#РаскажиМи: „Ти синко само учи“ од Божана Тренческа

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Ти синко само учи“ од Божана Тренческа.

Ти синко само учи

Од мали нозе Кочо чепкаше по алатките, често и по колцата од запрежната кола, и затоа татко му Мице реши синот занает да научи и тоа во градот. Тој и комшијата Стојан ги однесоа децата во големиот град да учат, а за пари и не прашаа, колку ќе кошта учењето не беше важно, важно беше децата да не се прости или како што често велеше тој децата да не се боси. Решено – сторено. Исто село, исто училиште, па зошто да не биде и станот заеднички, се сложија родителите и ја изнајмила малата куќарка во периферијата на градот. И така Кочо и неговиот другар Пане станаа градски деца со една голема разлика – Пане од првиот ден се фати за книгите, а Кочо тргна да го учи градскиот живот. Деновите вртоглаво врвеа, можеби и многу побрзо отколку што сакаше Кочо зашто требаше сè да види и во сѐ да ужива.

Првите недели од преселбата беа тешки за двете момчиња кои се најдоа во нова, непозната средина, сами, без родителите. Тие со денови ги сонуваа готвените јадења од мајките, бакнежите, прегратките… Децата мораа предвреме да се осамосталат, да пораснат. Да, синко, сè ќе помине брзо, еве, по една недела ќе дојдам јас на пазар, ќе ви донесам работи, па ќе дојди чичко Стојан, а потоа вие ќе си дојдите, значи нема место за паника, вие само учете.

Пане, како да беше повозрасен и попаметен, се оддаде на училиштето, по цели денови учеше додека Кочо беше надвор да се забавува, со градските деца шеташе до полноќ, а наутро многупати остануваше да спие и го прескокнуваше одењето на училиште. Пане од почит кон другарот молчеше за неговото непристојно однесување, но тука беа професорите кои на родителскиот состанок му кажаа на Мице дека детето не доаѓа редовно на училиште, а за учење не стануваше збор. Значи така, си рече во себе Мице. Тој беше засрамен што синот не учи и размислувајќи како да го натера да учи си замина со наведната глава, тој Мице кого сите во селото го почитуваа зашто беше многу умен. Ми вети, ми вети дека ќе учи, а јас му поверував, како можев да
бидам толку долго слеп, цело време си мислеше срамејќи се од постапките на синот.

Морам да смислам начин да го натерам да учи, да си стои на зборот не е мал, не е дете, веќе маж е!

Патот од училиштето до куќата во која живееја децата беше долг и на Мице му дојде сјајна идеја. Се сетив, се сетив што треба да сторам, да, како на почетокот од училишната година не ми текна. Мице по пат застана во една продавница, купи некои работи за синот и не заборави да раситне една цела илјадарка. Кога стаса дома децата не беа во собата што беше добро за него. Тој ја зеде училишната ташна од синот и во секоја книга ставаше пари. Ете така, добро, си рече, ако учи ќе ги најде парите, ако не самиот ќе си се издаде. Другиот ден пред заминување за в село му даде некоја ситна паричка на синот, а кога детето побара уште тој му рече:
– Ти, сине, само учи парите самите ќе си дојдат.
Помина подолго време откако Мице не прати пари, а синот почна по сите луѓе кои идеа на пазар да порачува татко му да му прати пари, на што Мице му враќаше поздрав: Ти, синко, учи, парите самите ќе си дојдат.

Еден пазарен ден кога тој беше во градот го посети синот кој се поплака дека нема што да јаде: Татко, вие со мајка ме заборавивте, зошто не ми праќате пари?
Мице најпрвин молчеше потоа го праша синот дали учи.
– Да, татко, учам, што правам ако не учам, зошто сум дојден во градот, мислиш заборавив.
– Добро, чедо, велиш учиш. подај ми ги твоите книги да видам за што учите. Кочо радосен рипна, ја зеде торбата и му ја даде на татко му.
– Еве, види, овде се учи многу голема ука, тешко е, ама јас учам! – се фалеше гледајќи го во очи татко си.
– А? Велиш учиш, а, така велиш, чедо, си учел, ајде да видам која лекција си ја учел последен пат.
Синот радосен што успеа да го надитри татко си ја зеде математиката, почна да ја врти и остана како скаменет – помеѓу листовите имаше пари. Не верувајќи им на своите очи го зеде учебникот по хемија, почна да прелистува и за чудо и таму најде многу пари помеѓу страниците.
– А, синко, велиш учиш, ако си учел како можеше да не ги најдеш парите, ајде објасни ми?! – почна налутено да зборува татко му.
На Кочо му требаше долго време да го разубеди татко му дека од овај ден ќе го остави шетањето и вистински ќе учи.
– Добро, штом ветуваш ќе ти дадам уште една можност и кога по некоја недела ќе дојдам заедно ќе ги гледаме оценките во дневникот и запамти, синко, ако не си се поправил ќе се вратиш дома. Да, чедо, повеќе немаш ни време ни можност да си играш со нас кои од залакот си делиме за ти да учиш и да бидеш добра личност. Кочо после случката со парите се повлече од шетањето, од безделничењето, и за брзо време ги поправи слабите оценки и секогаш знаеше да се пошегува на своја сметка зборувајќи:
– Ти само учи, парите сами ќе си дојдат!

***

Божана Тренческа е родена во 1954 година во село Кален. Работела во Тутунски Комбинат, а сега е пензионерка. Со пишување почнува од основно образование, пишува поезија и објавува во тогашните весници „Млад Борец“, „Народен Глас“, „Тутунски Лист“. Прави подолга пауза и повторно почнува да објавува песни. Како активен член на Клубот на Литературни творци Прилеп има учествувано на повеќе конкурси и има добиено многу награди за проза и поезија во земјата и надвор. Застапена е во повеќе книжевни зборници и списанија. Во 2018 ја издаде првата своја стихозбирка „Поетот и зборовите“, а подоцна и романот „Бојана на Тодор“ кој е повеќе пати наградуван. Во 2020 го издаде романот „Наум и синовите“ и стихозбирката „Сончевина за тебе“. Во 2021 го издава романот „Албумот со спомени“, збирката раскази „Раскази за сечија душа“ а во 2022 романот „Старата“ и збирката раскази „Грст раскази“.

 

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.