Расте трендот на електрични и хибридни возила во Македонија, но значително побавно во споредба со земјите од регионот и ЕУ

Бројот на електрични и хибридни возила по улиците во Македонија постојано расте низ годините, но значително побавно во споредба со земјите од Европската Унија и регионот. Податоците кои ги доби Skopje.IN од Министерството за внатрешни работи (МВР), покажуваат пораст на бројот на регистрирани електрични и хибридни возила низ годините.

Изминатата година биле регистрирани вкупно 3.136 хибридни возила, во споредба со 2.331 во 2021 година. Во меѓувреме, регистрирани се 476 електрични возила во 2022 година, а 274 возила во 2021 година.

Причините позади тоа што трендот на ваквите возила е значително побавен се неколку. Некои од нив се однесуваат и на нивната цена, несигурноста кај населението поради непостење соодветна инфраструктура од брзи полначи, но и поради тоа што не постои интерес, ниту иницијатива од власта да се направи нешто посериозно на ова поле, вели Оливер Велковски.

Велковски од Здружението за промовирање на електрични возила „Електромобилност Скопје“ за Skopje.IN објаснува дека во изминатиот период бил забележан одреден интерес кај неколку општествено одговорни компании кои ги апсолвирале бенефитите и инвестирале, или се во процес на инвестирање во електрични возила и сопствени полначи.

„Но, сепак ваквиот број на е-возила е дотолку мал што е занемарлив во однос на вкупниот број на возила во државата“, вели Велковски.

Хибридни и електрични возила во Македонија
Infogram

Инфраструктурата поттик за зголемена електромобилност

Во Македонија главно доминираат наизменичните полубрзи полначи 22kW со Type 2 приклучок од кои најголемиот дел се поставени од ЕВН, на јавни паркинзи, пред неколку хотели и маркети, објаснува Велковски, кој додава дека тие се околу 40-тина.

Истовремено, тој додава дека Прокредит Банка во соработка со свои клиенти има поставено околу 20 вакви полначи, но и неколку компании, пред бензински станици, хотели, ресторани и деловни објекти.

Инфраструктурата за полнење на електричните возила е еден од главните фактори и предуслов за интеграција на електричните возила во државата“, дециден е Велковски.

Ваквите полначи се поставени во најголем дел во Скопје, а останатите во поголемите градови, и нивниот број изнесува помеѓу 80 и 90.

„Кога станува збор за полубрзи полначи, а апропо бројот на е-возила кои сообраќаат низ нашите улици, во моментов сметам дека бројот е оптимален за урбаните средини, доколку сите се оддржуваат исправни и бидат достапни за користење“, смета претставникот на „Електромобилност Скопје“, кој исто така укажува на проблемот со заземање на местата за полначи од останатите возила, што предизвикува проблем за сопствениците на електрични возила.

Според него, она што е многу значајно кога се зборува за инфраструктурата од полначи се брзите, еднонасочни полначи над 50 kW кои вели дека нудат дополнителна сигурност на сопствениците на електрични возила слободно да се движат низ државата без ограничувања.

„Непостоењето на доволен број на вакви полначи претставуваат главен проблем во нашата држава кога станува збор за електромобилноста. Македонија е релативно мала држава – најдолга релација е околу 200 км, и со едно полнење на батериите може да се стигне на било која локација, но сепак постои одредена несигурност при патување на подолги релации. Во нашата држава во моментов само на две локации има вакви брзи полначи, од кои едната се наоѓа во близина на граничниот премин Богородица на бензиска станица – на влез кон Македонија од Грција, со моќност од 100 kW а другата локација е во кругот на деловнитот простор на импортер за возила во Скопје каде се лоцирани два брзи турбо полначи со моќност од 320 kW“, објаснува Велковски.

Според него, најважно кога станува збор за инфраструктурата е поставување брзи полначи на патните коридори, односно на патните правци од граничниот премин од Србија кон Бугарија и Грција во два правци.

„Имајќи ја во предвид праксата во ЕУ за оптимално поставување на полначи на патни правци 50-80 км помеѓу два полначи, сметаме дека со 12 полначи во прва фаза би се задоволиле првичните потреби за електричните возила од државата но и на странските туристи кои доста често со своите електрични возила знаат да нè заобиколат поради постоење на несигурност за начинот на дополнување на батериите од своите автомобили“, смета Велковски.

Бесплатните паркинзи скоро и да ги нема

Паркинг местата за електрични автомобили кои ќе бидат бесплатни и без ограничувања за време на престој, освен на резидентни паркинг места доста често е еден од стимулативни мерки кои ги обезбедуваат локалните власти согласно праксите во ЕУ, според Велковски.

Но, тој смета дека во Македонија, бесплатното паркирање за електричните возила, градските власти најчесто го гледаат како губење профит на нивните јавни претиријатија иако, како што вели, ваквите возила во нашата држава е многу мал.

