревари Виаџи ди Верси и Ил мио либро. Застапен е 2 пати во престижната годишна антологија на натпреварот за хаику поезија Луд Брег во Хрватска.
Со петочната рубрика #РаскажиМи промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, со куса биографија.