Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го најавува разговорот со Живко Грозданоски, авторот на книгата на месецот, „Писмо за Глорија“.
„Писмо за Глорија“ (издание на Или-Или) е слоевито дело, кое меѓу другото говори и пишувањето како еден вид терапија. Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература“, вели Фросина Пармаковска во освртот кон романот.
Настанот ќе се одржи в среда, 3 април во 19 часот во спомен- собата „Т’га за југ“. Разговорот со Живко Грозданоски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (ЗПРМ). Периодов е посветен на организација и изведба на работилница по креативно пишување автофикциски расказ „по природниот тек на нештата“.
Разговорот и книгата на месецот се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што Библиотеката ја спроведува веќе втора година како поддршка на домашната издавачка продукција и силна промоција на македонскиот јазик. Во рамките на кампањата крајот на месецот секогаш се заокружува со Клубот на читатели посветен токму на книгата на месецот.