Растат казните за професорите и за високообразовните институции

Околу илјада евра казна ќе плати професорот којшто на почеток на студиската година нема да им ја предложи на студентите литературата која ја обезбедува Министерството за образование.

RSE

Од 3 до 5 илјади евра изнесува казната доколку не е ажурирана веб страницата на универзитетот со новата литература за студентите која ја обезбедува и печати Министерството.

Од 5 до 7 илјади евра ќе треба да плати ректорот доколку во наставата не вклучи истакнат стручњак од практиката на соодветната образовна област или ако не организира практична настава за студентите. Казна за ректорот следува и доколку не ги објави на веб страна резултатите од самоевалуацијата.

Новата максималната казна предвидена за високообразовните институции изнесува 35 илјади евра.

Ова се дел од измените во законот за високо образование којшто неодамна беше донесен по скратена постапка во собранието.

Опозицијата обвини дека Владата и министерот најдрско ги потиснаа професорите на дното на образовниот систем, додека, според власта, глобите се оправдани.

„Сме инвестирале во превод на разни учебници, од најреномирани држави кои според шангајската листа се на врвот од рангирањето, и зошто да не ги употребиме тие учебници, зошто да не ги надградиме знаењата на нашите студенти како идни академски граѓани со научни истражувања за кои цел свет ги прифаќа резултатите и научните достигнувања на тие автори кои ние ги преведуваме како Влада и Министерство“, вели заменик министерот за образование Сафет Незири.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираше дека опозициската партија нема кредибилитет да говори за образованието, затоа што токму во времето на СДСМ високо образовните установи биле опустошени, наставно-научниот кадар под постојан политички притисок, а студентите станале социјално загрозена категорија.

Извор: Радио Слободна Европа