Министерството за култура ги распиша годишните конкурси за пректи од национален интерес во културата откако ги утврди условите, приоритетите и критериумите. Со овие конкурси се поддржуваат проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата.
„Воведуваме евалуациска матрица која е различна во секоја пријава и истата е усогласена со спецификите на секоја дејност. Тоа значи дека евалуациската матрица, односно на начинот на бодување ќе варира во зависност од дејноста. Јасно утврдените приоритети, евалуациската матрица, како и општите услови на конкурсот се основните столбови коишто ќе им помогнат како на апликантите, така и на евалуаторите т.е. членовите на стручните комисии“, истакна министерката за култура Ирена Стефоска.
Таа додаде дека во секоја област од конкурсот апликантите во нивните проекти треба да посветат внимание и на еднаквата родова застапеност, инклузија на лицата со попреченост и на интеркултурниот дијалог.
Стефоска нагласи дека овие две суштински измени во конкурсите ги напрале следејќи ги и забелешките на Државниот завод за ревизија од нивниот Извештај од 2017 година, потоа препораките на ДКСК, а сето во врска со потребата од јасни критериуми за определување на висината на средствата на поддржаните проекти.
„Новина во годинешниве конкурси е конкретизирање и прецизирање на приоритетите во соодветните дејности и области. Приоритет на Министерството годинава е поддршката на проекти од младите и за младите, како и заштита на културното наследство. Наша цел е да ги откриеме младите таленти и да ги поддржиме да го развијат својот креативен потенцијал. Втор врвен приоритет на Министерството е заштитата на културното наследство за кое што освен националните установи се грижат и локалните. Целта е подигање на свеста за неговото значење за сите нас. Поддршка на локалните установи заради унапредување на капацитетите, стандардите и пристапноста во заштитата на културното наследство на локално ниво“, наведе министерката.
Таа кажа дека како и секоја година, подршката на министерството во насока на заштита на материјалното и нематеријалното културно наследство, потоа поддршка на проекти во областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн, музичка, музичко-сценска дејност, фолклор, драмска дејност, литература и издавачка дејност, меѓународна соработка и интердисциплинарни.
„Право на учество на годишните конкурси имаат сите правни и физички лица државјани на РСМ. Годишните конкурси на Министерството за култура се основна финансиска поддршка за најголем дел од здруженијата, операторите, поединците во сите дејности и области од културата“, образложи Стефоска.
Министерката рече дека напорите што ги вложиле се во насока средствата од Буџетот на РСМ предвидени за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година да ги добијат оние на кои им е најпотребно во услови на светска пандемија и чиишто проекти ги задоволуваат приоритетите и условите на конкурсот.
„Овој последен конкурс објавен пред донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата во кој се менува и моделот на финансирање во културата верувам дека оди во прилог на она што сите заедно го осмислуваме и сакаме да го спроведеме. Програма за поддршка без пристрасност, без партиска, идеолошка и каква била друга негативна селекција. Програма која отвора реална можност за сите кои ги почитуваат критериумите и имаат своја визија според приоритетите на конкурсите, како и поддршка за сите манифестации со повеќегодишна традиција вткаени во културната историја на нашата земја“, наведе министерката за култура.
Стефоска информираше дека од голема помош им биле и препораките на Поткомитетот за иновации и информатичко општество и социјална политика на ЕУ во кои се укажува дека Министерството за култура треба да работи на зајакнување на своите капацитети со цел да се отстрани потенцијалниот ризик за корупција во културата.