Распит на повеќе 300 сведоци за трагедијата во Кочани, на истрагата работат 11 обвинители

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски утрово одржа координативен состанок со тимот јавни обвинители кои постапуваат во истрагата за трагичниот пожар во Кочани.

Со оглед на обемот на дејствијата кои веќе се преземаат, тимот, како што соопштија од Јавното обвинителство е проширен на 11 јавни обвинители кои постапуваат во овој предмет согласно усвоен план на активности и динамика.

„Првичните планови на истрагата упатуваат на обемни активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци но и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области“, велат од обвинителството.

Јавниот обвинител Коцевски побарал од назначените обвинители ефикасна и темелна истрага која во детали ќе го испита секој аспект и правец на одговорност за трагедијата во Кочани. Во текот на денешниот ден обвинителите во Кочани преземаат дејствија за обезбедување докази, посочија од ЈО.