„Во моментов бесплатно паркирање за електрични возила е овозможено само од три општини во државата – Струмица, Битола и Охрид. Во моментов во Скопје бесплатно паркирање за еколошките возила нема, иако до пред некое време Општина Центар ја овозможуваше оваа бенефиција на паркинзите со кои стопанисува ЈП Паркинзи на О.Центар (ПОЦ)“, вели Велковски.

Но, со промена на Правилник на ПОЦ, се укинале и паркинг местата за електрични и хибридни возила, додава тој.

„Како здружение се обративме до ПОЦ од каде што ни одговорија дека ваквата бенефиција се укинува под изговор дека немаат доволно паркинг места на нивната територија, што според нас тоа не е издржана причина за ваквата мерка. По однос на ваквата одлука на ПОЦ се обративме по маил и до градоначалникот Герасимовски, но до денес немаме одговор по однос на ваквата Одлука на ПОЦ и нашите предлози кои му ги доставивме“, вели Велковски.

Моментално, бесплатно паркирање за електричните и приклучните хибридни возила е овозможено само на паркинг позициите на кои има поставено полначи, но само за време додека трае полнењето, а потоа сопственикот мора да го премести своето возило, додава претставникот на „Електромобилност Скопје“.

Владата и институциите да покажат пример

Кога се зборува за тоа како да се зголеми употребата на електрични и хибридни возила, прстот треба да се насочи кон Владата и институциите со кои таа управува, смета Велковски.

Тој дополнително додава дека Европската Унија подолго време интензивно работи кон изготвување регулативи за интеграција на електрични возила и поставување соодветна инфраструктура од полначи на територијата.

„Ваквата регулативата е дел од климатскиот пакет на ЕУ, насловен Fit for 55, чијашто цел е емисиите што се штетни за климата до 2030 година да се смалат за 55 проценти во споредба со нивото од 1990 година. Она што следи како нареден чекор е најстариот континент на Светот до 2050 година да постигне целосна јаглеродна неутралност во поглед на климата“, вели Велковски.

Истовремено, тој е дециден дека Македонија за влез во ЕУ ќе мора ваквите регулативи да ги инкорпорира во рамки на македонското законодавство и истите да почне да ги применува, вели Велковски.

„За што е потребно веднаш да се реагира и да се почне со применена на препораките на ЕУ кога станува збор за електромобилноста. Еве ќе наброиме некои такви директиви и регулативи чисто да ни стане јасно за што зборуваме: Renewable Energy Directive (2009/28), Fuel Quality Directive (2009/30), Clean Vehicles Directive (2009/33), Regulation of pollutant emissions, Regulation of CO₂emissions, the Directive 2014/094 on the deployment of infrastructure for alternatively fuelled vehicles…“, објаснува Велковски.

Со цел електричните возила да станат подостапни за граѓаните, државата треба да преземе мерки.

Во контекст на ова, Велковски посочува дека за да се види и вистински ефект за намалување на загадувањето на воздухот од сообраќајот, треба, според него, најпрвин да се намали увозот на половни возила под ЕУРО5 стандард.

Паралелно пак, вели најголемите загадувачи како што се автобусите од јавниот превоз, такси компаниите, дистрибутерите, поштенските сервиси и слично да се мотивираат и поддржат за да ги заменат своите стари возила со ниски емисиони стандарди со возила на електричен погон.

„Владата и државните институции е потребно да бидат пример и први да го почнат процес на замена на својот возен парк со електрични возила, но повеќе од аспект на функционалност, а не од луксуз. Ако се потсетиме на 83-та седница на Владата во јуни 2021 година беше разгледана информација со компаративна анализа на увозни давачки при набавка на електрични и хибридни возила, споредени со увозни давачки при набавка на возила со дизел или бензински погонски мотори што ја подготви Царинската управа“, вели Велковски.

„Врз основа на ваквата анализа, Царинската управа предлагаше при набавката на возилата од страна на државните институции да се земат предвид возила сo потекло од земјите со кои нашата држава има договор за користење на преференцијални стапки за увоз на нови возила од 0 проценти царина, како ЕУ, Турција или Велика Британија. При тоа на оваа седница беше донесен заклучок сите владини институции во следните набавки задолжително да планираат понуди на електрични или хибридни возила или возила кои користат најмалку загадувачки горива. Овие заклучоци како идна пракса при набавка на моторни возила, Владата укажа дека ќе им ги препорача и на локалната самоуправа, како и на сите институции од управата, правосудните органи и другите буџетски корисници. Дали е нешто постапено во врска со овој заклучок искрено немаме информации, а да имаше нешто сигурно медиумски ќе се презентираше“, додава тој.

Најавените субенции никогаш не се реализираа

Иако беа најавени, субвенции за набавка на електрични и хибридни возила никогаш не се реализираа, тврди Велковски.

