Министерството за образование и наука го објави Протоколот за како да постапат средните училишта при реализирање на испитите од државната матура за учебната 2020/2021 година. Оттаму нагласуваат дека организаторите на полагањето ќе сносат полна одговорност за контрола и правилно спроведување на протоколните мерки.
Па така, во Протоколот се наведува дека во средните училишта каде се реализира државната матура потребно е да бидат обезбедени санитарно- игиенски услови. Средствата за дезинфекција да се постават пред училиштето и да се врши задолжителна дезинфекција на рацете на сите ученици и сите инволвирани во реализација на државната матура пред да влезат во училиштето.
„При влегување во училиштето да се врши мерење на температурата на секој ученик и секој инволвиран во реализација на државната матура, како и дезинфекција на рацете. Сите учесници во реализацијата на државната матура (ученици, тестатори, набљудувачи и членови на Училишните матурски комисии, редари, хигеничари) задолжително да носат заштитна маска на денот на испитите, за цело времетраење на истите. Учениците согласно утврден распоред влегуваат во училниците во периодот од 9.15 до 10.00 часот“, се наведува во Протоколот.
Учениците задолжително треба да носат документ за лична идентификација и прибор за пишување. Меѓу нив треба да одржуваат најмалку 2 метри растојание, а во една просторија може да присуствуваат најмногу 15 кандидати.
„Да се означат влезовите за влез и излез од местото каде што ќе се одржува полагањето, како и патеки за еднонасочно движење, со поставени ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето. Да има организирана редарска служба во училиштето, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред влегувањето и внатре во училиштето, и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари за во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште“, стои во Протоколот.
Во него се споменува дека е задолжително да се врши дезинфекција на клупите и столчињата во просториите каде ќе се врши полагањето на учениците, со дезинфекционо средство кое делува на вируси според упатство од производителот. Просториите во кои се реализира државната матура, пред почеток на испитите да се проветруваат или доколку овозможуваат временските услови да се остава отворен прозорец.
„По завршување на полагањето учениците да го напуштат просторот движејќи се по означените насоки на движење. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства. На крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот. Алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини“, се посочува во Протоколот.
Но, покрај овој, од МОН велат дека важи и Протоколот за постапување на средните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.