ЕУРОДРАМ – Европската мрежа за современа драма и превод распиша повик за споделување на оригинални современи драмски дела напишани на македонски јазик за 2024 година. Оваа година, Македонскиот комитет на ЕУРОДРАМ ќе избере три најдобри драми, кои ќе бидат споделени во мрежата со повеќе од 300 членови и 30 различни јазични комитети во Европа.
Доколку условите дозволат, избраните драми ќе бидат претставени преку јавни читања, како и препорачани за сценска изведба и за превод на други јазици преку мрежата на преведувачи на ЕУРОДРАМ.
Рокот за поднесување на македонските драмски текстови е до 31 јануари 2024 година, на адресата dodovski@uacs.edu.mk, а резултатите ќе бидат објавени на 21 март наредната година.
„Драмските текстови треба да се достават по електронски пат како посебни документи насловени според името и презимето на авторот и насловот на драмата, во .doc формат. Дополнително, за секој пријавен драмски текст задолжително треба да се достават во еден документ следните податоци – име и презиме на авторот, куса биографија до 100 збора и контакт информации, датум и место на пишување на делото, и синопсис на драмата до 250 збора“, велат организаторите.
Заинтересираните, за повеќе детали може да ја посетат Фејсбук страната на Еуродрам или нивната веб-страна.
„Ќе бидат оценувани современи драмски текстови оригинално напишани на македонски јазик кои претходно не биле јавно изведувани или објавувани и кои не биле пријавени на претходен конкурс на Еуродрам. Драмските текстови не треба да бидат постари од три години. Можат да се достават најмногу два драмски текста од ист автор. Ќе бидат разгледувани само целовечерни драмски текстови, а исклучени се монодрами, едночинки, драмолетки и наративни или поетски текстови без јасна драмска форма. Со самата пријава, авторот им ги пренесува на ЕУРОДРАМ без надомест авторските права за јавно читање на доставениот драмски текст и истовремено се откажува од надомест за јавно читање на доставениот драмски текст“, истакнуваат организаторите.
ЕУРОДРАМ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години секој јазичен комитет на ЕУРОДРАМ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и/или изведување.