Тие беа најавени во предлог-мерките од Владата во 2018 година како дел од Планот за чист воздух, во услови кога Македонија беше една од прворангираните држави во светот по аерозагаденост.

Велковски е дециден дека, од оваа перпектива, после 5 години, тие биле само една популистичка мерка за ублажување на тогашните обвинувања на граѓаните за аерозагадувањето.

„Инаку, ќе потсетиме само дека Заменик министерот за животна средина во тоа време даде една ветувачка изјава ‘Планот за чист воздух е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија за заедничка акција и здрава иднина’ која на нас како Здружение и поддржувачи на електромобилноста ни даваше надеж дека работите конечно ќе тргнат од мртва точка“, вели Велковски.

Дополнително, тој објаснува дека согласно Планот, Министерството за економија една година подоцна изработило Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за возила во кој било предвидена програма за субвенционирање за купување на возила на електричен погон.

„Предлог законот во собраниска процедура при второто читање беше изменет и од текстот на истиот беше отстранета „Програмата за субвенционирање за купување на возила на електричен погон“, без никој притоа да даде објаснување зошто е тоа направено, ниту од предлагачот на законот, ниту од пратениците, ниту пак од страна на Министерството за животна средина. Така накратко заврши и оваа приказна“, посочува Велковски.

Според него, секоја држава која има јасна цел да ја приближи електромобилноста кон граѓаните, потребно е да има своја политика и стратегија како тоа планира да го спроведе и во кој временски период.

„Електричните возила и инфраструктурата од полначи кај повеќето земји од ЕУ веќе се соодветно регулирани во нивните законодавства, а начинот на кој ги мотивираат граѓаните да ги заменат своите стари возила со електрични се најразлични, почнувајќи од директни субвенции при набавка на возила и полначи, намалени увозни давачки, намалени трошоци при регистрација, бесплатни паркинзи, бесплатни патарини, привилегирани движење во централни градски средини каде не е дозволено движење на возила со внатрешно согорување, движење по брзи ленти и слични мерки“, објаснува Велковски.

Субвенциите за набавка на електрични возила, вели дека се една од главните стимулативни мерки за мотивирање на граѓаните за замена на своите возила со внатрешно согорување со електрични.

„Никој од централната власт не пројавил интерес да зборува со граѓанскиот сектор околу субвенциите или пак на некоја друга тема од аспект на тоа како да ги приближиме електричните возила да станат подостапни до граѓаните. Зошто е тоа така искрено не би можеле да дадеме одговор, иако ние редовно испраќаме иницијативи преку кои би ги испровоцирале надлежните да размислуваат повеќе кон оваа тема и со надеж дека ќе не повикаат како граѓанискиот сектор на состаноци и дебата“, дециден е Велковски.

Тој не се согласува со ставот дека државата нема средства за вакви проекти, и посочува на еколошките такси при регистрација на возилата и надоместокот за финансирање активности од областа на животната средина за секое потрошено литро гориво од граѓаните и компаниите.

„Средствата кои се прибираат од сопствениците на возила со внатрешно согорување бидејќи на некој начин придонесуваат кон загадувањето на воздухот, логично е истите да се насочат во еколошки проекти кои ќе придонесат кон подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот од сообраќајот, како што е електромобилноста. Зошто тоа не е така, треба да се запрашаат надлежните во соодветното Министерство. Во таа насока Здружението за промовирање на електрични возила Електромобилност Скопје апелира до Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата најбрзо што можат да ги насочат ваквите средства прибрани од граѓаните под таканаречени еколошки такси во фонд со помош на кои ќе се стимулира електрификацијата на транспортот во нашата држава“, дециден е Велковски.

Истовремено, здружението на Велковски доставило и предлог-иницијатива за годишната програма за работа на Владата за 2023 година, каде побарале во рамки на Законот за данок на додадена вредност да се овозможи повластена даночна стапка што би била дополнителна стимулација на граѓаните кои би се одлучиле своето старо возило да го заменат со електрично.

Ваквата мерка, тој вели дека е поднесена поради се уште високата цена на електричните возила, а со цел дополнителна поддршка на граѓаните при увоз на електрични возила, но, од надлежните институции сè уште не добиле одговор, иако предлогот го доставило пред крајот на минатата година.

„Она што се обидуваме постојано да го укажеме до Владата, институциите и локалните власти е дека дел од овие предлог иницијативи и промени во законските и подзаконските акти се од времен карактер се додека не се постигне целта и додека ваквите возила не станат финансиски достапни до граѓаните“, посочува Велковски.

Иако Skopje.IN постави прашања до Владата во однос на повеќе аспекти поврзани со бесплатни паркинзи за електрични возила, инфраструктура од брзни полначи, немањето субенции и слично, до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Skopje.IN