Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ утре, среда 5 февруари, од 19 часот ќе има разговор со Иван Шопов, чија „Зентрифуга“ е книга за месец февруари во сите библиотеки на ГБСК, дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“.
Од Библиотеката потенцираат дека „Зентрифуга“, издание на „Бегемот“, е збирка раскази полни хурмор, иронија, пародизација и очудување.
„Расказите се навидум едноставни, напишани со лесен, разбирлив стил. Но, всушност, тие во себе содржат подлабока тематика бидејќи, преку неочекуваните духовити пресврти, ги откриваат и ги разнишуваат цврсто изградените, конзистентни етички гледишта на зен приказните, често со шокантен резултат“, ќе запише Калина Малеска.
Разговорот со Шопов ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
Книгата на месецот, разговорот со авторот и Клубот на читатели се препознатливите активности на големата кампања „Читаме современи македонски автори“. За кампањата во 2024 година ГБСК ја доби наградата Промотор на читачката култура што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Настанот е дел од програмата Скопје европска престолнина на културата 2028.