Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (ГБСК) во Скопје најавува разговор со поетесата и писателка Виолета Танчева-Златева, чиј роман „Бела Сама“ е книга на месецот, на 6 ноември, среда во 19 часот.
„’Бела Сама’ е семеен роман за тагата, загубата, осаменоста и себеприфаќањето. Тоа е книга за вечната борба меѓу доброто и злото, меѓу градот и селото, за комплицираните семејни релации“, се вели во соопштението.
Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„’Бела Сама’ е и Бела и Сама, впрочем, како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето време што можат да го видат само нашите внатрешни очи. Виолета Танчева-Златева на топол хуманистички начин токму ним им дава право на глас и со тоа им нуди четиво за промислување, за сеќавање, за поддрша и дејствување“, пишува Лидија Димковска за книгата.
Виолета Танчева-Златева (1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „АКТ“ и на списанието на ДПМ „Стожер“. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје. Ги има објавено следните книги проза: Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999); епистоларниот роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), романот Бела Сама (2023).
Разговорот со авторката и книгата на месецот се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што ГБСК ја води трета година по ред. Во рамките на кампањата месецот завршува со Клубот на читатели – неформална средба на оние што ја прочитале или сакаат да ја прочитаат книгата на месецот.
„Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека ѝ го донесе признанието Промотор на читачката култура што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.