Поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку Национално собрание на млади, локални младински совети и собранија и преку повеќе сервиси за младите се дел од клучните одредби кои се предвидени во Предлог-законот за младинско учество и младински политики кој денеска беше ставен на јавна расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт.
И покрај тоа што сите дискутанти изразија задоволство што конечно младите ќе добијат закон со кој се уредува нивното организирање и учество, сепак неколку претставници на младински организации изразија сомнеж дека новиот закон нема да промени многу, доколку институциите не се потрудат во негово ефикасно имплементирање.
„Како млади сме загрижени бидејќи веќе е станато навика да имаме добри закони на хартија, но практичното спроведување да биде лошо. Говориме за учество на млади и младински политики, но ироничен е фактот што досега младите не се прашуваа за одреден проблем поврзан со младите, а камо ли да бидеме опфатени во одлучувањето. Имаме многу цели и визии за тоа како позитивно да ја промениме сликата за оваа земја. Погубно е што секој ученик мисли како да студира и да си замине надвор од земјава. И мислам дека за ова, голем дел од вас треба да чувствуваат вина и да сносите одговорност“, рече Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци на Северна Македонија.
Блажен Малевски од истражувачката организација „Реактор“, кој беше и дел од работната група за изработка на Предлог-законот, посочи дека во духот на законот е заедничко креирање долгорочни младински политики помеѓу институциите и младинските организации.
„Поделбите по секој основ, етикетирањето и уништувањето на сè она што претставува критична маса треба еднаш засекогаш да престане. Како човек чија даночна пријава беше противправно објавена во медиумите, и се наоѓа на најразноразни листи за шиканирање, прв ќе простам. Но, не заборавајте каква слика вие политичарите оставате и креирате за следните генерации. Заемна соработка и отворен дијалог е предуслов за овој закон да заживее во целосна негова форма. Дополнително, ако сакаме законот да креира навистина подобра околина за младите, шиканирањето мора да го оставиме во минатото“.
Критики за имплементацијата на ваквото законско решение имаат и општините. Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) изразија незадоволство од тоа дека предлогот утврдува 0,1% од општинските буџети да се издвојат за спроведување на законот.
„Помеѓу 50 и 60 проценти од општините имаат или се во постапка на формирање на локални младински совети. Меѓутоа на прсти од една рака може да се набројат тие кои што се активни и кои вистински работат. Некои општини со месеци имаат отворено конкурси за формирање на овие младински совети, но никој не им се пријавува. Мораме да размислуваме за двострано поттикнување на оваа акција. Не само општините, туку и младинските асоцијации да бидат поактивни. Малку ме збуни фактот дека во закон се предвидува 0,1% од буџетите на општините да бидат наменети за оваа работа. Луѓе, од каде? Знаете дека имаме најсиромашни општини во регионот и пошироко. Дајте од оние 3% предвидени од Владата, нешто од тоа да оди кај општините. Нема да ни успее проектов. Ако ги пишуваме законите само за да ги напишеме, ок. Но ако сакаме вистински тоа да функционира треба прашањето да го разгледаме од сите страни и да избереме најдобар можен начин“, рече Душица Перишиќ од ЗЕЛС.
Предлог-законот е поддржан од сите пратенички групи, а во неговата изработка, која трае повеќе од една и пол година, покрај пратениците работеле и младински организации, партиски подмладоци, како и претставници на Владата и Агенцијата за млади и спорт.
„За работната група беше многу важно препознавањето на формите на младинско организирање и гарантираното учество на национално и на локално ниво на младинските форми на организирање. Посебен елемент имаше за партиските подмладоци, кои за првпат се препознаваат во текст на закон, што може дополнително да се унапредува преку Законот за политички партии, како и за одредени секции, како на пример секцијата за млади при Сојузот на синдикати кои се важни чинители во општеството, а не биле досега препознавани. Сè останато препознавањето на фактичката состојба која постои, а тоа е младински организации, организации за млади и чадор организации кои се обединети по различни теми“, изјави пратеничката Ивана Туфегџиќ, која е дел од предлагачите на Предлог-законот.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска посочи дека новиот закон за млади ќе се надополнува и со новите форми на ученичко и студентско организирање предвидени во законите за основно и високо образование, додека директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, истакна дека е најважно што младите ќе бидат директно вклучени во одлуките кои се носат од власта, додавајќи дека имплементацијата ќе биде транспарентна и инклузивна, со учество на младинските организации за спроведувањето на законот да добие на квалитет.
Целта на Предлог-законот за младинско учество и младински политики, како што стои во текстот на документот, е да обезбеди креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа, преку повеќе секторски пристап, да го зајакне учеството на младите во процесите на креирање на политики, како и да се поттикнува волонтерство, младински активизам и младинската работа и личен, професионален и социјален развој кај младите.
Покрај дефинирањето на младински организации, со законот би се предвидело и Национално собрание на млади, Национално советодавно тело за младински политики како и Регистар на форми на младинско организирање.
Законот предвидува и Владата и општините да донесат петгодишни стратегии за млади со посебни акциски планови, а општините се задолжуваат и да формираат канцеларии за млади и младински центри и да одредат службеник за млади кои ќе бидат посебни сервиси за младите кои произлегуваат од законот.
Даниел Евросимоски