Пациентите на онкологија што доаѓаат за контролни ехо прегледи, од нив 30-ина проценти признаваат дека користат препарати од канабис. Еден дел се уште го набавуваат на црно. Апсолутно треба да има измена на законот за медицинска употреба на канабис, и во однос на производството, но пред се’ во индикационото подрачје. Премалку е да можат лекарите да го препишуваат само за мултиплекс склероза, канцер, ХИВ и епилепсија, a постојано се појавуваат нови студии кои укажуваат дека помага за различни болести и состојби, вели доктор Нико Беќаровски.
Специјалистот токсиколог беше меѓу говорниците на научната расправа за канабис во Кино култура, организирана од Здружението „Билка“. Присутни доктори и публиката дискутираа за потенцијални законски измени, се’ со цел пациентите да имаат поотворен пристап и можност за препарати од канабис.
Согласно истражувањата, многумина констатираа дека канабисот не само што не е штетен, туку е здрав за човекот, со широка медицинска употреба. Исто така, начнаа теми за потребата за поевтини екстракти од ова растение, поголеми концентрации во маслата, но и да се зголеми бројот на специјалисти кои би го препишувале.
„Би требало да се промени индикационото подрачје, но и начинот на прескрипција. Во моментов имаме само на неколку области што може да препишуваат – специјалисти педијатри, невролози, онколози. Мислам дека, пред се’, треба да се овозможи и кај интернистите, па зошто да не и кај матичните лекари“, рече Беќаровски на настанот.
Забележале дека првата година од легализацијата има намалување на бројот на пациенти кои пристигнале во Клиниката за токсикологија. Со тоа, вели Беќаровски, сите неосновани стравови дека нагло ќе се покачи бројот на уживатели „паднаа во вода“.
Тој даде и историски осврт за лековитата билка. Меѓу другото, ја спомена 2900 година п.н.е. кога кинескиот император Фу Хси го одобрува канабисот како медицинско средство, Египѓаните потоа го користат за глауком, во Индија како анестетик и за третман за лепра. Америка во 19 век го внесува во својата фармакопеја, а користењето се ограничува со Конвенција на ОН од 1961 година.
„За 2011 година, израелската влада одобрува под посебен надзор производство на канабис за медицински и истражувачки цели. Ова е признавање дека медицинската употреба на канабисот е неопходност. Канабисот е евидентиран за ХИВ, Алцхајмер, артритис, канцер, хронична болка, фибромијалгија, глауком, епилепсија, мултиплекс склероза, несоница… Студии се спроведени во 13 различни држави на четири континенти, со повеќе од 5.000 пациенти“, нагласи Беќаковски.
Сега во Европа, дополнува тој, 2.300 до 2.500 луѓе завршуваат со трансплатација на црн дроп од труење со „парацетамол“. Од нив 70% се деца. „Парацетамолот“ е страшно опасен лек, за кој не треба рецепта, не треба доктор, па од друга страна за Беќаровски е нелогично да се прави ограничувања за канабис.
„Триесет години работам како токсиколог. Триесет години следам. Смртен случај од канабис – нема! Како лекари сме загрижени како би се решила рекреативната употреба. Меѓутоа, алкохолот е легализиран и секојдневно гледам пациенти кои завршуваат со цироза. Сите ги знаеме штетните дејства од алкохолот, за цигари да не зборувам. Од тутун се добива карцином на бели дробови, од марихуана се’ уште никој не добил карцином. Треба некако да се регулира, меѓутоа многу полиберално од тоа што е сега. На некој што нема надеж, да му ја скратите надежта бидејќи ‘не е медицина базирана на докази’, тоа е малку нехумано“, нагласи Беќаровски.
Зборувајќи за искуства со деца и екстракти од канабис, специјалистот педијатар Аспазија Софијанова потенцираше дека кај новороденчињата кои страдаат при раѓање, кога има примарна оштета, може да се превенира секундарна оштета на мозокот. Тоа, според неа, е клучно во педијатријата.
„Под број два, светските студии укажуваат дека билката може да спречи дополнително уништување, односно умирање на мозочните клетки. Под број три, што правиме со аутизмот? За жал, аутизмот е зголемен за седум пати! Дел од екстрактот од канабисот, кој нема психотично дејство, делува на човековите рецептори. Аутистичните деца и оние со спектар на аутистични состојби со пореметувања во говорот, тантруми, пореметувања кое не можете да го спречите, студии покажуваат дека канабисот може многу да им помогне, особено во намалување на епизодите каде други лекови не делуваат“, нагласи таа.
Од пред година дена, вели Софијанова, добивме препарати за епилепсија, и другите за аутизам. Тоа се две состојби за кои можеле да вршат испитувања со потпис од родителите.
„Ако аутизмот се препознае до тригодишна возраст, постојат одредени стимулативни техники за враќање на дел од функциите. Но, детето може да не го вратите со игри, со психолошко-педијатриски приоди, да нема начин да се оттргне отсутноста во однесувањето… Затоа ние селектиравме десет деца со аутизам, не со спектар на аутизам. Од нив, седум покажаа одредено подобрување во повторувачките состојби“, потенцира Софијанова.
Во однос на болки кај децата, на фамилијата, болка и за сите што се справуваат со цитостатици, таа прашува – што е подобро, да се остави таква, или болката да се минимизира?
„Постојат и студии кои велат дека може да се намали и туморот“, нагласи Софијанова.
Специјалистот психијатар Дарко Костовски смета дека многу е важно што се покренуваат вакви прашања за канабисот, особено од здруженија како „Билка“ и „Зелена алтернатива“. На темата не треба да се гледа со сензационализам и непотребни моралистички компетиции „дали ова е мала врата за декриминализација“. Во принцип, вели тој, зборуваме за се’.
„Гранката од која што доаѓам е многу сензитивна, а работам во земја и припаѓам на народ кој повеќе се плаши од ментално растројство, отколку од канцер. Тоа како оригинал на еден менталитет можеби и не е толку лошо, меѓутоа во контекст на некои моменти што треба да еволуираат, навистина преставува инхибиција, во развој на одредени новитети кои може да имаат позитивен ефект“, вели Костовски.
Според него, забележителен е процентот на луѓе што почнале да користат опијати, само затоа што биле дел од „бесмислените војни на претходната држава“.
„Зборувам за генерациите што служеле воен рок 1990, 1991-ва година. Има забележителен број на лица со примарно психијатриско растројство, а ги олеснувале своите симптоми со канабис, или некои психоактивни супстанци“, вели Костовски.
Од Здружението „Билка“ се залагаат за целосна декриминализација на канабисот. Под декриминализација, велат тие, се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки, или нивна замена со некривични санкции во услови кога постојат меѓународно правни пречки за легализација. Како во медицински, така и во рекреативни цели.
„Не само што очекуваме повторно да се отвори законот (за промени н.з.), туку и работиме и притискаме. Сите знаеме дека првичното законско решение беше, да речеме, недоработено, односно донесено ‘набрзинка’. Така да, во тој дел очекуваме и бараме измена на Законот за контрола на опојни дроги и останатите законски решенија кои го регулираат ова прашање. Во однос на декриминализацијата, тоа е интересно прашање. Наше е како невладина организација да притискаме со проекти, настани, лобирања и сл., а сега сме и во некоја почетна комуникација со надлежните институции. Да зависи од нас, тоа и утре би се случило, но одлучувачките фактори не се во невладиниот сектор“, рече Јанаки Митровски од „Билка“.
Бојан Шашевски