Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Романтичарска заблуда од фигуративна загуба“ од Емили Обочки.
Обочки е средношколка, таа е трета година во СУГС „Георги Димитров” – Скопје. Има седумнаесет години и неодамна ја објавила својата прва книга „Ирис” преку издавачката куќа „Ѓурѓа“.
Во продолжение прочитајте го расказот „Романтичарска заблуда од фигуративна загуба“.
Романтичарска заблуда од фигуративна загуба
Бурните капки дожд непрекинато се слеваат врз моето лице, безмилосно паѓаат прободувајќи ги камчињата во жуборливата вода, брзо се шират низ површината на ливадата, создавајќи мали вирови во кои си го огледувам својот лик. Кристално јасно, и покрај малата засенченост, џарам во неприродната боја којашто всушност воопшто не наликува на мојата, сега избледена и без сјај. До душа и цртите не ми се сосема доловени, се истакнуваат големите, нападни и страдни бразди, толку длабоки што успеваат да ја задржат водата во нив. Но кога ќе се преполнат и не ќе можат повеќе да издржат, одеднаш заедно започнуваат да паѓаат и на нивната меѓусебна игранка и се става крај со што видот повторно го пренасочувам надолу. Вировите се плитки, но на чуден начин продираат и ги откриваат најдлабоките делови од мене. Гледајќи ја својата рефлексија ги забележувам незараснатите рани на моето срце чија големина и непребродлива болка како да се менува со секое мое движење, ги гледам накривените, тенки усни што навидум се сврзале меѓусебе неспособни да испуштат некаков звук или крик. Омаен ја набљудувам својата изопачена става, откинатите парчиња облека кои ме прават да наликувам отфрлен и непосакуван од животот, препуштен на самиот себе и природата која великодушно ме прифаќа како нејзин најпотребен составен елемент. Дур ги извршувам сите горенаведени нешта, истовремено се обидувам да проникнам во суштината на животот, во немилосрдните и ладнокрвни искушенија кои ни ги поставува на патот и колкав и отпор да даваме спрема нив, колку и да е макотрпна и жестока нашата борба сепак на крајот не соборуваат, понизно враќајќи нè во почетната положба.
Од кога те нема, едно сивило и еднобразност го зафатија небесниот свод. Таа азурна постела која те сотре од мене и те засолни горе крај себе. Меѓутоа, за моите лишувања сиот свет треба да почувствува барем тронка вина, па можам само да се надевам и да замислувам дека овој пороен дожд кој владее со небото се всушност солзите на народот, овие гласни грмотевици – трогателните гласови и извици што ги испуштаат, а пак оваа брановитост на водата, наглата промена на нивното расположение. Дури и овие згустени водни пареи се борат и ја жалат мојата апсурдна загуба. Некаде околу нивните тесни процепи, сончевите зраци се стремат да излезат на виделина пред човечкото око, со што креираат една небесна фигура која многу потсетува на тебе. Сениште кое порано со сигурност би пробудило страв и колебање, успорување на работата на моите дамари, но во овој момент, влијае успокојувачки и пријатно врз мене. Ја засладува мојата меланхолија, си поигрува и ги скокотка моите нестабилни и недефинирани чувства и мошне претпазливо ја обвиткува својата нежна рака околу моето остарено лице, како што некогаш го правеше ти тоа.
Живописната силуета која облаците несебично ми ја насликаа го возвишуваат твоето витко, изнемоштено тело кое заслепува со своето маѓепсништво, со тенките испакнати црти околу темето, руменилото што ги зафаќа јаболчиците, венозните дланки кои секогаш беа и останаа пријатни на допир. Над тој божествен облик, се издигнува светлиот и блескав ореол кој само повеќе ја краси оваа волшебна слика. Но, овие истанчени бели површини не поседуваат способност да ја доловат твојата таинствена аура и посебна енергија, бидејќи за нив тие работи веќе одамна пропаднале во бездната на ништожноста. И плукам на овие облаци, ги презирам со сето свое битие зошто ниту самите не ја разбираат вредноста на тие мали значајни нешта. Не вложуваат доволно труд да те запознаат, да ја отпетлат непотребната надворешност и да го пронајдат патот до она што е навистина скапоцено. Јас го правев тоа последните триесттина години. Темелно го проучував твојот нарав, непрестајно се восхитував на твојата убавина, а тие, тие не можат ни да одвојат секунда од своето драгоцено време за да го сторат истото. Немој да се здобиеш со погрешна слика од моите бесполезни и непромислени зборови, покајанието никогаш не се пробудило во мене. Сè уште стојам зад тоа дека доколку би имал повторно шанса, и би те сретнал повторно во еден нов, поубав и поисполнителен живот, одново и без никакво размислување би се предал кон осознавање на твојата појава. Би ти го посветил сето посакувано внимание на овој суров и пуст свет, и би го бојадисал по твоите желби и барања.
Дур изнемоштен и со оправдана пизма спрема животот седам на ова посебно, мрачно место, некаде во далечината одново ја гледам твојата контура, овој пат обоена со пореалистични, топли бои што ја оневозможуваат мојата способност да ја одредам должината меѓу нашето растојание. Од тешките, обилни дождовни капки, ми се замаглуваат очите, па со нивно протривање твојот лик необично се доближува до мене. Те чувствувам толку блиску и толку живо, небаре студот вдахнал душа во твоето длабоко закопано тело правејќи костенливите, мечтателни очи повторно да погледнат во моите.
„Да имав барем некое предзнаење дека фигуративната закана за мојата смрт од тебе ќе направи ваков нежен човек со бурни чувства и огромна љубов спрема саканата, веројатно почесто ќе се служев со изразот. Ајде, станувај од водената, цврста карпа, невремево е предвидено да потрае уште неколку денови.”
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.