Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче доби нова в.д. директорка, Магдалена Петревска, со што дојде до престанок на мандатот на претходниот директор Перо Арсеновски, информираат од Општина Аеродром.
Оттаму велат дека за претходниот директор имало бројни поплаки, како и дека со неговото однесување предизвикал бурни реакции во јавноста и нанел голема штета на училиштето.
„И покрај тоа што претходниот директор беше повторно предложен да раководи со најголемото училиште во Аеродром, од етички и морални причини градоначалникот Тимчо Муцунски одби да го именува на таа функција со цел заштита и одржување на угледот на училиштето, на наставниот кадар и на самите ученици“, велат од Општина Аеродром.
Претходно во декември минатата година, Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права информираа дека Граѓанскиот суд во Скопје утврдил постоење на насилство од директорот кон вработена во истото училиште.
Исто така, тие во 2019 година објавија извештај во кој побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот.