Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје утре (четврток) ќе се одржи разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, чија стихозбирка „Сега ТИ стануваш ЈАС“ е книга на месецот.
Разговорот ќе започне во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“, а ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Сега ТИ стануваш ЈАС“ во издание на „Чудна шума“ е последната, осма книга од вториот циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“ која ги промовира македонските писатели и македонскиот јазик.
„Д.А. Лори својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ ја издава во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата ֦Тодор Чаловски֞ за 2019 година, по што излегува четврта книга ֦Ќе фатит бран”. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка 100.000 поети за промена и е-книгата Поетискон, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Нејзината поезија е објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на Антево Слово, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата. Нејзините стихови се превдени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански. Во 2023 година излезе нејзината петта поетска збирка „Сега ти стануваш јас“ во издание на Чудна шума“, велат организаторите.
Со стихозбирката, библиотеката го заокружува вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ во кој имаше и жанровска разноликост – раскази, репортажи, романи и поезија. Организаторите велат дека токму нивната кампања ѝ го донесе признанието Промотор на читачката култура што го доделува Македонска асоцијација на издавачи (МАИ).
Третиот циклус од „Читаме современи македонски автори“, со нови осум автори, како што најавија ќе започне во септември оваа година и ќе трае до мај 2025 година.