#РаскажиМи: Симона Јованоска – „Последниот кат“

Радио МОФ почнува со нова рубрика #РаскажиМи, преку која секој петок во неделата ќе објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела  може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија.  Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овојпат во рубриката го објавуваме расказот „Последниот кат“ на Симона Јованоска. Во 2019 година за расказот „Последниот кат“, Јованоска го добива второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“.

Таа е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“.

Оваа година Јовановска го објави и својот прв роман „Денот на црвот“ во издание на „Или-или“.

Во продолжение го објавуваме расказот „Последниот кат“.


Последниот кат

Господин Франко Циф со особена гордост живееше на последниот кат од трошната зграда на булеварот Змешкин.
Циф? Циф, циф, како што прават глувците, би требало да ви го дадам пансионот на приземје, зборуваше старата вдовица што раководеше со пансионите, а не беше ниту прва ниту последна што кажуваше груби шеги за специфичното презиме на господинот.
Тој одамна го прифати фактот дека, со текот на годините, секој човек како бреме го носи својот товар, а неговиот, ете, беше физичка идентификација со презимето, да подналикува на ситен глушец со тесни очи, ретки мустаќи и низок раст, но доволно снаодлив и невидлив кај што треба да се протне, да се мушне, да издржи. Тоа што го доби пансионот на последниот кат беше победа што несвесно исцртува насмевка на неговото лице секојпат кога по скалите ќе ја сретнеше вдовицата и учтиво ќе ја отпоздравеше:

„Не би било фер кон моите предци, госпоѓо, да живеам на приземје, та ние генерациски сме навикнати да ги гледаме луѓето од високо, кој метафорично кој буквално, ако ме разбирате“.
Оваа ситна лага стана скоро вистинита, од неа тој се чувствуваше подобро за миг што самиот ја одомаќини во семејната историја. Франко Циф беше вреден и уште од младоста работеше како чирак во една работилница. Таму изработуваше кукли во природна големина наменети за излозите на модерните бутици. Кога еден ден во работилницата помина една далечна внука на мајсторот по име Ања, тој во неа толку се затреска, што успеа да изработи кукла по нејзиниот лик само што ја виде, од сеќавање. Ја работеше до доцна во ноќта од дома, кога сите спиеја, како глушец што крцка со алатот и своите импресии ги прелева врз лицето на куклата.
Штом таа беше готова, тој се охрабри да ја покани девојката да излезат на состанок за кој Ања многу се колебаше. Сепак, тој не беше атрактивен маж, иако вреден и снаодлив, неговиот изглед беше потпросечен, а ова дополнително го повреди Франко, и истовремено дополнително ја засили неговата намера да отиде на состанок со Ања. Секако дека на крајот таа попушти и се согласи да се видат, а тоа значеше почеток на нивната романтична врска и уште една мала победа за Франко Циф.
На почетокот младите беа многу заљубени. Ања беше импресионирана од талентот на својот иден сопруг, тој неоспорно беше талентиран, а омилена ѝ беше куклата со нејзиниот лик, ѝ ласкаа автентичноста и вниманието што тој го посветил на деталите, малите брчки околу усните, ситните точки во нејзините жолтеникави очи. Иако не живееја раскошно, она што за себе можеа да го дозволат беше доволно, имаа покрив над главите, работа и почит кон другиот, беа млади и неискусни, а тоа беше сосема доволно за дом.

По кратко време се зедоа и добија дете. Поточно две, Ања набрзина на свет го донесе нивниот втор син, кој беше толку мал, што лекарите не се осмелуваа да предвидуваат долгорочно. Ах, тогаш очајот почна да се протнува низ секоја пукнатина на домот и да ги занишува неговите навидум цврсти темели. Бебето одвај напредуваше, а лековите беа скапи. Франко Циф почна полека да ја троши заштедата што ја криеше во главата на куклата на жена му, и кога тоа не беше доволно, почна да работи две смени, оставајќи ја Ања да се справува сама со предизвиците на мајчинството. Другите жени не зборуваа за нив, беа секогаш насмеани, наспани, испеглани, а на главите носеа модерни фризури. Ања во споредба со нив изгледаше изнемоштено и бледо, па почна да ги избегнува и да се затвора во светот каде што немаше поубави од неа, односно светот на нејзините две мали деца.
А бидејќи несреќата никогаш не доаѓа сама, еден ден Франко Циф по средината на плешките почувствува остра болка, која ја ширеше една штотуку изникната бенка.
Треба да се отстрани, зборуваа лекарите, ама ќе чини многу пари.
Нема да ја отстранам, немоќно се противеше господинот Циф, туку гордо ќе ја носам на грбот како што ги носам своето презиме и својот лик, та нели моите предци го правеле тоа низ годините? Та нели тоа го прават сите силни мажи штом се соочат со тешкотија?
Вистината беше дека семејството Циф беше пресиромашно за да плати операција, и така бенката секој ден растеше и се прошируваше на неговиот грб, како темно мастило истурено врз неговите плешки, кое црта денови, месеци и години минати преку нив со тешки, калливи обувки.

Бесот и пркосот на малиот човек се претворија во тивка, нечујна опсесија со заслепувачко дејство, тој не виде кога израстокот почна да го претвора во чудовиште од кое не му се гледаат рацете, нозете, па дури и ситниот, глувчев лик, целата кожа ја проголта паразитот што буквално живееше и се хранеше со него, растеше на него и од себе ги избрка луѓето, добрите, завидливите, блиските, љубопитните… сите луѓе.
Денот кога Ања тајно ѝ ја скрши главата од куклата, ги украде парите што таму нечујно ги штедеше Франко, и со двете деца се качи на првиот брод и избега од другата страна на океанот, беше ден кога господинот Циф првпат стави јаже околу својот врат и посака да се убие. Ја избра најниската греда, убаво ја прицврсти бесилката и токму пред да го турне столот под своите нозе, помисли за себе:
„Јас, Франко Циф, се претворив во бенка на светот, товар на грбот на сиот убав, богат безгрижен свет што гордо парадира наоколу, жени со тенки нозе и раскошни шапки, мажи во скапи автомобили и свилени кравати, деца повисоки од своите врсници, сини бескрајни неба и соништа што се пробиваат низ нив како острите сончеви зраци. Не, нема да се обесам поради една фарса, та моите предци горко би се насмеале над мојот гроб и со прст би покажувале кон мојот кукавичлук. Лага е дека светот е убав, тој е сив, суров и изобличен како мене, тага се слева по должината на сиромашните квартови, масакри се случуваат во мигот штом свртиш поглед настрана, несреќи, осаменост и глад. Јас, ваков каков што сум, совршено одговарам со душата на соседот, на мајсторот, на вдовицата, со душите на жена ми и децата преку океанот, со твојата душа. Нека, нека бидам грд и неугледен, јас и ваков ќе најдам начин да преживеам и да стигнам подалеку во иднината“.

Откако вака помисли, Франко Циф грациозно го извади јажето околу вратот и внимателно се симна од столот. Отиде до визбата и оттаму извади заборавено евтино вино чувано за посебни пригоди, а потоа седна на столот на терасата на последниот кат, сипаше вино во филџанот без рачка и отпи неколку долги голтки. Во тој миг од бенката започнаа да растат и нежно да се нишкаат на ветрот ситни, тенки влакненца.