Најпрво, во оваа средина одговарам како индивидуалец, а причинител за истиот акт се морничавите идеи креирани од егоисти секогаш пробувајќи да си го извлечат својот опаш на безбедно место. Битката е сурова, борбата за опстанок е постојана, а реалноста е немилосрдна и не толерира алтруисти, бидејќи истите се покажувани со прст и исмејувани како наивни луѓе во свет со машини. Сфатете го текстов како сакате, меѓутоа јас не сакам да бидам дел од целиов циркуз кој е смешен за сите што го гледаат од страна. Не сакам да бидам уште една сива и правоаголна тула во ѕидот, бидејќи моите гледања и разбирања не се исти како твоите, исто како што твоите не се исти со на тој што седи до тебе. Не одам подалеку, туку ќе се задржам на нашево парче земја, со толку многу дипломи, а толку малку мозок.
Ќе почнам со главниот причинител на ваквите околности – образовниот систем. На момент, навистина се прашувам дали сме ние војници или сме всушност ученици кои треба да имаат цврсто и објективно образование, со реална заслуга како производ од истиот. Е сега, каде лежи зајакот? Дали е проблемот во учителките од трето одделение кои не` учеа да ја рецитираме „Ленка“ на памет, или пак во средношколските професори на кои воглавно целта им е да научиме 90 страници за тест, со ископирана скрипта како додаток, за по добиената оценка да си свиркаме по пат накај дома, со свидителство и просек 5.00? Кој е бенефитот потоа? А од друга страна пак, зошто оценки од еден до пет? Зошто не до 10, до 20, до бесконечност? Зошто не зборови? Зошто не оформена личност, туку оформен калап со висок просек?
Секое утро, маршот е во исто време. Подредени, еден до друг, еден позади друг. Во иста линија, во иста облека, со исти предмети. Раз, два, три – налево! Но до кога вака? До кога стравот во детските очи ќе ви причинува внатрешно задоволство? До кога ќе се тресеме на табла само поради тоа што сме заборавиле два збора од дефиницијата која била напишана во учебникот? Всушност, затоа имаме учебници, треба и содржината да се знае, не? Јас сум убедена и не може никој да ме разубеди дека половината од нив го чуваат Тито позади вратата во спална. Времето поминува, не е моја вина, меѓутоа поради авторитетот – извинете! Која е целта да ти се тресе вилицата од страв пред некој што е дојден да те научи, пред личност која е тука да го сподели своето знаење со тебе, да те претвори во образована и подобра личност? Кој е фидбекот на ученикот од таквото поставување? Или пак, што е уште поважно, кога ќе се вклучи алармот за неефикасноста? Исклучоците постојат, ги има и секоја чест, меѓутоа тие се премалку во ова море полно со квантитет без квалитет.
Драмата немаше да биде иста, доколку на крајот не кулминираше со екстерното тестирање. Пардон, ЕКСТРЕМНОТО тестирање. Се нервиравме и претходно кога се ставаа оценки од ракав, но сега ќе се нервираме двојно повеќе кога неписмени ученици ќе извадат петка, затоа што најверојатно и Лото да играат, можат да добијат седумка. Или што е уште подобро, умеат да ја изгуглаат реченицата на нивниот таблет поврзан на училишниот интернет. Меѓутоа, ние како средношколци треба да сме подготвени во секое време. Како тоа професорот во втора година ти ставил петка, а ти не го знаеш материјалот од четврта? НЕПИСМЕНА! Резултатот е намален просек. Мојата вечна и никогаш неисполнета желба е на планетава да владее хармонија и правдина во целост. Секој да си го добие она што го заслужил, ниту грам повеќе! Арно ама, не со два предмети од цели четиринаесет во втора година. Затоа што ефикасноста од ова ја има само во некој паралелен универзум. Четиринаесет од четиринаесет, четирипати годишно, добри компјутери, добар интернет, десет ученика во училница, десет професори. Ако веќе сме роботи – да бидеме јуначки и до крај.
Сакам да учам за себе, затоа што учењето за оценка е како живеење од викенд за викенд. Сакам заслужена диплома, сакам образовано општество, а не субјективни умови. Сакам другари и другарки, индивидуалци, а не роботи или војници кои треба да маршираат по училишните ходници. Затоа што мојот ум не е ист ко на останатите. Не е албум за сликички со дупликати кои се менуваат со пријатели. Нека се вклучи веќе таа сирена, алармот за подобро образование, бидејќи се` на се`, на ѕидот му е доволно од исти тули.
Софија Павловска, член на медиа/арт клуб Скопје
Текстот е оригинално објавен тука.