Радио МОФ почнува со нова рубрика #РаскажиМи, преку која секој петок во неделата ќе објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.
Рубриката ја започнуваме со расказот „Абу Даби“ на Тијана Радеска, која за себе вели дека имала голема желба да стане астронаут, но поради недостигот на талент за физика, се запишала на студии по етнологија и антропологија во Скопје. Таа вели дека по завршувањето заминала во Англија, на мастер студии по социјална антропологија на Кембриџ Универзитетот.
„Ја истражував културната биографија на ѓубрето и она што припаѓа во таа категорија. Истражувачкиот терен ми беа бувљаците во Белград, а имав за цел да ја разберам и објаснам социјалната структура на пост-социјалистичкото општество преку перцепцијата на луѓето за ѓубрето. Откако завршив, се вратив во Скопје и работев со тимот кој го уредува и издава уличното списание „Лице в Лице“, но, после само неколку месеци љубопитноста ме однесе на 14-месечно патување низ Јужна Америка. Таму имав за цел да најдам тема од медицинска антропологија со која ќе аплицирам на докторски студии, но, наместо тоа го учев шпанскиот јазик и правев и продавав торти на улица. Во моментов одмарам од сопствениот ентузијазам за авантури и пишувам кратки антрополошки фикции“, вели Радеска.
Во продолжение го објавуваме расказот „Абу Даби“.
Абу Даби
Секогаш кога размислувам за Боливија се сеќавам на илјада приказни, но ниедна од нив не е вистинита. Боливијците се луѓе ослободени од лимитот на трезвеноста. Реалноста не зазема многу простор во нивниот живот. Нивните верувања и желба за постоење се поголеми од мојата љубопитност и неопишливи со човечки јазик.
Во централниот дел на земјата, високо во Боливиските Анди има едно селце Тороторо. Жителите на Тороторо отсекогаш верувале и знаеле, како што знаат и денес, дека живеат на најмагичното место на Земјата, каде што можат да ја почувствуваат топлината на „другите сонца“ – ѕвездите. Во Тороторо „знаењето“ дека сме во 21 век губи важност. Можеби е милијарда години назад, можеби е само утре, или некој друг ден.
Во селото нема интернет, нема функционална телефонска мрежа, нема банка и банкомат, нема чиста вода за пиење и има голем, гипсен споменик на Тирекс. Во боја! Првата импресија е дека е рекламен материјал за филмовите “Jurassic Park“, ама не е. Тирексот е споменик на вистински Тирекс – Абу Даби од Тороторо. Всушност, таа гипсена статуа е тотемот на луѓето кои живеат во селото и се припадници на етничката група Кечуа. Секој месец, на првиот ден од полната месечина, малубројното население на Тороторо се собира околу споменикот на Абу Даби, пијат чича – боливиски потентен алкохолен напиток – и разговараат за палеонтологија и геологија. Иако користат стручни зборови и изрази, не се однесуваат како на академски семинар, туку разговараат низ смеа и забава како да зборуваат за селска слава.
Во близина на Тороторо се наоѓа Националниот Парк „Лама Чаки“ во кој што има преку 2500 отисоци од стапала на диносауруси од Креда периодот. Секој може да влезе во „Лама Чаки“. Но, никако сам, туку исклучиво со водич од Тороторо. Секој кој има и најмалку храброст во срцето, ќе се препушти на верба во водичот, бидејќи само водичите од Тороторо можат да те водат низ националниот парк, и воедно во минатото. „Лама Чаки“ е целата Земја, или можеби само така изгледа. Секоја точка до која стига погледот е недостижна и предалечна за човечкиот од. Ако тргнеш да одиш сам можеби никогаш повеќе нема да се вратиш во времето кое го знаеш. Секогаш кога водичот ќе се оддалечеше малку повеќе од малата туристичка група во која припаѓав и јас, се плашев дека ќе се најдам во временски вакум во кој само оние кои го сакале животот ќе се претворат во вселенска прашина. Оние кои се плашат, ќе продолжат да живеат. Таму.
Тоа е домот на Абу Даби.
Абу Даби им дава моќ на жителите од Тороторо да го разберат времето. Бидејќи го разбираат времето, животот за нив е премногу мал, само една тенка линија помеѓу два чудесни моменти на раѓање и умирање. Сè што се случува помеѓу тие два моменти се случило многупати претходно во овој век и во претходните.
Одвај чекав да дојде полна месечина и да видам што ќе се случи. Всушност, длабоко во себе се надевав дека вистинскиот Абу Даби ќе се појави. Но, вечерта помина прилично обично за моите очекувања, и доста топло за ладното време. Сите седевме околу споменикот и разговаравме пиејќи чича и разни топли напитоци. Се смеев и чекав до доцна во ноќта додека не ми се приспа толку многу што почна да ми паѓа главата, па си заминав. Наредниот ден ми рекоа дека вечерта си поминале многу убаво, дека Абу Даби дошол, и останале со него до пред изгрејсонце. Се разочарав. Ми беше премногу криво што го пропуштив. Утешително ми рекоа дека ќе го видам нареден пат, на што јас се насмевнав со „Да, да секако“, бидејќи немав намера да останам подолго од уште ден-два. Смеејќи ми се – многу човечно без задевање, понижување или иронија – ми рекоа: Ти многу чекаш. Чекањето уморува повеќе од сè друго и затоа мораш да одиш да спиеш. Кога ќе престанеш да чекаш ќе станеш како нас – стара! Хихихи! Грда! Хихихи! Пијана! Хихихи!
– „Можеби не испив доволно чича па затоа не го видов, м?“ – прашав. Се изнасмејаа и ме потапкаа по рамото како да сум им кажала добра шега. Тоа ме расположи и охрабри да бидам уште посмешна па ги прашав како е Абу Даби.
Ја прифатија шегата и ми рекоа дека е голем, дебел, и дека многу јаде. „Што јаде? Луѓе?“ – прашав јас. Не, ми рекоа, не јаде луѓе, вегетаријанец е – и сите прснавме во смеа. И така помина денот. Се стемни и сите одговорно се прибраа по своите домови. Споменикот на Абу Даби остана сам. Се прашував дали понекогаш Абу Даби доаѓа сам да седи покрај својот споменик.
И јас си се прибрав во домот каде што престојував. Пиев чај со домаќините и муабетевме. За да ме утешат, ми зборуваа дека Абу Даби е грд и досаден и дека многу замара. Дека доаѓа само да им ја испие цела чича. Се изнасмеавме и расположено продолживме да си муабетиме. Во мојот аматерски обид да соберам малку боливиска мудрост, додека разговарав со домаќинката на домот и ѝ поставував инфантилни прашања, ја прашав „За што вреди да се живее“? Подготвувајќи се за одговорот над одговорите, одговорот на сите прашања, чекав да ми каже љубов и репродукција, или поврзување со „Пачамама“ – мајката природа, или нешто слично, а таа само се изнасмеа гласно.
Јас бев сериозна и сериозно си барав одговор на прашањето па ја замолив да ми каже. Таа ми рече: „Па ти кажав! За да се смееш! За да се смееш толку гласно и толку многу што секогаш кога ќе вдишеш воздух ќе грофнеш како мало прасенце! Затоа и Абу Даби се враќа тука. За да нѐ слуша. Затоа што во другите временски простори смеењето не постои. Таму има други работи. Смеењето е феномен на ова време, и само оваа наша моментална материјална форма, може да го произведе. Тоа е душата на времето.“