Разговор за научната фантастика со Игор Раиден и Зориа Петкоска Калајџиева во среда во кафе-книжарницата „Илика“

Кафе-книжарницата „Илика“ во среда (12 јуни) во 19 часот организира уште еден разговор, овој пат посветен на научната фантастика.

За научната фантастика во книжевноста, ќе зборуваат Игор Раиден за неговиот роман „Издигнување“, како и Зориа Петкоска Калајџиева која е преведувачка и приредувачка на текстуалните содржини на арт-зборникот „Верлосен“ на Симон Калајџиев.

„’Издигнување’ е научно-фантастичен роман, прв дел од серијалот ‘Омнивалентност’, чиешто дејство се одвива во блиската иднина, 2037 година. Човештвото се наоѓа среде интер галактички конфликт на цивилизации кои го создале кодот на универзумот. Една од нив оставила свое генетско наследство на Земјата. Оттука започнува сѐ. Романов заговара поинаква еволуција на човештвото: кон солидарност, доверба и емпатија, искоренување на насилството, обединување околу заедничките придобивки и кон разбирање и прифаќање на различностите. ‘Верлосен Арт – зборник’ е иновативно издание од областа на научната фантастика кое содржи 70 цртежи од серијата насловена ‘Аракнајтс Готика’, како и 20 записи од 14 автори-приложувачи напишани како дополнување на цртежите. Автор на книгата е ликовниот уметник Симон Калајџиев, а преведувачка и приредувачка на текстуалните содржини е Зориа Петкоска Калајџиева“, се посочува во најавата за настанот.