Алијансата „Разбистри сè“ со соопштение до јавноста вели дека во изминатиот период соработката со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и со в.д. директорката Ана Петровска се одвивала секојдневно, па изразуваат жалење за одлуката на Владата да ја разреши. Истовремено, реагираат на коментарите на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, во кои, велат тие, ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на ДИЖС.
Нагласуваат дека во Алијансата „Разбистри сè“ е вклучен и активно учествува ДИЖС, кој се приклучи како партнер во уште во декември 2020 година.
„ДИЖС учествува во неформалното тело Граѓански инспекциски совет, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво“, стои во реакцијата на „Разбистри сè“.
За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС.
„Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска. Потенцираме дека во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и истата беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска“, се вели во реакцијата на „Разбистри се’“, зад која стојат повеќе организации и иницијативи:
- Институт за комуникациски студии
- Здружение на граѓани ЕКОВИТА Неготино
- Не биди ѓубре
- Гоу Грин
- Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје
- Новинари за човекови права
- Рурална коалиција
- Еко-живот
- Фондација Фокус
- ЗГ Чејнџмејкерс, Гевгелија
- ЦЕД Флорозон
- Меѓународен центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО
- Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
- Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
- Здрава котлина Струмица
- Центар за управување со знаење
- Еко Герила
- Центар за истражување и креирање политики
- Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ)
- О2 Иницијатива
- Центар за правни истражувања и анализи
- Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ
- РГД Геосфера
- Здружение за ромско-турско пријателство „Ромско јато Битола“
- Македонско здружение на млади правници
- Никушевски Тони