Овојпат во #РаскажиМи, го читаме поглавјето „RATAMAHATTA – SEPULTURA ◄ ◄ 1996 ► ►“ од книгата минути и 53 секунди“ од Бранко Прља. Расказот е достапен и во аудио форма на платформата „Самоглас“.
RATAMAHATTA – SEPULTURA ◄ ◄ 1996 ► ►
Заѕвонив на вратата на петтиот кат од една социјалистичка зграда во Карпош и се појави Владо. Му мавтав со касетата пред очите.
„А-ха,“ беше неговиот вообичаен одговор на сè, а ние го задевавме дека кучето е најдобриот пријател на човекот, а неговиот е креветот.
„Слушај го ова,“ влетав во неговата соба, трпезарија и кујна во едно, ја извадив касетата со Led Zeppelin и ја пикнав мојата касета во неговото мало касетофонче. По смирувачкиот звук на индијанските извици и тапани кои наговестуваа етно албум, пејачот Макс Кавалера се раздра, а гитарата рикна така што убаво му ги протресе коските на Владо и ù стави крај на неговата попладневна дремка.
„Што е ова?,“ праша збунето.
„Новиот албум на Sepultura, слушај каков звук!“ Тоа беше ново искуство за мене и еклектичките 90-ти повторно се покажаа како инвентивни и храбри.
Во Мјузик Гарден можевме да се шуткаме на Ratamahatta на Sepultura без да ни ги искршат ребрата или да ни ја скинат главата. Место на отворено помеѓу некогашниот клуб со живи свирки, Маракана, и некогашниот мини-голф во луна-паркот, веднаш до војската. Во Мјузик Гарден пуштаа рок и алтернативна музика, а мојот другар Владо го викаше Soundgarden, исто како што сакаше да му стават буњаковец наместо буковец на сендвичот во Флорида, сендвичарата на пазарчето Буњаковец. Легендарниот сендвич со пет смрдливи ќебапи, отровна доза кромид и препржени компирчиња чинеше 35 денари и беше идеален за нашиот речиси непостоечки буџет.
Последна година во средно училиште. Повторно се „заљубив“ во грешна девојка, а таа го сакаше хитот Children на Роберт Мајлс и секој пат кога ќе ја слушнев песната мислев на неа. Моите сетила и критериуми за музиката отапеа, но ако имаше нешто добро во таа песна тогаш е тоа што ми го врати интересот за електронската музика.
Мјузик Гарден беше една вистинска музичка рајска градина, а ние бевме невини и млади. Секоја вечер влетуваше полиција и ја гаснеше музиката токму кога беше највозбудливо. Причината беше дека е предоцна, а дека музиката е прегласна, изгледа премногу им пречела на бездомниците на клупите во паркот. А на педесеттина метри подолу ечеа турбо-фолк „нумери“ од дискотеките во луна-паркот и батките во тесни црни маици и шпицести кондури не ги засегаше законот зашто тие беа над него (и сè уште се) – поради тоа што кога хармониката свири на увце, а гласот завива со одредена народска фреквенција тоа предизвикува закривување во законите на физичката реалност.
Скопје немаше видено слично место како Мјузик Гарден по неговото затворање – место каде што алтернативната младина редовно се собираше на толкав простор и во толкав број. Тоа што се случи беше сосема во согласност со времето. Веќе подолг период силите на темнината работеа на уништување на алтернативната сцена во културата и уметноста и тоа никој не можеше да го смени, особено не апатичните млади од 90-тите разочарани од транзицијата, војните, отсуството на избор и немањето иднина.
Goldie со Timeless и драм енд бејс жанрот доживува мејнстрим успех. Сигурно дека не знаевме што е „Amen Break“, но знаевме дека тој звук очајно ни се допаѓаше како наследство на призвукот брејк-бит и биг-бит на The Prodigy.
И тогаш се отвори Менада и почнаа ДНБ журките. Играњето на овој тип музика беше особено тешко ако се обидуваш да го следиш секој ритам, зашто некој би можел да помисли дека имаш напад на епилепсија. Финтата беше во прекршувањето на ритамот и движењето на секој втор или четврти удар, како да играш на реге, да речеме.
Но, она што беше битно е дека Рони Сајз пристигна во Скопје преку тие журки. Подоцна, после многу години кога и физички ќе пристигне, не дека веќе бев престар за да го доживеам на истиот начин, туку не бев доволно млад. Новиот милениум тогаш веќе беше започнат, а музиката и филмот беа пред смртта симболизирана во бесмислени брканици со коли, експлозии, недостиг на фабула и хуманост.
Бевме во Зот, карши Ким, – едно од последните бастиони на андергаунд сцената, со тоалет како од филмот Trainspotting. Јаки свирки на Benzona и Underdog, коишто Вла ги викаше Подкуче, жестоки шутки, пијанчења, замаглена перцепција во контекст на чадот, алкохолот и „подрумската атмосфера“ во која идот го надвладува егото… ја свиреа Roxanne од The Police и рајата шизеше, бевме натуткани како сардини, а во позадина неколку типци растураа мал фудбал.
Пред само една-две години се случи психоактивна револуција во музиката, гранџ беше на врвот на популарноста, а трип-хоп легендите Massive Attack, Portishead и Tricky издадоа пресудни албуми. Во септември заминав да студирам во Италија и тие албуми станаа совршен саундтрак на мојата осаменост и отуѓеност, откорнатост од средината во која штотуку сум се прилагодил и сум пуштил корења. Ciao Bella Macedonia!
Бранко Прља, роден во Сараево во 1977 година е писател, новинар и графички дизајнер. Во 2003 година е излезена неговата прва книга „За секого по нешто, за некого ништо“. Има издадено 30-тина дела во различни книжевни и експериментални жанрови. Пишува и под псевдонимот Берт Стајн и Исак Сима. Основач е на првиот литературен електронски конкурс во Македонија „Електролит“, на креативниот колектив „Капка“, на првите специјализирани интернет агрегатори за наука и уметност, science.mk и creative.mk, како и на порталот arno.mk. Активно работи на полето на реупотреба и екологија на социјалните медиуми.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.