#РаскажиМи & #dumainsumma: „Жена-мачка“ од Деспина Василева

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Жена-мачка“ од Деспина Василева.

Расказот беше напишан од учесничката на работилницата за креативно пишување за млади – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, инспириран од цртежот „Ренесансна слика од бесна жена -мачка“ на учесничките Лејла Дисдаревиќ и Сара Гическа. Цртежот на Лејла и Сара е генериран со помош на вештачка интелигенција, преку употреба на кирилски формули.

Цртежите на книжевните ликови генерирани со вештачката интелигенција и расказите напишани за нив од страна на учесничките, се собрани во големата книга „FEMZINE“ изработена од уметникот Јован Јосифовски.

Жена – мачка

Надвор, веќе паднало мрак. Ја дојадував вечерата, кога ја слушнав мајка ми како ми вика да побрзам. – „Ајде Марко легни си, утре си на училиште“.

Луто, скокнав од столот. – „Зар и вечерва нема да ми раскажуваш приказни?“ 

Тогаш пак го слушнав гласот на мајка ми, упорно ми викаше да одам во соба.

  • „За кратко ќе дојдам, само да ги домијам садовите од вечерата“, ѝ го слушнав гласот.

Ја послушав и отидов во соба. Се покрив со ќебето и во тој момент ги слушнав чекорите на мајка ми. Таа влезе, седна до мене и почна да раскажува.

Во едно далечно време, во времето на ренесансата, си живеела една прекрасна девојка. Таа имала долга црна коса и била многу убава. Сите ја сметале за сосем нормална девојка, но тоа не било така. Таа била жена-мачка. Никој тоа не го знаел. 

Една вечер кога излегла полната месечина се чуло необично мјаукање – како две мачки да се дават. 

Тоа го чул еден овчар кој помисли дека тоа е волк, кој сака да го нападне неговото стадо овци. Кога излегол во дворот, што да види? Тоа не било волк. Туку жена-мачка, качена на кров. На кровот таа стоела, не се помрднувала, само бесно завивала. Како да сакала да му каже на овчарот дека е многу гневна и дека сака да се освети за СЀ! Но, овчарот не можел да ја сфати. Само скаменето ја гледал додека таа не се впила во мракот.

Кога утредента се разбудил, го кренал целото село во вис раскажувајќи ја случката од претходната вечер. Никој од селаните не му поверувал, сите мислеле дека се шегува со нив. Овчарот ги повикал селаните вечерта да ја поминат во неговиот двор и со свои очи да ја видат жената-мачка. Тие се согласиле и кога паднало мрак се собрале во дворот. Во тој момент се слушнало силен врисок и на покривот се појавила црна силуета. Овчарот оваа силуета ја препознал лесно. Селаните се исплашиле, крвта им се заледила, сите еден во друг се гледале без зборови. Забите на жената-мачка биле крвави, како да се борела со некој плен. Кога селаните се свртеле, неа веќе ја немало. Од таа вечер ѝ се изгубил секаков траг и никој не знаел каде заминала.“

Мајка ми ме бакна, а јас веќе бев во полусон. Нејзините чекори стануваа сѐ по оддалечени, кога слушнав необично мјаукање под мојот прозорец.

 

По кирилската формула за креирање на ВИ слика: Ренесансна слика од бесна жена-мачка од Лејла Дaздаревиќ и Сара Гическа

Петочната рубрика #РаскажиМи го промовира македонскиот јазик и современата фикција преку домашни и странски автори кои пишуваат или се преведени на мајчин јазик.

Заинтересираните за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи свои дела може да пратат на info@radiomof.mk,  со куса биографија.