Разни поетски настани, домашни и странски учесници на годинешниот „Скопски поетски фестивал“

Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарницата „Буква“ ќе бидат локациите каде од 29 мај до 1 јуни ќе се одржи четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал.

Како што најавуваат организаторите, на фестивалот ќе гостуваат поети од Норвешка, Ирска, Словенија, Грција, Хрватска и од Србија, а ќе настапат и дваесетина домашни поети. Официјалното отворање е закажано за 30 мај во 20 часот во МКЦ со настанот наречен „Борба. Не војна!“.

„Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастерклас или работилница за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа за гостите од странство“, соопштуваат организаторите.

Годинешното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета.

***

Подолу се деталите од програмата на „Скопски поетски фестивал 2024“:

ПРЕДНАСТАНИ

29.5.2024 | Кафе-книжарница „Буква“
20:00 | „Отскочна даска“ – поетско читање на млади поети на возраст од 16 до 25 години.

30.5.2024 | Младински културен центар ‒ Скопје (бифе МКЦ)
18:30 | „Диптих“ #3 ‒ Поетско читање и разговор со авторите Танос Гогос („Глазгов“) и Џејмс О’Лери („Сакрамент за болните“), модериран од Јулијана Величковска.

ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА

30.5.2024 | Младински културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“)
20:00 | Официјално отворање: „Борба. Не војна!“
• „Сонцето денес не изгреа“: театарски танцов перформанс на Енџи Николоска и Бојан Лазаров по мотиви од поезијата на учесниците.
• Ликовна изложба на Тома Димовски
• Поетско читање
Учесници: Одвеиг Кливе (Норвешка), Марко Погачар (Хрватска), Танос Гогос (Грција), Вероника Динтињана (Словенија), Џејмс О’Лери (Ирска), Данило Лучиќ (Србија), Катица Ќулавкова, Славе Ѓорѓо Димоски, Викторија Ангеловска, Ивана Јовановска, Владимир Лукаш, Ива Петреска, Саранда Мехмеди, Наим Иљази, Александра Спасеска и избраниот млад поет/поетеса на Отскочна даска

31.5.2024
Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Скопје
11:00 ― 12:00 | Мастерклас: Работилница за поетски филмови наменета за млади, што ќе ја одржат Одвеиг Кливе и Бјорн Леив Гулбрандсен од Норвешка и Џејмс О’Лери од Ирска.

Младински културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“)
19:00 | Проекција на поетски филмови од Одвеиг Кливе (Норвешка) и Џејмс О’Лери (Ирска)

20:00 | Интернационално поетско читање
Учесници: Одвеиг Кливе (Норвешка), Марко Погачар (Хрватска), Танос Гогос (Грција), Вероника Динтињана (Словенија), Џејмс О’Лери (Ирска), Данило Лучиќ (Србија) и Катица Ќулавкова (Македонија).

1.6.2024
• Прошетка во околината на Скопје и поетско читање во природа за гостите од странство
• Јога-час одржан од Љубица Митревска