Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Вампир“ од Марија Бошковска.
Марија не е вампирка. Марија Бошковска (Битола, 1994) е дипломирана компаратистка на катедрата за Општа и Компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Има пишувано книжевни и филмски критики, интервјуа, феминистичка анализа на популарната култура, бајки, академски и фикционални текстови, секогаш социјално ангажирани.
Вампир
Во мојата зграда живееше Вампир. Децата од мојата или соседната зграда, кои ги познавав, не го имаа видено. Но, стравот од него беше голем. Вампирот излегуваше само навечер и постоеја приказни дека има долги заби со кои ја пие крвта на случајните несреќници кои ќе му се најдат на патот. Возрасните за разлика од нас го имаа видено, па дури и поздравено, но и тие беа многу резервирани и сомничави. Јас мислам дека повеќето од нив се плашеа исто колку и ние.
Многу мајки и татковци го користеа како заплашување кога некој од нас не сакаше да се прибере дома после целодневно трчање по улиците.
Станот на Вампирот беше веднаш до нашиот и еднаш, јас и неколку мои другари со чаша наслушувавме на ѕидот кој ги делеше двата стана. Бевме плашливци да, ама љубопитни плашливци. Кога не можевме да слушнеме ништо, некој се сети дека Вампирите спијат преку ден, затворени во ковчег. Морници ме полазија кога си замислив темна просторија, декорирана само со еден дрвен сандак на средината, а околу него, безживотните тела на жрвите расфрлани како лушпите од јајца во нашата кујна по доручек. Тогаш си ветив дека ќе го избегнувам Вампирот додека сум жив.
Сепак мене судбината не ме поштедила од неволји и едно попладне јас морав да влезам во станот на Вампирот и лично да го запознаам. Секако, сето ова немаше да се случи ако мојата мајка, Весела, не беше толку лакома жена.
Вампирот, претходната ноќ, залепил бел лист кај сандачињата за пошта на кој беше напишано дека итно му е потребна помош од некое дете во зградата и дека за ова, помошникот ќе добие солидна сума на пари. Не пишуваше ништо повеќе, но беше јасно дека оној кој ќе се пријави го чека сигурна смрт.
Мајка ми не мислеше така. Тој ден, откако се вратив од училиште и покрај сите мои противења, ме одвлечка до вратата на Вампирот и без никаква нежност, каква што би се очекувала од една мајка, ме турна во станот веднаш штом вратата се отвори. За миг се најдов во темен долг ходник.
Од десната страна имаше плакар со закачалки за палта, а од лево беа наредени чевлите на Вампирот. На подот имаше темно зелена черга која делумно го покриваше дрвениот под. На крајот од ходникот имаше три врати. Една од нив водеше право до дневната. Додека јас го разгледував просторот, мајка ми му објасни на Вампирот зошто сум јас тука, а тој само ѝ рече: „Одлично, нема многу да го задржам” и ја тресна вратата.
Наспроти моите очекувања, Вампирот не беше страшен. Имаше околу триесет години и колку што можев да забележам немаше долги заби пиење на детска крв.
Беше слаб и висок, со црна коса која беше поделена со патец на левата страна. Имаше големи кафени очи и беше педантно избричен. Само ми изгледаше болежливо блед, како да го мачи некој голем проблем.
Дневната соба во која ме повика беше обична дневна соба како и нашата дома. Место ковчег имаше тросед и фотелја свртени кон телевизорот.
Имаше и шарени книги на полиците, мала дрвена масичка на која имаше сад со овошје и неколку свеќи. Единствено чудни беа дебелите, црни завеси на прозорците кои не дозволуваа ниеден зрак светлина да продре, па сијалицата светеше иако надвор беше сончево и топло.
Од топлината во станот на Вампирот немаше ни трага ни глас. Тргнав да прашувам зошто не ги отвара завесите ама се премислив. Не ми се ризикуваше. Плус мајка ми секојдневно ме потсетуваше што смее да се зборува пред луѓе, а што не. „Ако не знаеш нешто, подобро е да молчиш него да се посрамотиш“, честопати велеше таа.
Вампрот не ме понуди со ништо, изгледа не ме сметаше за гостин. Само што влегов, зеде едно плико кое стоеше на една од полиците со книги и заедно со ветената сума пари ми го тупна в раце. Не даде никакво објаснување, само ми рече: „Однеси го писмово до поштата, многу е важно, немој никако да го изгубиш и побрзај зашто затвора за еден час” и ја отвори влезната врата. На истиот начин на кој бев турнат внатре, сега бев истуркан надвор. На излегување сепак ми рече: „Ти благодарам малечок” и ја затвори вратата.
Обземен од голема среќа што ја преживеав оваа средба, не размислуваќи многу се упатив кон поштата. Сепак на половина пат ми текна да го разгледам писмото, а по разгледувањето посакав и да го отворам. Така и направив, многу ме интересираше што и кому пишува Вампирот. Писмото беше необично кратко и по се изгледа беше наменето за некоја Вампирка.
Драга и љубена Наталија,
Ти го праќам ова писмо на адресата која ми ја кажа кога последен пат се видовме. Често пати паѓав во искушение да те посетам, но не сакав да ти правам дополнителни проблеми знаејќи ја твојата моментална состојба. Сакам да ти кажам дека ми е премногу жал, но јас никако не можам да го исполнам она што го побара од мене. Верувај драга, јас сакам исто колку и ти, ако не и повеќе, ние да излеземе заедно под светлината на денот како што прават сите парови. Но, тоа нема да се случи. И причината за тоа не е, како што мислиш ти, дека водам двоен живот или дека те сметам за некаква „ноќна забава”. Доколку сакаш можам да ти објаснам за што станува збор. Јас те чекам во нашето кафуле секоја вечер. Те молам само појави се и дај ми шанса…”
Имаше уште неколку редици текст во кои Вампирот молеше и колеше Наталија да не го игнорира писмово и спомнуваше нешто за хелиофобија, за мене непознат термин. Потпис за чудо немаше, пишуваше само: ,,Засекогаш твој, Х.”
Јас не сакајќи да продолжам да го губам денот со вакви глупости, го залепив писмото и го однесов во поштата како што ми беше речено. Со делот од парите кои мајка ми одлучи дека треба да ги добијам за мојата мака, се почастив три топки сладлед. Мислам дека ги заслужив.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.