Развластениот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон и четири негови поранешни министри, се предале на белгиската полиција, информирал портпаролот на белгиското обвинителство.
Тој дополнил дека надлежен судија во понеделник треба да одреди дали ќе ја прифатат европската потерница за апсење која ја издаде шпанскиот суд во петокот.
Пуџдемон побегна во Белгија, откако Мадрид воспостави директна контрола врз Каталонија, по референдумот за независност.
Тој претходно изјави дека нема да се врати во Шпанија доколку не му се гарантира фер судење.
Тој и министрите се бараат по обвинение за бунт, поттикнување на бунт, злоупотреба на јавни средства, непослушност и нарушување на довербата. Освен Пуџдемон, на белгиските власти се предале и поранешните каталонски министри за земјоделие, здравство, култура и образование.