Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) го распишува традиционалниот конкурс за наградите „Стале Попов“ за прозно дело, „Ацо Шопов“ за збирка поезија, „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади, „Димитар Митрев“ за книга критика и есеистика и „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите.
Според организаторите на конкурсот може да учествуваат сите автори, активни членови на ДПМ што објавиле книга во минатата, 2023 година, и кои заклучно со 6 јули (сабота) ќе ги имаат подмирено своите членарини за 2023 и 2024 година.
За наградата „Мост“, од ДПМ велат дека е потребно делото да биде објавено двојазично, на изворниот и на македонски јазик, или дело што ќе биде делумно преведено и објавено (на хартија или на веб-страница) најдоцна ден пред затворањето на овој конкурс. Во оваа категорија можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади и книги со книжевна критика и есеистика. За учество, потребно е да бидат преведени и објавени на македонски јазик најмалку 20 страници од делото (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25% од книгата (за книги за деца и млади).
Конкурсот е отворен до 5 јули а сите заинтересирани автори може да се пријават со достава на три примероци од делото во просториите на ДПМ (од понеделник до петок, од 9 до 17 часот), или со достава на три примероци од делото по пошта, на адреса на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје. Од ДПМ велат дека пожелно е да се испрати и електронска верзија (PDF/DOC фајл) од доставеното дело, на мејл адресата drustvonapisatelimk@gmail.com.
Добитници на наградите на ДПМ за 2022 беа Венко Андоновски (роман: „Папокот на светлината“, „ТРИ“), Зоран Пејковски (збирка поезија: „Убавите жени“, „ПНВ публикации“), Ели Маказлиева (книга за деца: „Чудесен дар во годишен календар“, „Едука мак“) и Соња Стојменска-Елзесер (книжевна критика и есеистика: „Книжевен бинокулар“, ИМЛ).
Повеќе детали може да најдете ТУКА.