Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Севдалинка“ од Владимир Лукаш, кој е дел од збирката раскази „Дедлајна, љубов моја“ (2018) во издание на издавачката куќа „Темплум“.
Севдалинка
На телевизија течеше црно-бел филм: десетина луѓе беа собрани на една голема маса и молчеа. Во десната рака имав цигара опепелена до половина. Кога ја запалив? Чадот од цигарата (кој личеше на рој свилени бубачки во некое заборавено кинеско село) полека се претвораше во нејасни симболи кои почнаа да ми шепотат за детството, за моите први чекори, за дента кога заспав во зелениот леѓен, за смртта на дедо ми, за сивиот гулаб, за папагалот во Зоолошката градина кој извикуваше: Влатко, Влатко, за сите спомени кои ми
доаѓаа како скакулци, миг пред да заспијам и не ме оставаа да ги сонувам измислените симпатии, за сите замислени другарчиња кои ми се налутија дента кога првпат решив да умрам, за погледот на баба ми која секојпат кога ќе ја налутев ми се закануваше дека ќе се омажи за некој богат Американец, за другарка ми В. која ја уби еден бесен автомобил неколку секунди пред да се вљубам во неа (на еден метар од паркчето со тополи кои снежеа бел полен и нѐ повикуваа на игра). Станав и полека тргнав кон фрижидерот. Стапалата ми се лепеа на килимот и оставаа траги од тишини. Застанав и замижав. Лето е. Имам 4 години. Со братучетка ми сме стуткани под сино кадифено ќебе и си ги покажуваме смешните интимности. Се кикотиме. Мајка ѝ нѐ открива и ништо не разбира. Пожар во образите, пожар низ целото тело. Бегам и се качувам на лимената гаража во дворот на баба ми. Направив еден чекор. Килимот ме погледна и промрмори нешто
неразбирливо. Лежам во када и си помислувам на мојата соученичка. Имам 7 години. Се превртувам
на стомак и почнувам да се движам горе-долу. Повторно жештина. Што е тоа? Продолжувам сѐ
побргу и побргу и под мене се појавува замижаното лице на мојата симпатија. Се освестив, ја пикнав
главата под вода и не зедов воздух следните неколку години. Гладен сум, си помислувам, заканувачки го погледнав килимот и одлучно појдов да ставам храна во стеснетиот желудник. Го отворив фрижидерот. Ми се одјаде. Досадата има вкус на шлаканица. На невозвратена љубов. На коски на кои им недостасува умот. Имам 10 години. Во кујната е топло и пријатно; мајка ми шие, папагалот си се додворува пред огледалцето. Не сакам да се врати татко ми. Нема да се врати, си помислувам, и во негова чест готвам луто јадење од кое знам дека стомакот ќе ми ‘ржи илјадагодишни химни. Иднината е исткаена од презапомнети заборави.
***
Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во сите сфери на уметноста. Се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Автор е на „Дедлајна, љубов моја!“ (раскази за возрасни), „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано), „Мамурлаци“ (поезија, коавторска со Александар Крстев), „Се гледаме наскоро. Е.“ (роман за возрасни, коавторски со Драгана Евтимова) и „Библиска етика“ (со група автори). Илустратор е на сликовниците „Дедо Миле“, „Чудесни апарати“ и „Плишаниот зајак“.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.